Чисто право и валкана политика

19.10.2015 00:43
Чисто право и валкана политика

„Ние не сме политичка институција и политичките договори нас не нè интересираат. Ние постапуваме согласно со законот“, изјави вчера јавниот обвинител на Република Македонија, јавно манифестирајќи една голема слабост во своето образование: суштинско неразбирање на односот помеѓу правото и политиката. Зашто, и двете институции, и редовното и специјалното обвинителство, се дел од еден единствен политички процес што завршува со одлука на парламентот.

Од каде оваа парада, оваа манипулација, со правото наспроти политиката, на претставник на едно исполитизирано јавно обвинителство? Оттаму што зборот „право“ ужива голем углед, и е синоним за ред, правда, безбедност, легитимитет, ненасилство, авторитет. Зборот „политика“, пак, не предизвикува ниту одблиску таков респект. Без да наведувам некои од народските дефиниции за политиката, само ќе потсетам дека додека на правото се гледа како на нешто „чисто“, на политиката често се гледа како на нешто „валкано“. Правилни ли се овие погледи? Мислам, не. Не, затоа што се заборава дека човечките активности во едно општество се регулираат низ политичкиот процес, на чиј крај е правото. Да повторам: на крајот од политичкиот процес, е правото. Правото не е ништо друго туку еквилибрирање на интереси, балансирање групи, што го врши политиката. Толку.

Правото не паѓа од небото.

Процесот на пазарење со неминовно тегнење и влечење, искрени и неискрени убедувања од кои произлегува правото, не се ни приближно толку достоинствени како процесот на неговата примена. Првиот, политичкиот процес, е прилично неуреден, додека вториот, правниот, кога тешката рака на правдата паѓа врз поединци што се огрешиле од законот, е симбол за ред и строгост. Меѓутоа, секоја сериозна анализа ќе покаже дека политичкиот, а не правниот процес, е решавачки за стабилноста на една заедница. Што е суштината на тој процес? Суштината на тој процес, во едно демократско, плуралистичко општество, е политичкото приспособување. Значи, власта не е машина за наметнување на правото врз поединци, туку, пред сè, центар на еден процес на приспособување во едно плуралистичко општество.

Имено, за стабилноста на едно демократско општество нужен е социјален мир, кој може да се оствари само преку процесот на приспособување на интересите. Оттука и заклучокот дека во плуралистичкото демократско општество, што значи во општество во кое слободно се натпреваруваат групи, политиката, а не правото, има примат во спречувањето на насилството.

На Македонија никогаш не ѝ фалеле закони, таа има проблем со својот политички процес кој ги произведува законите и, пред сè, со корумпирани политичари и државни службеници што не се посветени на идејата за демократија и за слобода.

Извор: Слободен печат
Слика: Небојша Гелевски