Иселена демократија

16.10.2015 02:08
Иселена демократија

Една од работите поради кои е „заглавен“ Изборниот законик е несогласувањето околу тоа како ќе гласа дијаспората. Старите велат, отишол волот, се тепаат за опашката!

ВМРО-ДПМНЕ, разбирливо, бара да остане старото решение според кое, барем досега, добиваше тројца пратеници „гага“. Со минимум гласови, а со максимум трошоци за државната каса. (Имаше случаи кога цела делегација од ДИК се закреваше дури до Кина за таму да гласаат десетина иселеници, нешто што не би си го дозволила ниту далеку побогата држава). Опозицијата, на чело со СДСМ, бара некое соломонско решение, да се стави некаков праг, кој би гарантирал дека нема да се повтори досегашниот апсурд, да се добива пратенички мандат со смешни 200–300 гласа.

Но, дури и да не е така, дури и гласањето да е „фер и демократско“, па и помасовно, па дури и да не е толку скапо и подложно на манипулации, со кое право некој што пред 10, 20 или 30 години заминал од Македонија, ја врзал својата судбина со друга земја, таму се школува, работи, плаќа даноци и живее, зошто би имал право да решава за важни, помалку важни или банални прашања од нашата секојдневица!? Зошто да гласа за поголеми даноци, ако воопшто овде не плаќа данок, зошто да гласа за екстерно, ако неговите деца учат во Волонгонг!? Со кое право ќе решаваат за прашања од наш секојдневен интерес, кога нивните гласачи нема да ги уживаат придобивките ниту ќе ги трпат последиците на тие одлуки?

Не, гласањето на дијаспората нема никаква врска со демократијата, но упорно се одржува поради лицемерните потреби на партиите да им се додворат на иселениците, или на нивните роднини овде. И поради тоа играат комар со многу посуштински работи.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња