Од „Мини фини буџетчиња“ до дресирани македонски „лавови“

20.10.2015 12:07
Од „Мини фини буџетчиња“ до дресирани македонски „лавови“

Верувам дека на многумина им беше потребно некое време и малку триење очи пред информациите од медиумите додека да ја „сварат“ веста за отворањето на градинка за децата на вработените во Министерството за финансии.

Да, единствено децата на вработените во Министерството за финансии ќе си имаат врвно опремена градинка на чекор до работното место на родителите. И ДА, истата ќе се вика „Мини фини Буџетчиња“. Ова име на градинката ѝ го наденаа токму вработените во Министерството, дали во обид да бидат духовити или веќе несвесно фатени во залетот да докажат дека ако сакаат и секојдневието ќе го претворат во пара-вест и никој ништо не им може.

Обрачот на паралелната реалност во која се затвораат нашите самопрогласени технократи, почнаа да го префрлаат и околу вратот на сопствените деца и тоа од најмала возраст. Да се осигураат дека „буџетчињата“ утре ќе прераснат во вистински македонски „лавови и лавици“, осигурани дека никакво друго влијание нема да ги „разнебити“ ариевските мозочиња на подмладокот на Преродбата.

Министерот за финансии Зоран Ставрески, рече дека идејата за отворањето на ваква градинка му се јавила по примерот на Светска банка. Тој дoдаде дека вакви градинки за вработените биле практика во многу финансиски и други корпорации и приватни фирми во светот. Точно така. Државата веќе си ја третираат како приватна фирма во која треба да важат правилата на нивната идеологија. Во случајов, како аргумент во полза на потребата од еден ваков тип на градинка, Ставрески не пропушти да го спомне поттикот за „многудетност“ форсиран од Владата.

„Во Министерството има доста млади луѓе кои допрва ќе станат родители и сметам дека ова ќе ги поттикне да се решат и понатаму да имаат дечиња“, вели Ставрески. А што е со илјадниците родители кои ја немаат привилегијата да си го овозможат луксузот на таков тип на згрижување на децата? Кој поттик за одгледување деца им го даваат на најголемиот број млади луѓе во земјава? Веројатно уште планираат да нè убедуваат дека економијата цвета, инфраструктурата е перфектна и луѓето се и треба да бидат задоволни.

Министерот Ставрески, од една страна се прикажува како космополит кој ги применува светските искуства во нашата земја. Од друга страна, држи предизборни говори во кои (веројатно ни самиот не верувајќи) ја мантра нискоинтелектуалната приказна за мисијата на „македонските лавови и лавици“ кои треба да го спречат „разнебитувањето“ на државата. И секако, следува неубедливиот говор во стилот на Лајбниц, дека живееме во најдобриот од сите можни светови.

Затворајќи се во сè потесниот круг на своите целосно присвоени и контролирани институции, Преродбениците како да сакаат да изградат своевиден бункер: држава во држава. Па да се напикаат внатре, да нацртаат одозгора едно вергина знаме со натпис „Македонија вечна“ и да игнорираат сè што се случува надвор. Откако трајно го обезличија градот по својот квази-барокен (не)вкус, откако донесоа низа закони чија единствена цел е да се олесни стегањето на јамката околу вратот на неистомислениците од сите сфери на јавните служби па и приватните бизниси, почнаа и сопствените деца да ги вовлекуваат во тој бункер уште од најрана возраст. „Буџетчињата“ да бидат тука, до нив. До институциите на народната влада сосема отуѓени од потребите на народот.

Толку е удобно во тој бункер, што кога би можеле целиот свет би го вшмукале внатре за да игра по нивните правила. На моменти толку се забораваат до каде досега нивниот двор, па така Сашо Мијалков си ја прошета беретата и надвор од нашите граници, очигледно имајќи проблем да сфати зошто некој воопшто би му правел проблем за тоа?! Таа мафијашка моќ која е над законите и прописите, а која лесно може да излезе од контрола и потенцијално да загрози човечки животи беше преведена како „доблесност“ од страна на нашиот премиер. Е до таму е стигната работата. (Музика за позадина: Звуци на пукање со калашникови и гласот на Мијалков од „бомбите“ кога вели „Абе вмровска работаа“.)

Треба ли да се помириме дека само тој криминален и анти-интелектуален кружок е репрезент и суштина на нашата земја? Може ли сè уште да допре крикот од она малку различно што останало, пред да го истребат од корен? А на добар пат се да го истребат различното, бидејќи очигледно сите државни ресурси се концентрирани во рацете на владеачката врхушка и таа безобразно и нерамномерно ги распределува кај нивните сопартијци од кои сосила сака да направи некаква нова елита. А она што останува надвор од бункерот, неминовно треба да биде згазено, демотивирано, обезвреднето и отцепено од можностите за развој и напредок.

Во едно политиколошко истражување на институтот за демократија „Социетас цивилис“, професорот Предраг Цветичанин од Нови Сад констатира дека граѓаните од балканските земји кои се членови на владејачките партии се единствените кои се изјасниле како задоволни од дводеценискава транзиција. Една од легитимните претпоставки зошто е тоа така е тезата дека единствената функција на владејачките партии е да ги приграбат државните ресурси по принципот - зграби колку што може повеќе за нашите, притоа не водејќи сметка каде оди државата на долг рок. И не е далеку од вистината. После нас - потоп.

Извор: Плусинфо
Слики: Свирачиња