Ѓорѓе Јовановиќ на групната изложба „Разобличување“ во Белград

14.10.2015 14:36
Ѓорѓе Јовановиќ на групната изложба „Разобличување“

Ликовниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ учествува на групната изложба и дискусија „Разобличување“ која ќе се одржи на 15 октомври во Центарот за културна деконтаминација (ЦЗКД) во Белград.

Разобличувањето како концепт во секојдневна употреба има негативна конотација и реферира на концептот на разоткривањето и демаскирањето и каде што тој буквално се опишува како процес на одземање или пак анулирање на некоја форма.

Ако се позанимаваме со овој поим во уметноста, може да го спротивставиме на концептот на обликувањето, или може да го гледаме како обид да се преиспитаат постојните форми на дејствување во уметноста, зададените рамки и уметнички форми.

Учесници на изложбата се Нела Хасанбеговиќ, Даниел Премец, Ѓорѓе Јовановиќ, Игор Бошњак и Горан Шкофиќ.


Уметниците кои учествуваат на дебатата „Разобличување“, Нела Хасанбеговиќ, Даниел Премец, Ѓорѓе Јовановиќ, Игор Бошњак, Миодраг Кркобабиќ и Горан Шкофиќ, своето образование го стекнаа на уметничките академии, соочувајќи се со можностите и инфраструктурата на уметничка продукција во регионот на поранешна Југославија, а потоа и во поширок меѓународен контекст и сега ги артикулираат своите искуства во уметничката продукција и образованието. Во психологијата, терминот „обликување“ се користи за да се опише практиката на спроведување на сукцесивна апроксимација на постојните одговори преку обиди и наградување на сегментите на однесување.

Дали сме водени до саканиот одговор за системот кој не постои, и ако логиката е основата на овие одговори, се прашуваме дали е таа сè уште одржлива? Како промените што се случија во областа на политиката, образованието, медиумите и културните парадигми кои се движат во распонот од обликувањето во уметничкото образование до разобличувањето во уметничката продукција ги променија и самите елементи на тој циклус - се дел од прашањата на дебатата „Разобличување“.