Поради слабиот пласман на фудбалерите, ФФМ најави засилено пуштање на спотот „Верувај во себе“

13.10.2015 15:47
Поради слабиот пласман на фудбалерите, ФФМ најави засилено пуштање на спотот „Верувај во себе“

Скопје, 13 октомври 2015

Откако македонската фудбалска репрезентација се пласираше на последното место во групата Ц во квалификацискиот циклус за ЕП 2016, а на ранг-листата на ФИФА се најде на 132-то место, од ФФМ најавија дека ќе го пуштаат спотот „Верувај во себе“ 10 пати почесто од порано.

„Нема излез од резултатската криза без соодветна стратегија, а ние го нудиме токму тоа. Проблемот го лоциравме во самодовербата и го прифаќаме нашиот дел од одговорноста за недоволното емитување на спотот 'Верувај во себе' на македонските телевизии“, изјави претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски.

Тој објасни дека лошиот квалитет на домашното првенство, недостигот од квалитетни школи, лошите терени, местенките за кои се зборува, ротирањето на преголем број играчи во репрезентацијата за кратко време, нејасната концепција на селекторите и облекувањето на националниот дрес по другарско-коруптивна линија не се проблеми што не можат да се решат со еден добар мотивациски спот.

„Не измислуваме топла вода, успешниот концепт го преземаме од македонската влада, која на сличен начин, со квалитетни видео спотови и рекламни кампањи, реши голем број проблеми во здравството, образованието, безбедноста во сообраќајот, демографската политика...“, рече Ѓорѓиоски.

На прашањето како пред 22 години А-селекцијата имаше драстично подобри резултати без никакви спотови, Ѓорѓиоски не даде прецизен одговор.

„Минатото е минато и треба да го оставиме зад нас. Треба да мислиме на она што нè очекува, да работиме на нови успеси. Веќе контактиравме со повеќе продукции за изработка на нови мотивациони спотови. Верувај во себе!“, поентираше првиот човек на македонскиот фудбал.