Право на град (4)

21.10.2015 16:50
Право на град (4)

Речиси истиот коментар во голема мера може да се примени на решенијата кои го опфаќаат одобрувањето на микрокредити и микрофинансиски олеснувања за сиромашното население на глобално ниво, кои сега толку убедливо ги пропагираат финансиските институции во Вашингтон. Микрокредитот во својата општествена инкарнација (како што изворно го осмислил добитникот на Нобелова награда Мухамед Јунус) навистина отвори нови можности и изврши значајно влијание на меѓуродовите односи, што повлече позитивни консеквенци за жените во земјите како Индија и Бангладеш. Но, тој го остварува тоа по пат на наметнување на системот за колективна одговорност за отплата на долгот, кое повеќе може да доведе до затворање, а не до ослободување. Во светот на микрофинансиите, како што го артикулираа вашингтонските институции (наспроти социјалната, повеќе филантропска ориентација на микрокредитите, која ја предложи Јунус), ефектот се постигнува со генерирање високоприносни извори на приходи (со каматни стапки кои се најмалку 18%, а често и повеќе од тоа) за глобалните финансиски институции, среде појавата на маркетиншката структура која на мултинационалните корпорации им обезбедува пристап до масовниот агрегатен пазар кој го сочинуваат две милијарди луѓе кои живеат со помалку од два долари дневно. Планот е крупниот бизнис да продре на тој гигантски „пазар на дното од пирамидата“, како што се нарекува во бизнис круговите, по пат на конструирање сложени мрежи на продажен персонал (главно жени) поврзани со маркетиншки ланец кој води од мултинационалните складишта до уличните продавачи.20 Продажниот персонал формира заедница на општествени односи, каде сите се одговорни едни на други, воспоставена заради гарантирање на отплатата на долгот заедно со каматата, што им обезбедува да набавуваат стока која тие потоа поединечно ја пласираат на пазарот. Како и кај гарантирањето на правото на приватна сопственост, речиси е сигурно дека некои луѓе (а во повеќето случаи жени) можеби ќе отидат дури и понатаму, тежнеејќи да се збогатат, додека ноторниот проблем на тешкотијата на пристапот до сиромашните потрошувачки производи по прифатливи цени ќе биде намален. Но, тоа не е решение за проблемот на сиромаштијата кој се создаде под влијание на урбаниот развој. Повеќето учесници во системот за микрофинансирање ќе бидат редуцирани на статусот обични полукметови на долгот, затворени на лошо платената позиција на врска помеѓу мултинационалните корпорации и осиромашените жители од градските сиромашни краеви, при што предноста секогаш оди кај мултинационалните корпорации. Тоа е вид структура која ќе го блокира истражувањето на попродуктивни алтернативи. Сосема сигурно е дека со неа нема да биде предложено никакво право на град.

Урбанизацијата, како што можеме да заклучиме, играше решавачка улога во апсорбирањето на вишоците капитал, и тоа го правеше преку постојан раст со географски опфат, но по цена на процесите за развивање на креативна деструкција, кои како последица имаат одземање на какво било можно право на град од градските маси. Тоа периодично се завршува со бунт, како што се случило во Париз 1871 година, кога масите на кои им бил одземен просторот се кренале на нозе, тежнеејќи повторно да го освојат градот што го загубиле. Урбаните општествени движења од 1986 година, од Париз и Бангкок до Мексико Сити и Чикаго, во сличен стил тежнееја да дефинираат поинаков начин на урбан живот од оној што им го наметнаа капиталистичките градители и државата. Ако, како што изгледа, е многу веројатно дека растат фискалните тешкотии во актуелната конјунктура и ако дотаму е успешна неолибералната, постмодернистичката и конзумеристичката фаза на капиталистичката апсорпција на вишокот преку урбанизацијата која е на залез, и ако оттаму произлезе поопфатна криза, тогаш се поставува прашањето: каде е нашата 1986 или, уште подраматично, каде е нашата верзија на Комуната?

Аналогно на трансформациите во фискалниот систем, политичкиот одговор на нашето време мора да биде многу покомплексен токму заради тоа што по својот опфат урбаниот процес денес е глобален и е уништен од секаков вид расцепи, неизвесности и од нерамномерниот географски развој. Но, тие пукнатини во системот се, како што некогаш пееше Леонард Коен, „она што внесува светлина внатре“. Знаците на бунтот се насекаде (немирите во Кина и Индија имаат хроничен карактер, граѓански војни дивеат во Африка, Латинска Америка врие, движењата за автономија се јавуваат во сите места, а дури и во САД политичките знаци сугерираат дека мнозинството од населението вели дека „навистина е доста“, вперувајќи го прстот кон подивениот јаз на нееднаквоста). Секој од овие бунтови одеднаш би можел да стане заразен. Меѓутоа, за разлика од фискалниот систем, урбаните и периурбаните движења на отпорот, од кои многу се рафрлани по целиот свет, не се нималку цврсто здружени. Навистина, многу од нив не се во никаква меѓусебна врска. Оттука, мала е веројатноста дека една искра, како што некогаш сонуваше Weather Underground, ќе предизвика пожар во преријата. Тие ќе добијат некаква далеку посистематска форма. Но, ако овие различни опозициски движења на некој начин се поврзат – на пример, ако се соединат околу слоганот право на град – тогаш кои ќе бидат нивните барања?

Одговорот на последното прашање е навистина едноставен: ќе се бара поголема демократска контрола на производството и употребата на вишокот. Бидејќи урбаниот процес е главниот капитал за употреба, правото на град се конституира со воспоставување демократска контрола над прегрупирањето вишоци преку урбанизацијата. Да се има вишок производи не е нешто лошо: навистина, во многу ситуации вишокот е пресуден за адекватен опстанок. Во текот на целата капиталистичка историја одреден дел од создадениот вишок на вредност бил оданочуван од страна на државата, а во социјалдемократските фази тој сегмент значително растел, оставајќи поголем дел од вишокот под државна контрола. Целокупниот неолиберален проект во изминатите триесет години беше ориентиран кон приватизација на контролата на вишокот. Меѓутоа, податоците за сите земји од ОБСЕ покажуваат дека по седумдесеттите уделот на бруто производот кој го зема државата главно бил константен. Оттука, главното настојување на неолибералниот јуриш беше да се спречи ширењето на државниот удел на начинот кој се применуваше во шеесеттите. Следната реакција беше да се создадат нови системи на управување, кои ги интегрираат државните и корпоративните интереси и, преку примена на паричната моќ, да гарантираат дека контролата на трошењето на вишокот преку државниот апарат ги протежира корпоративниот капитал и повисоките класи во обликувањето на урбаниот процес. Растот на уделот на вишокот под државна контрола ќе функционира само ако се реформира и самата држава и ако повторно се доведе под демократска контрола на народот.

Сè повеќе сме сведоци дека правото на град паѓа во рацете на приватните или квазиприватните интереси. На пример, во Њујорк имаме градоначалник милијардер, Мајкл Блумберг, кој го преобликува градот во согласност со интересите на градежните претпријатија, Волстрит и елементите од транснационалната капиталистичка класа, истовремено продолжувајќи да го продава градот како оптимална локација атрактивна за високопрофитни бизнис инвестиции и како фантастична дестинација за туристи, со што Менхетен суштински се претвора во една огромна затворена заедница наменета исклучиво за богатите. (Иронично, неговиот слоган кој го користеше во градежните потфати гласеше: „Гради како Мозес, а мисли на Џејн Џејкобс.“21) Во Сиетл, милијардерот како што е Пол Ален го има главниот збор, а во Мексико Сити, најимотниот човек на светот, Карлос Слим, ги обновува улиците во строгиот центар за да го задоволи вкусот на туристите. Но, не се само богатите поединци оние кои имаат директно влијание. Во градот Њухејвен, кој очајнички копнее по ресурси неопходни за реинвестирање во сопствениот урбан развој, се наоѓа Универзитетот Јеил, еден од најбогатите универзитети во светот, кој го преобликува поголемиот дел од градот според своите потреби. Универзитетот Џон Хопкинс го прави истото во источен Балтимор, а Универзитетот Колумбија планира да го направи истото за подрачјето на Њујорк (двата случаи ги предизвикуваат движењата на отпорот во станбените населби, како што се случи по обидот за одземање земјиште во Дарави). Постоечкото право на град, како што е воспоставено сега, е премногу тесно ограничено, во повеќето случаи во рацете на малубројната политичка и економска елита која е во позиција сè повеќе да го обликува градот во согласност со своите конкретни потреби и најдлабоки желби.

Но, ајде поструктурно да ја погледнеме оваа ситуација. Секоја година во јануари се објавува проценка на вкупниот број бонуси заработени од целата напорна работа која финансиерите ја вложиле во текот на претходната година. Во 2007 година, која беше катастрофална година за финансиските пазари според сите мерила (иако воопшто не толку лоша како годината што следеше), вкупниот збир бонуси изнесуваше 33,2 милијарди долари, само два проценти помалку од претходната година (што не е толку лошо ниво на наградите за светскиот финансиски систем кој се распаѓа). Среде летото 2007 година Федералните резерви и Европската централна банка уфрлија милијарди краткорочен кредит во финансискиот систем за да ја обезбедат неговата стабилност, а како што годината се ближеше кон крајот Федералните резерви драматично ги намалуваа каматните стапки, секогаш кога пазарите на Волстрит се закануваа со пад. Во исто време, два или можеби три милиони луѓе – главно мешани едночлени домаќинства кои ги сочинуваат жени, делумно Афроамериканки во центрите на градовите, а делумно маргинализирано белечко население од перифериите – останаа без станбен простор или беа на работ да го загубат, како резултат на пропаѓањето заради губење на хипотеките. Многу градски населби, па дури и цели периурбани заедници во Соединетите држави беа разурнати и уништени, упропастени од предаторските кредиторски практики на финансиските институции. Тоа население не доби никакви бонуси. Всушност, со оглед на тоа дека принудната наплата значи простување на долгот, а тоа се третира како приход, многумина од оние над кои е извршена принудната наплата се соочуваат со гломазен износ на данок пресметан на парите кои никогаш ги немале. Оваа ужасна асиметрија го поставува следното прашање: зошто Федералните резерви и американското Министерство за финансии не ја проширија помошта во вид на среднорочна ликвидност на домаќинствата на кои им се закануваше принудна наплата сè додека реструктуирањето на хипотекарните заеми по прифатливи стапки не ги реши повеќето од проблемите? Суровоста на кредитната криза ќе беше ублажена, а осиромашените луѓе и градските населби кои ги населуваа ќе беа заштитени. Покрај тоа, глобалниот финансиски систем немаше да се ниша на работ на тотална несолвентност, како што се случи една година потоа. Секако, со тоа ќе се проширеше мисијата на Федералните резерви надвор од нивниот нормален дoмен на овластувања, и ќе дојдеше во конфликт со правилото на неолибералната идеологија според кое, во случај на конфликт помеѓу користа за финансиските институции и благосостојбата на луѓето, луѓето треба да бидат турнати настрана. На тој начин, исто така, би дошло до конфликт со преференциите на капиталистичката класа, во поглед на распределбата на приходот и неолибералните идеи за личната одговорност. Но, само погледнете колкава цена е платена заради тоа што слепо се држеше до таквите правила и заради неразумната креативна деструкција која следеше заради тоа. Сигурно може и мора да се направи нешто за да се променат таквите политички одлуки?

Но, ние допрва, во дваесет и првиот век, треба да очекуваме кохерентно движење за спротивставување на сето тоа. Се разбира, веќе посојат мноштво различни урбани борби и урбани општествени движења (во најширока смисла на зборот, вклучувајќи ги и движењата од руралната позадина). Никнувањето бројни урбани иновации во поглед на одржливоста на животната средина, културната инкорпорација на имигрантите и урбаниот дизајн на јавните станбени простори може да се следи насекаде во светот. Но, тие допрва ќе конвергираат во единствена цел за стекнување поголема контрола над употребата на вишокот (а камоли над условите за негово создавање). Еден чекор, иако никако последен, кон унификација на овие борби, претставува острото фокусирање на оние моменти од креативната деструкција каде економијата за акумулација на богатството насилно се надоврзува на економијата на грабежот, и таму да се прокламира, во името на развластените, нивното право на град – нивното право да го менуваат светот, да го менуваат животот, и повторно да го осмислуваат градот според своите желби. Тоа колективно право, подеднакво како работниот слоган и политичкиот идеал, нè враќа назад на древното прашање кој е тој што ја одредува внатрешната врска помеѓу урбанизацијата и производството и употребата на вишокот. Меѓу другото, можеби Лефевр беше во право, пред повеќе од четириесет години, кога инсистираше дека револуцијата на нашето време мора да биде урбана – или нема да ја има.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

_______________________________________________

[20] Ananya Roy, Povetry Capital: Microfinance and the Making of Development, New York: Routledge, 2010; C. K. Prahalad, The Fortune at the Bottom of the Pyramid: Eradicating Poverty Through Profits, New York: Pearson Prentice Hall, 2009.

[21] Scott Larson, “Building Like Moses with Jane Jacobs in Mind”, PhD dissertation, Earth and Environmental Sciences Program, City University of New York, 2010.

Извор: David Harvey, Rebel Cities: From the Right to the City to the Urban Revolution, Verso, London, 2012

Мурали: Финтан Меги

Слични содржини

Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото