1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Деновиве непостоечкиот Совет на јавни обвинители стана од своето удобно опортунистичко мртвило и – бесрамно повикувајќи се на своите законски надлежности – го минираше изборот на тимот на Специјалното јавно обвинителство. Од мртви стана и Јавниот обвинител и со достоинствен глас се повика на Уставот и законските правила што до вчера – во конфорната зона на полтронското непостоење и апсолутната неодговорност – не му значеа ни колку црното под ноктот. Очекуваме од темницата на својата сервилна ништожност да стане и Уставниот суд и да промавта пред јавноста со своите црни сенишни тоги. Се разбудија зомби-институциите на македонската криминална партиска држава и се повикаа на нивните уставни надлежности и на законите, што тие самите – со активно чинење и со умислено нечинење – веќе со години ги кршат и дерогираат, убивајќи ја така македонската правна држава и овозможувајќи го криминалното владеење на партиско-мафијашката власт на Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ.
Некој е изненаден? За чудо - да! Испаѓа дека постојат добричоци во земјава што се искрено разочарани и дури вчудоневидени како некој може така арогантно да го крши Законот за специјалното обвинителство што уште не се „изладил“ од парламентарната фурна. Па, чекајте бе, луѓе, законот е донесен токму затоа што бандитите што ги окупираа Владата, Парламентот, судството и сите други државни институции на библиската земја, веќе со години владеат спротивно на Уставот и на законите. Зошто тогаш, по ѓаволите, овие четириесет разбојници и армијата нивни послушници, токму сега би се притеснувале да прекршат уште едно законче? И тоа, законче што треба да го „породи“ специјалниот орган што ќе ги гони токму нив – единствените виновници за македонската „политичка криза“, злосторниците што ја силуваа и заклаа македонската државност и култура? Никој не треба да биде изненаден кога го гледа Јавниот обвинител, возвишено занесен во својата света мисија на заштита на правото - истиот неправен јавен обвинител што со години ги фрла во ѓубре кривичните пријави против партиската мафија и ги гони политичките противници на режимот - како грми пред камерите дека законот за специјалното обвинителство не бил уставен и како поведува иницијатива пред Неуставниот суд за оценување на неговата уставност?! Што да му одговори човек на овој самопожртвуван борец за заштита на партиско-мафијашките права? Се разбира дека законот не е уставен, господине тоталитарен обвинителу, зашто е измислен како лут лек за лута рана, како вонуставен иљач против смртоносната болест на уставниот поредок, против неуставната партиско-мафијашка власт. Законот е обид за ваше укинување, заслужни художници на тоталитаризмот, тој е ваша негација, што значи дека е негација на негацијата на уставно-правниот поредок! „Неуставниот“ закон за Специјалното обвинителство денес е единствената афирмација на уставноста во библиската земја!
Но, да ѝ се вратиме на нашата уставно-правна апорија, нерешливиот проблем на изопачените институции, што Груевски и неговите разбојници како бетонска крагна му ја врзаа на кревкиот македонски уставно-правен поредок, пуштајќи го бездушно низ вода. Тие на измама ги окупираа сите државни институции и почнаа да го форсираат голиот тоталитаристички правен позитивизам, протнувајќи корумпирана и криминална пракса под закрилата на формалните институциски надлежности. Ова го прават и ден денес, лажно повикувајќи се на Уставот, донесувајќи неуставни закони и потпирајќи се на институционалниот монопол на употреба на сила. Така создадоа изопачена стварност во која институциите што според Уставот се задолжени за заштита на правата на граѓаните, ги заштитуваат криминалните права на режимот и неговите злосторнички експоненти. Поради тоа, институционалната борба за враќање на уставниот поредок не е ниту теоретски можна, зашто токму уставните институции делуваат спротивно на Уставот, па испаѓа дека секој што ќе се крене против тоталитаристичката власт, е надвор од нејзиниот „правен“ поредок и мора борбата да ја води вонинституционално. Токму затоа, во тоталитаристичките режими политичките противници се нарекуваат предавници, шпиони, бандити и терористи. Хипертрофираната злоупотреба на правото е „закон“ во секој тоталитаризам: слепиот и бездушен правен позитивизам, потполно испразнет од вистинското право, од правдата и правичноста, се употребува како оружје за одржување на поданичката покорност и поредок. Во самата суштина на тоталитаристичкото „право“ е изопачената криминална стварност што непречено се одвива под обично сосема негибнатите куполи на декоративниот устав и легислатива. Всушност, ние сме сведоци како партиската држава на Груевски ја силува самата дефиниција на правото како алатка на општеството за достигање на правдата. Па, ако дефиницијата на правото е дека тоа „е стварност чијашто смисла е да ѝ служи на правдата“ – а, за нашата апорија е особено важен зборот „стварност“ во дефиницијата - тогаш јасно е дека токму криминалната стварност како реална практика на авторитарно владеење, е одговорна за уништувањето на самиот концепт на правото и правдата во Македонија.
Нормално е дека во стварноста во која уставни институции работат неуставно, парламентот произведува авторитаризам, јавното обвинителство го штити државниот криминал, судовите осудуваат невини луѓе за политичка вина, а уставниот суд го штити неисправното право и злосторничкото неправо, борба за возобновување на уставноста, демократијата и слободата, низ институциите на корумпираниот систем воопшто не е можна. А, токму таа невозможност договорот од Пржино се обидува да ја достигне: да ги „спаси“ институциите на македонската демократија од распуштање и демонтажа заради генерален ремонт – што е единствената ефикасна терапија за тоталитаристичките општества, и, со помош на нова интервентна институција „одвнатре“ да ги „прочисти“ заболените органи на општеството. Се разбира, за Специјалното обвинителство ќе важи истиот „стварносен“ критериум за оправдувањето на неговото постоење, поради кој овој специјален орган воопшто и бил измислен. Тоа мора да ги обвини и да се избори да ги притвори Груевски и сите негови разбојници што ја создадоа тоталитаристичката стварност во која исчезн(ув)а Македонија. Ако тоа не го направи до предвремените избори, специјалното обвинителство нема да го оправда своето постоење. А, истото се однесува и за библиската Македоња: нејзиното постоење е веќе обесмислено, а нејзината историја и култура се испоганети, па доколку во оваа прилика не се ослободи од партиско-мафијашкиот јарем на ВМРО-ДПМНЕ, веќе нема да ѝ остане ниту една причина да постои.
Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња