Скопски џез-фестивал - чудо во Европа

14.10.2015 10:09
Скопски џез-фестивал - чудо во Европа

Триесет и четвртиот Скопски џез фестивал (15-18 октомври), барем поради своето славно минато, заслужува некој збор. Не е тајна дека, од година в година – особено во последните години - организаторите се соочуват со сè посериозни тешкотии, каква што е намалување на буџетот.

Годинава уследија нови, тешки удари, кои веројатно ќе ги почуствуваат и идните фестивали, а тоа е недостиг од соодветен простор за одржување концерти. Имено, концертите со децении се одржуваа главно во култната Универзална сала, и во Македонската опера и балет (МОБ). Првата е затворена – поради долгоочекуваната реконструкција, која никако да почне. Пристапот до МОБ, пак, е обесхрабрувачки за посетителите, оти е опколен со градежни активности, кои траат како градбата на Скадар на Бојана - со тоа што овде нема вили кои го рушат она што градителите го сториле преку ден.

На денешната конференција за новинари, на харизматичниот директор на Фестивалот, Оливер Белопета, како да му беше здодевно да зборува за овие, во добра мера ноторни работи. Па ќе почекаме да слушнеме дали е загрозена иднината на Скопскиот џез фестивал. До тогаш, за потсетување на подобрите времиња, го пренесуваме текстот на нашиот соработник, посветен на Триесеттиот Скопски џез фестивал.

 

Скопски џез-фестивал - чудо во Европа

 

Како инаку да се нарече фестивал на џез-музика, чиишто изданија од година на година растат? Кои и кај ригорозните стручњаци за овој идиом, во Европа и во светот, измамуваат ласкави признанија, зад кои секако стои свеста дека успехот во Скопје се остварува со неспоредливо помали сили, со поскромни материјални средства во однос на другите, дури послаби фестивали. Ако сакате - со концерти во амбиенти кои некогаш не се за фалење. Но, ни тоа не им пречи на светските ѕвезди одново да му се вратат на Скопје, воодушевени од гостољубивоста на домаќините и прифатеноста на нивната музика кај квалификуваната и благодарна публика. На овие впечатоци, чинам, не е спротивна своевремената „закана“ на големиот Мекој Тајнер кон директорот на фестивалот, Оливер Белопета: „Човеку, ако сакаш да ти доаѓам, најди пристојно пијано“.

Во изданијата на фестивалот во текот на три децении, своето умеење и труд го вградиле многу луѓе. Тие секако ја заслужуваат нашата благодарност. Нивниот ентузијазам е за почит. Во голема мера на него се должи траењето на Фестивалот. И од далеку гледам дека тој ентузијазам опстојува. Не знам со што друго да се објасни посветеноста на тие дејци во остварувањето на милион детали во организацијата на фестивалот - од првите чекори што се прават по тукушто завршениот фестивал.

Од организациската „кујна“ на фестивалот доаѓаат многу убавини - раскошни билборди, витрини со информативни постери (ситилајк), преубави постери, врвни каталози, брошури, летоци и други нешта - и во соработка со спонзорите.

Често сум бил сведок на грижа за луѓето од медиумите кои се стандардно богато хранети со разновидни материјали и информации „во живо“. Вистина е и дека тие возвраќаат со поддршка на фестивалот, која баш и не може често да се види ниту во побогати средини. Секако, заслугата за масовната посета на концертите е и нивна, па и за достигнатото високо ниво на познавањето на џезот (тоа е лесно забележливо по соодветно реагирање на публиката за време на концертите).

Во врска со приказната за Скопскиот џез фестивал, заслужува барем да се спомне придонесот на „Утрински весник“, кој секогаш систематски го следел и поддржувал како капитален културен настан - со исцрпни информации, извештаи, интервјуа и респектабилни критики.

Ова видување на јубилејот на „Скопски џез-фестивал“ не би било во ред без спомнување на големиот придонес на Оливер Белопета, неговиот незаменлив не само директор, туку и идеен и организационен двигател, нешто како Клод Нобс, директорот на развиканиот и пребогат Монтре џез-фестивал во Швајцарија.

Нека ни е среќен јубилејниот „Скопски џез-фестивал“. Знаеме дека Македонија се стреми кон Европа. По некои дострели, на пример во културата, таа е во Европа. „Скопскиот џез-фестивал“, пак, одамна е таму, ама и во светот. Со него Македонија може да се гордее. Камо среќа во државата сè да функционира како Фестивалот.

Драгољуб Марковски, Кутина, Хрватска

17.10.2011.