Еден век од раѓањето на легендарниот Кирил Симоновски-Џина

19.10.2015 17:14
Еден век од раѓањето на легендарниот Кирил Симоновски-Џина

На денешен ден пред точно едно столетие, во далечната 1915 година, е роден незаборавниот Кирил Симоновски – Џина. Станува збор за еден од најзначајните фудбалери, не само на фудбалскиот клуб Вардар, туку и на македонскиот фудбал воопшто.

Својата слава како вистински фудбалски виртуоз Џина ја стекнува настапувајќи за екипите на Граѓански и подоцнежната ФК Македонија од Скопје. Во 1944 година им се придружува на партизанските чети во антифашистичката Народноослободителна војна.

По завршувањето на војната игра и за белградски Партизан, додека во периодот од 1950 до 1953 година, повторно е дел од тогаш сè уште новоформираниот Вардар, за кој има одиграно вкупно 75 натпревари, на кои постигнал 25 голови.

Во неколку наврати, славниот Џина го предводи и Вардаровиот стручен штаб. Најчесто тоа е случај по испаѓањата на Вардар во Втората југословенска лига, каде што благодарение на Џина, македонскиот клуб повторно успева да се врати меѓу фудбалската елита на Југославија.

Кирил Симоновски Џина почина на 68-годишна возраст, на 12 јуни 1984 година во Белград. Во знак на почит кон неговите заслуги за развојот на фудбалот во Скопје и Македонија, долги години младинската школа при фудбалскиот клуб Вардар го носеше неговото име.

Тој е првиот македонски спортист што успеал да ја носи капитенската лента на една југословенска репрезентација, како и прв македонски спортист носител на златен медал на официјално меѓународно натпреварување од Балканското фудбалско првенство.

Извор: ФК Вардар/Википедија

ОкоБоли главаВицФото