Не се важни Херта Милер и Том Стопард, важен е Груевски!

16.10.2015 15:05
Не се важни Херта Милер и Топ Стопард, важен е Груевски!

Вечерва бев на еден многу значаен настан - доделувањето на наградите „Табернакул“ на нобеловката Херта Милер и витезот Том Стопард, а за нивното дело говореа Виктор Ерофеев и Горан Стефановски. И додека последниов, на маестрален и само нему својствен начин го претставуваше творештвото на оскаровецот Стопард, во салата на МНТ, во точно 21 часот и 20 минути или точно еден час и дваесет минути од почетокот на настанот, влезе премиерот со своето обезбедување и седна во првиот ред.

Одеднаш сѐ стана поневажно од тоа. Додека на сцената седеа четири величини на светската литература, која од која поголеми, еден импозантен состав кој оваа земја којзнае со што го заслужила, фотографите ги свртеа своите фотоапарати кон гледалиштето и почнаа да чкрапаат во премиерот, а блицовите ни светеа во очите и нѐ оневозможуваа да го следиме фантастичниот настап на Горан Стефановски. Како на натпревар, само што едниот ќе престанеше, другиот го заземаше неговото место подлабоко во гледалиштето и продолжуваше да фотографира, внимавајќи тоа да не биде помалку пати од претходникот, според нив, веројатно, пресудно важно за спасување на сопствената кожинка.

Потоа, за кратко, како да се сетија зошто се дојдени, крајно индиспонирано чкрапнаа уште неколку пати во добитниците и во бронзените скулптури, пликоата со паричните награди и златниците кои подоцна ќе им бидат предадени на добитниците. Но само по неколку секунди, повторно се навратија на она кое ним, кутрите, им е попознато и поважно - премиерот, како седи во прв ред и слуша како говорникот зборува за тоталитарните режими, за левицата, за политичкиот ангажман на Том Стопард и неговиот порив да го заштити Беларус Слободниот театар и да им даде засолниште на Наталија Кољада и на нејзиниот тим во Англија при нивното бегство од еден таков тоталитарен режим во својата земја. Фотографираниот уште еднаш покажа елементарно непочитување, овојпат ни помалку ни повеќе кон Херта Милер и Том Стопард, кон Виктор Ерофеев и Горан Стефановски, па и кон сите присутни во салата, веројатно постигнувајќи го својот личен рекорд во доцнење на некој настан. Сигурна сум дека имал „оправдана причина“ за доцнењето. Како и секогаш.

Подоцна разбрав дека премиерот бил покровител на настанот. И веројатно затоа мисли дека сега може да си прави што сака. Негово си е, бе. И театарот, и наградите, и наградените, и сите. Сѐ. Сѐ е негово.

Извор: Фејсбук профилот на авторката, 15.10.2015.
Слика: Александар Јосифовски

ОкоБоли главаВицФото