Жан Ханс Арп: во Срцето на духовниот мистицизам

15.10.2015 03:26
Жан Ханс Арп: во Срцето на духовниот мистицизам

Органската, биоморфна форма која Ханс Арп (Jean Hans Arp) ја негува во своето сликарство, релјефите и скулптурите, го означува самиот процес на формирањето, буењето во зачетокот, почетниот импулс во развивањето во семето. Според Пол Кле, „формирањето ја детерминира формата и затоа е над неа. Формата, според тоа, не треба да се гледа како комплетирање, како завршница и како крај, туку повеќе како генеза, како постанување, како нешто како да се биде. Формата како движење, како акција, е добра, активна форма. Лоша е формата како успокојување и ограничување.”

„Сугерирајќи го органскиот раст без да се дефинира некој специфичен организам, биоморфната форма го доловува животот во неговите недиференцирани зачетоци и го пренесува неговиот потенцијал за метаморфози повеќе отколку да претставува некоја крајна форма на физичкиот развој.“*

Значајно за уметникот Ханс Арп е дека израснал во средина каде што била жива духовна традиција на големиот германски мистик Јакоб Беме (Jakob Böhme). Јакоб Беме, Срцето на европскиот духовен мистицизам од XVI век, верувал во Prima materia, во која е инволвиран потенцијал за развивање божествена реалност, Софија или Мудрост. За да се реализира како божествена реалност Prima materia поминува низ седум етапи на трансформација. Преобразбата од груба во пофина и најфина „материја“, низ Тројството како динамично единство се совпаѓа со концептот - поле во нулта точка кое ја проникнува и материјата и свеста во современата физика.

Кај Арп тоа „тројство“ е симболизорано со елипсовидната форма на клетката, во моментот на делба, кога во себе содржи две јадра, пред да се диференцираат две нови клетки. Како биполарност во динамичното слевање на Јин и Јанг во Тао.

Kој било од принципите на тројството може да биде енергетското поле на квантниот вакуум или медиумот кој ги проникнува другите два принципа. Тој е Срцето во кое се случува  алхемија, преобразување на густото или грубото во суптилно (потоа обратен процес, згуснување на суптилното).

Седмото нивo на Јакоб Беме е Животот кој се слави како божествена симфонија на сферите, симултано овоплотувајќи се во материјата и вознесувајќи се во духот, онака како што тоа го доживувал Гете и филозофот Шелинг и антропозофот Рудолф Штајнер и сликарот Кандински. Тоа ниво е Универзумот стопен во духовната димензија - Софија.

„Во контекст на Романтизмот секое раѓање на нов живот ја потврдува божественоста која се отвoра и разоткрива материјализирајќи се во физичкиот универзум “*

Ако овие мистични искуства се споредат со денешните достигнувања на јогата, интегралната јога исто така е алхемија или преобразба од погрубо кон посуптилно и се случува истовремено на три нивoа: во менталот, виталот и во физичкото тело, во клетката како база.

Клетката е основна органска единица со интегрален живот, која освен сложените функции кои ги извршува во процесот на метаболизмот како и при митозата, има уште една, друга, помалку истражена страна. Таа помалку истражена природа е психологијата на клетката која се потврдува преку нејзините реакции кон негативни или позитивни психолошки состојби, емоции и влијанија. Психичкиот стрес, болеста на современиот човек, влијае крајно деструктивно на структурата на клетката. Тој во дел од секундата го уништува целиот арсенал на хемиски елементи кој го содржи клетката, потребен за извршување на нејзините функции. Таа моментална хаварија, со други зборови, оштетениот имунитет, резултира со појава на болест. Обратно, радоста, мирот, хармонијата, љубовта прават чудо во клетката. Постојаното самообновување на клетката, а посебно кога е преплавена со вакви позитивни располженија, сè повеќе ја потврдува вистината за психолошките особини на клетката. Со внесување духовна храна, во нашиот организам создаваме амбиент за таква стимулација на клетката, да се развива во здрав живот, лабoраторија на елементите. Кога внесуваме негативни емоции и мисли, ја уништуваме клетката, без разлика колку здраво се храниме на материјално ниво (па тоа се обидуваме да го поправиме, ако воопшто може да се поправи, со медикаменти).

Во клетката се случува просветлување, бидејќи светлината е иманентна на материјата, се разбира, единствено кога имаме душевен однос кон нештата, кон светот, кон сите луѓе, кон сите други суштества , кон целиот универзум. Тоа е големото „чудо” кое се случува во клетката, за што сведочи и Мира Алфаса, како претставник на интегралната јога.

Клетката како мини интегрален живот/организам и овалните форми (папокот), се постојано присутни поетски симболи во делото на Арп. Како примордијални елементарни облици на живот се појавуваат во сликите на Кандински (последната фаза), како семе-форма кое ги носи информациите за организмот во зачеток во сликите на Кле.

Големата духовна симфонија наречена Живот се слави од овие сликари и е во континуитет со возвишеното чувство негувано со Романтизмот, кое избликна од мистичната традиција на Јакоб Беме, и другите мистици назад сè до Плотин, и, секако, под големо влиајние од источната духовна традиција.

Со својoт специфичен ликовно-поетски јазик и низ форми блиски на современиот човек, Арп ја продолжува таа духовната традиција.

 

______________________________________________

*Harriett Watts, Arp, Kandinsky, and the legacy of Jakob Böhme, од каталогот The Spiritual in Art : Apstract Painting 1890-1985, стр.244

*Исто, стр. 249

Слики, релјефи и скулптури:

1. Ханс Арп, Human concretion, 1935
2. Ханс Арп, Планина, Маса, Сидра, Папок. 1925
3. Ханс Арп во своето студио, 1957
4. Јакоб Беме, Christi tеstamenta, 1730
5. Ханс Арп, колааж, 1920
6. Ханс Арп, Mascenspiel, 1932
7. Пол Кле, Insula dulcamara, 1938
8. Софи Тобер Арп, Композиција во круг, 1938

ОкоБоли главаВицФото