1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Не сум политички аналитичар. Не ме бива за далекусежни политички проценки. Го пишувам и опишувам она што го гледам пред сопствениот нос. Во последниве месеци, благодарение на „бомбите“ некои работи ми станаа појасни. Првата работа која ја воочив е дека во владејачката партија, освен нејзиниот лидер, кој е промислено темелен и ништо не препушта на случајноста, нема слободни стрелци. Нема ни просечно политички потковани поединци, а камо ли интелектуалци, кои во името на своето верување и уверување ќе настапат во јавноста со сопствени видувања, анализи и проценки. Безобразно гласно ги рецитираат официјалните изјави на гласноговорниците на партијата до која се блиски. Сè е некако сведено на однапред зададени инструкции, дефинирани ставови и претходно разработени позиции од Штабот, кои медиумските комесари (телевизоиди, весникоиди и порталоиди) или „аналитичките телетабиси“ треба само да ги одработат. Притоа, како и за секој потрошен материјал, сосема е небитно што од себе прават дворски будали и шушумиги. Таков пример е Латас, кој по објавувањето на изборот на Јанева за специјален обвинител, воодушевено изјави дека таа била трета на листата на ВМРО-ДПМНЕ, за само една недела подоцна по неа да фрла дрвја и камења. Уште поурнебесен е примерот со Александар Пандов, кој во својство на (пази ова) политички аналитичар, пред неколку дена на 24 Вести, прифати дебата за специјалното обвинителство, а притоа изјави дека не ги слушал „бомбите“.
Втората работа која ја сфатив за владејачките манири на актуелниот ни премиер, е дека неговиот медиумско-пропаганден апарат е прилично прост, а неговите комесари-одработувачки се прилично простички (мој деминутив од милосрдие). До таа мера простички и наивни, што дури не се ни свесни дека следејќи ги инструкциите од Штабот, ги откриваат, односно ги обелоденуваат идните чекори и активности на Груевски, со што тие стануваат лесно предвидливи. Така, на пример, погоре споменатиот Пандов на претходно споменатата дебата, изнесе (пренесе) три работи: прво дека специјалната обвинителка е „изгубена во просторот и времето“, второ, дека и самиот Закон кој го денесе Собранието е неуставен и трето, дека зад сето ова стојат странски амбасадори кои ја диктираат внатрешната политика во земјата. Три јасни најави дека власта радикално ќе ја менува тактиката во преговорите со опозицијата.
И навистина, само еден ден по Пандов, ни се случи „Зврлејавление“. Довчера занемениот Јавен обвинител, Зврлевски, се појави во јавноста со историското откритие дека „Обвинителството на Јанева е политичко“. Во исто време, Советот на обвинители, спротивно на Законот, ѝ ја преполови помошничката листа на Јанева. Во исто време, извесен адвокат од Свети Николе покрена иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за специјално обвинителство. Ако на ова го додадеме и медиумскиот оркестар со синхронизирани напади врз меѓународните олеснувачи и дипломати во Македонија вклучени во преговорите за реализација на договорот од Пржино, тогаш имаме светски рекорд во „коинциденции“. А бидејќи здравата логика вели дека коинциденции не можат да се конструираат, лепат и креираат, тогаш на тацна ни излегува стратегијата на Груевски за наредниот период.
А таа го покажува следново:
- Договорот од Пржино да се опструира по секоја цена,
- да се минира Законот за специјално јавно обвинителство,
- да се изврши сеопшт медиумски атак врз Катица Јанева,
- да се опстојува по секоја цена на опцијата за гласање на дијаспората,
- да се испровоцира опозицијата за да ги напушти преговорите,
- да се блокира изгласувањето нов министер за внатрешни работи,
- да се набеди Заев дека бил викнат во Израел да крка шлаканици,
- да се обвинат меѓународните олеснувачи и дипломати и
- да се одложат изборите закажани за април 2016 година, сумарно
- да се елиминира потребата од техничка влада без Груевски.
Е сега, бидејќи и многу други го препознаваат ова што го гледам и јас, односно ја проѕреле проѕирната игра на Груевски, со најдобра намера и без трошка суета, ќе си дозволам сопствена проценка или прогноза за следните случувања кои ќе бидат реакција на владината „акција“. Ова нека биде и предупредување за она што ќе следи, доколку актуелната врхушка се одлучи на чекорот наречен опструкција, одолговлекување или минирање на договореното.
Прво, ќе заигра меѓународниот стап. Обично, тој започнува со прилично недипломатски (отворени) изјави за манирите на владеење на власта, потоа се трансформира во „црни листи“ за забрана за напуштање на границите на членовите на Владата и нејзините слуги, потоа следи казната за земјата со одземање на некои веќе стекнати привилегии (на пример, одземање на препораката за асоцирање во ЕУ, или суспендирање на безвизниот режим), па потоа се активираат меѓународните канали за обелоденување на криминалите на власта (на пример, сметките од Белизе, или имотот во Прага), а тоа обично е проследено со замрзнување на сметките на нивните сопственици, па потоа следат резолуции и акти во меѓународните организации за загрижувачките состојби во Македонија и така натаму, и така натаму.
Второ, ќе заигра опозицискиот стап. Тука најмалку мислам на СДСМ, кој сигурно ќе продолжи со „бомбардирањата“, односно со објавување на досега непознати аудио снимки, туку на широкиот фронт на невладини организации и здруженија од коалицијата „Граѓаните за Македонија“ и на сите пленуми кои произлегоа како реакција на тоталитарниот шинел на Владата. Многу добро знам дека нивниот гнев не само што не е стивнат, туку уште повеќе е разгорен и малку недостасува за тие повторно да се разлеат по улиците и плоштадите ширум земјата. Овој фронт треба мошне сериозно да се сфати, бидејќи тој неминовно ќе заврши со општонародно обединување против режимот. А каде што има „општонародно“, има и „востание“, така што некој треба длабоко да размисли што понатаму.
Да, има и еден трет стап, а тоа е внатрешниот стап на внатрешната револуционерна организација со суфикс – ДПМНЕ. Тука мислам на таканаречените „свиркачи“ од редовите на најблиските соработници на Груевски. Сосема очекувано е тие во определен момент да се завртат против својот шеф, кој не само што им ги прислушувал телефонските разговори, не само што ги користел како приватна алатка за реализирање на личните интереси, туку и бескрупулозно ги жртвува за сопствениот спас од неминовното. Сигурна сум дека тие имаат многу да кажат, а тоа многу добро го знае и Груевски.
Во неколку наврати го споменав поимот „неминовно“. Тоа е нешто кое неизбежно се случува, од кое не може да се сокрие или да се избега. Во случајот на Груевски, неминовноста е „стапот“ на правдата. Тоа е една ситуација на соочување со самиот себе. Затворските ќелии се идеални места за ваков тип на контемплација. Не знам дали премиерот ги има слушано „Забрањено пушење“. Можеби во влажната тишина меѓу четирите ѕида ќе допре до него животната вистина на рахметли бабо Атиф: „Sine, veli, ko igra za raju i zanemaruje taktiku, završit će karijeru u nižerazrednom Vratniku“.
Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Странски служби