Панчатантра и староиндиската приказна

14.10.2015 12:30
Панчатантра и староиндиската приказна

Раскажувачката вештина го стекнала својот вистински дом во земјите на стара Индија. Богатата книжевност којашто ја создал индискиот народ во дамнешни времиња поттикнала многу мислења дека приказните, бајките и басните на овој народ се најстарите во светот, а дека другите народи само ја преземале од нив техниката на пишување, теми и мотиви од раскажувачката проза. Иако денешната наука главно ги отфрли овие тврдења, остана фактот дека на народната и уметничката книжевност на европските и азиските народи не е извршено помоќно влијание од она кое го извршиле многубројните збирки приказни, бајки и басни од староиндиско потекло. Местото кое на оваа проза денес ѝ припаѓа во рамките на светската книжевност е навистина импозантно.

Овие творби настанати по правило меѓу народот, пишувани се на разни народнојазични дијалекти, наречени „пракрити“. Нивното настанување уште во дамнешните времиња го потврдуваат некои релјефи од третиот век пр.н.е. како и големиот еп „Махабхарата“. Со подоцнежните редактирања и обработки, дидактичката и религиозна тенденција во нив се засилувала, па така, на пример, таканаречените „џатаки“ (циклуси приказни за реинкарнацијата на Буда) како и некои други книги од будистичката и џаинтистичкатата литература, се создавани главно на пракрити, а служеле исклучиво за популаризирање на религиозните идеи. Сепак, наголем дел од нив доживеале редактирање и обработка на санскрит и токму овие книги извршиле најмоќен продор во подоцнежната книжевност на другите народи. Згаснувањето на една цела литература со оглед на изумирањето на санскритот во 10 век, не ги погодило овие дела; нивната уметничка вредност и значење денес достигнаа ниво на еден од најголемите споменици на древната култура.

.......

„Панчатантра“ или „ Пет книги за основните поставки на науката за животот“ е напишана на санскрит, како што е докажано со најновите истражувања од страна на познати светски индолози. Како староиндиски книжевен јазик, во времето на настанувањето на оваа збирка (некаде кон крајот на III век), санскритот бил јазик на браманите, така што авторството на „Панчатантра“ се припишува на браманот Вишнушарман, со што воедно се негира донеодамнешната теза за врската на овој зборник со будизмот. Сепак, овој импозантен и оригинален зборник има многу интересна предисторија. Пред сѐ, книгата била замислена како прирачник за владетелите, во којшто била изложена основата на животните мудрости и доблести. Во стара Индија овој вид книги бил многу чест; една од најпознатите му припаѓа токму на познатиот Вишнугупти, советник на еден индиски цар. Исто така, фабулата на некои приказни во „Панчатантра“ е врзана за скитнички мотиви веќе познати од различни извори пред настанокот на овој зборник. Некои животински басни припаѓале, според извесни тврдења, во културното наследство на преаријското население во Индија, кое препознало постоење на приказни за животни и божества, на сродни подоцнежни будистички „џатаки“, кои имаат многу заеднички црти со мотивите во „Панчатантра“. Што се однесува до мудрите изреки од „Панчатантра“, кои ги сугериираат нормативните правила за однесување во стара Индија, и тие имаат различно потекло – од литературата на Ведите и „Махабхарата“ до законите Ману и будистичко-џаинистичките текстови.

………..

Најистакнатите дела на европската литература, почнувајќи од Чосеровите„Кентербериски приказни“ и Бокачовиот „Декамерон“, и за композициската и за тематската обработка во голема мера му должат на овој зборник басни: скоро до XII век многу збирки новели претрпеле значајно влијание од „Панчатантра“, така што овој зборник и денес се смета за еден од најуспешните обрасци за новелистичките литератури во светот.

 

Вовед

 

Во градот Махиларопји, на југот на Индија, живеел цар по име Амарашакти1, голем познавач на науката за животните мудрости. Бил моќен и славен овој цар, но имал тројца необично глупави синови - Васушакти, Уграшакти и Ананташакти. Загрижен поради нивниот недоличен однос кон науката, еден ден царот ги повикал своите советници и им рекол:

„Вам Ви е познато дека моите синови кренале раце од науката, и дека на нивната дрскост ѝ нема рамна. Само што ќе ги погледнам, ми се одмилува животот во царштинава, која така храбро им се спротивставува на непријателите. Не е залудно речено: Каква штета имаме од оној којшто сѐ уште не е роден или на кого му дошла смртта на посета? Но, оној којшто се родил глупав – тој цели живот ни задава само грижи. Или: Каква корист имаме од кравата која не дава ни млеко ни теле? Каква корист имам од син кој нема ни знаење ни почит кон постарите? Па, ве повикав вас да ме посоветувате што треба да направам за да го разбудам нивниот заспан ум.“

Откако ги ислушале зборовите на царот, советниците почнале по ред да изнесуваат што би требало да изучуваат синовите на царот, но многу брзо сфатиле дека за тој потфат било потребно многу труд и време, а животот е краток и полн со препреки. Најпосле еден од советниците му предложил на царот да го повика Вишнушарман, најмудриот меѓу мудрите, познат по своето совршенство во многу науки, кој најдобро ќе ги упати дрските цареви синови во тајните на науката за животната мудрост. На царот му се допаднал овој предлог, го повикал Вишнушарман и му рекол:

„О, голем мудрецу! Ако си способен да ги научиш моите деца да ги надминат останатите во познавање на науката за животната мудрост, ќе те наградам со стотици награди.“

На тоа Вишнушарман му одвратил на најголемиот меѓу царевите:

„О, почитуван цару! Слушни ги моите искрени зборови: своето знаење нема да го продавам дури ни за стотици дарови. Но ако твоите синови за шест месеци од денешниов ден не бидат упатени во тајните на науката за животните мудрости, ќе се одречам од својата слава. Зошто да ги трошам зборовите? Јас сум стар, имам осумдесет години, сум се одрекол веќе од сите задоволства – зошто би барал некаква корист за себе? Не ми е потребно богатство, сакам да ја исполнам твојата молба и затоа ќе се зафатам за работа во името на божествената Сарасвати2. Ако за шест месеци од денес твоите деца не ги надминат сите други во познавањето на тајните на науката за животната мудрост, нека не ми биде подарена господова милост.“

Откако ги ислушал необичните зборови на стариот браман, царот со голема доверба му ги предал своите синови во неговите раце. А Вишнушарман ги однел синовите на царот во својот дом и напишал пет книги: Омраза на пријателите, Стекнување пријатели, За враните и бувовите, Губиток на стекнатото и За непромислените постапки. Кога синовите на царот ги прочитале овие книги и ги проучиле, се исполнило ветувањето кое браманот му го дал на царот: неговите синови повеќе не биле глупави. Оттогаш науката за животната мудрост или Панчатантра служи во целиот свет за поучување на децата за животните мудрости.

Книга IV „Губење на стекнатото“

Седма приказна

Живеел во некоја шума еден сокол и еден ден пронашол мртов слон. Го надлетувал трупот, но никако не успевал да му ја прегризе тврдата слонова кожа. По некое време наишол лав. Соколот му се поклонил и му рекол:

„Господару! Земи го овој слон кој го чувам за тебе“

Лавот му одвратил дека никогаш во животот не јадел животно кое некој друг го убил, па несебично му го отстапил слонот на соколот и си заминал. Кога лавот си отишол, наишол тигар. Соколот почувствувал дека со тигарот нема така лесно да излез на крај, па одлучил да се послужи со лукавство. Му пришол полека на тигарот, се поклонил, па му рекол дека лавот му наредил слонот да го чува од некој тигар.

„Ми рече да му кажам ако забележам тигар – продолжил соколот – бидејќи одлучил сета шума да ја ослободи од твоето братство.“

Тигарот се уплашил и го замолил соколот ништо да не му кажува на лавот за неговото присуство и избезумен се изгубил во шумата. Кога тигарот побегнал, наишол леопард. Соколот се досетил дека леопардот има остри и силни заби, па одлучил да го искористи за да ја прегризе слоновата кожа. Му пришол љубезно и го повикал на гозба како гостин.

„Лавот ми го довери овој слон да го чувам – рекој соколот – но ти сепак можеш да пробаш малку месо додека тој не се врати од кај реката.“

Леопардот се уплашил, но соколот го уверувал дека благовремено ќе го извести ако доаѓа лавот. Само што леопардот ја прегризал слоновата кожа, соколот грмнал дека доаѓа лавот и овој побегнал. И така соколотот почнал да го јаде месото, кога наишол друг сокол, страшно гневен. Кога видел дека непоканетиот гостин му е еднаков по сила, скокнал врз него, убаво го искасал и го избркал далеку во шумата. Потоа му се вратил на месото и долго уживал во мрсниот оброк.

„Така и ти - продолжил мајмунот – мораш да го истераш твојот соплеменик, ако не сакаш да стане газда во твојот дом. Не е залудно речено дека од соплеменикот треба да се очекува само опасност, како што од жените се очекува само неверство. Во туѓина има вкусна храна и нежни жени колку што душата ти сака, но нам таму нè чека и една голема неволја – непријателски расположени соплеменици како што кажува приказната за песот Читранги.“

Крокодилот прашал: „Како се случило тоа?“ – на што мајмунот му го раскажал следното:

........ (продолжува... Осма приказна)

__________________________________________________

[1] Амарашакти – т.е. оној кој поседува сила на бесмртник. (Имињата на личностите во оваа книга се по правило со алегоричен карактер како што е тоа случај со цела староиндиска книжевност. Така, имињата на синовите на царот Амарашакти – Васушакти, Уграшакти и Ананташакти означуваат поими: оној кој поседува голема сила, оној кој поседува огромна сила и оној кој поседува неизмерна сила. За да се избегне непотребно објаснување на значењата на секое име, ова најчесто се изоставува во понатамошниот текст од книгата; во случаите кога се сепак задржани, приредувачот се задоволил со свртување на вниманието на нивниот алегоричен карактер со една ваква напомена.)

[2] Сарасвати - божица на беседништвото, науката и уметноста која се смета за ќерка и жена на Брахман.

 

Превод: Симона Ристевска

Извор: ПАНЧАТАНТРА, БАСНЕ; уред. Милица Дукиќ-Грбиќ. (предг. Миливоје Јовановиќ) Београд: Народна књига. 1961. 

Слики: Карен Кнор

Слични содржини

Општество / Книжевност / Теорија / Историја
Фотографија / Книжевност / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото