Реката бегалци ја поттикнува економијата на криумчарењето

19.10.2015 10:24
Реката бегалци ја поттикнува економијата на криумчарењето

Ахмед Абдул Хамид, Палестинец од сирискиот град Алеп, со месеци безуспешно се обидувал да помине преку морето и да започне нов живот во Европа. Го спречувала турската полиција. Криумчарите го лажеле. Еднаш му застанал чамецот, па морал да плива назад до брегот; таму останал заглавен и без пари.

Но, среќата му се променила ова лето кога еден турски криумчар го ангажирал да му пронаоѓа патници меѓу бегалците кои го препливуваат овој крајбрежен град. Наскоро, телефонот постојано му ѕвонел, а готовината се слевала – понекогаш и четири илјади долари дневно. „Понекогаш не добивам ништо“, вели ова 21 годишно момче.

Молскавичниот успех на ова момче е само дел од сивата економија вредна милиони долари направени во Турција, благодарение на напливот луѓе кои се движат кон Европа. Таа дејност може да се види на измирските улици – криумчарите ги примамуваат бегалците, продавниците за облека изложуваат појаси за спасување и автомобилски внатрешни гуми, а туристичките автобуси и таксистите ги превезуваат патниците до зафрлените крајбрежни места за да се качат на брод.

Парите струјат низ Измир, третиот најголем град во Турција, сега прибежиште на мигрантите и место за процвет за жителите. Скриена од погледи, развиена е криумчарска инфраструктура со „осигурувачки заводи“ кои им ги чуваат парите на мигрантите, тајни фабрики кои произведуваат несигурни појаси за спасување и илегални снабдувачи на евтини гумени сплавови кои понекогаш се дупнуваат или се превртуваат за време на пловидбата до Грција.

Огромен дел од половината милион мигранти и бегалци кои оваа година стигнаа во Европа дојдоа од Турција преку море, а нема знаци дека напливот ќе ослабне сè додека има добра заработка.

Турските официјални лица тврдат дека вложуваат напори за да ја запрат илегалната миграција и дека оваа година притвориле 57 000 патници и 107 криумчари на луѓе. Но, тука во Измир државата како да ги игнорира секојдневните бранови мигранти кои поминуваат низ градот кон крајбрежјето за да најдат чамци за Грција, оддалечена само еден час пловење, ако сè оди како што треба.

За да стигнат дотука, многу патници мораат да претворат во пари сè што имаат – земја, накит и семејно наследство – со надеж дека таму каде што одат ќе можат да го надоместат сето она што го оставаат. Мигрантите опишуваат како се снаоѓале за да побегнат, се задолжувале или собирале пари за пат од роднините. Некои стигнале од Ирак и Јордан со авион, а други со автобуси поминале долг пат од Иран. По доаѓањето се собираат во Измир и на трошната туристичка инфраструктура ѝ даваат нова намена – помагање на „економијата на чамците“.

Илјадници мигранти секојдневно итаат во измирската четврт Басмане каде често ги намамуваат криумчарите.

„Морате веднаш да одлучите; чамците се полнат“, ѝ зборува криумчарот на една збунета двојка со две мали деца и бара да му платат додека турски полицаец полека поминува покрај нив. „Сè е мошне безбедно“.

Во претрупаните хотели во кои некогаш ноќеваа туристи, сега се плаќа десет долари за место на подот. Некои патници спијат на плочниците или под мостовите. Продавниците брзо заработуваат од продажбата на ранци и торби за појас. Во излогот на една продавница од едната страна се машките одела, а од другата семејство кукли со портокалови појаси за спасување. Продавачот кој не сакаше да ни се претстави вели дека продаваат по 18 појаси дневно по цена од 13 долари.

Најголем дел од заработката оди кај моќните турски криумчари кои на брегот ги надгледуваат чамците. За да ги наполнат чамците незабележливо, користат сириски „агенти“ кои добиваат провизија кога ќе доведат некого. Повеќето патници плаќаат 1 200 долари, а оние кои се избрани да ги наведуваат чамците се возат бесплатно. За децата се наплатува половина од цената.

Повеќето чамци можат да понесат 45 лица, што значи дека криумчарите заработуваат речиси 60 000 долари од чамец. Дури и кога ќе се одбијат провизиите, трошоците за чамецот и моторот и митото за власта, на криумчарите им остануваат повеќе од 30 000 долари чиста заработка за секое преминување.

За да го платат патот, мигрантите депонираат пари во импровизираните „осигурителни агенции“ и добиваат шифра со бројки. Кога ќе стигнат во Европа, му ја даваат шифрата на својот агент кој ја наплатува договорената сума. Тој добива пари и ако патникот се удави.

Повеќето мигранти ги добиваат назад парите ако преминувањето не успеало (намалени за 50 долари трошоци), но некои губеле се кога исчезнувале нивните агенти.

Ибрахим-Али Баша, сметководител од Сирија, вели дека тој и еден негов пријател побрзале со семејствата кон брегот кога слушнале дека Германија испраќа бродови за бегалците. Завршиле во Измир со мал дел од сумата 11 000 долари која е неопходна за преминување во Европа. Баша се обидува да го продаде бубрегот за да набави пари.

Најчесто се плови во девет метри долги црни чамци на надувување и остатоците од многу чамци звршуваат на грчките брегови. Криумчарите често им зборуваат на патниците да ги пресечат чамците со нож кога ќе им пријде грчката Крајбрежна стража за да ја натераат да ги спаси.

Повеќето од овие сплавови немаат никакви ознаки и толку се ‘рѓосани што постои сомнеж дека се произведуваат во Турција исклучиво за криумчарење луѓе. „Тие чамци не можат да се користат за ништо друго“, вели Антониос Софијаделис од станицата на Крајбрежната стража на грчкиот остров Лезбос, „ни за забава, ни за риболов“.

Едно утро, додека сонцето се раѓало над Лезбос, Малик ел Салех, кој испловил од Измир претходната вечер, излегол од чамецот, го бакнал песокот и се завртел да им помогне на останатите. 21 годишниот Салех заедно со братот, двете сестри и нивните две бебиња побегнал од источна Сирија кога паднала во рацете на Исламската држава. Сите знаеле дека некои мигранти се удавиле, но одлучиле дека вреди да се ризикува.

„Ги видовме фотографиите, но што друго ни преостанува?“, вели тој. „Бегаме од смртта.“

Извор: The New York Times, International Report, Број 1, 10.2015

ОкоБоли главаВицФото