Евтини приказни: Маргинализирање на маргинализирани заради политичари

22.10.2015 03:10
Евтини приказни: Маргинализирање на маргинализирани заради политичари

Бел стап. Фото: Graham87/Википедија (CC-BY). 

 

Настаните за кои информираат новинарите се вообичаено комплексни, повеќеслојни. Во принцип, не постои еднозначен настан кој не може на различни начини да се поврзе со барем уште еден или најчесто со редица други настани или/и информации.

Од еден настан може да се изведат поголем број информации и да се структуираат поголем број „приказни“. Меѓутоа, многу е важно да се прави градација на различните информации, кои се извлекуваат од одреден настан, односно, да се идентификува приоритетот во прикажувањето и во понатамошната анализа. Имено, од ова зависи подготовката на новинарот, знаењата со кои треба однапред да располага и понатамошната разработка на една тема.

Многу често се случува новинарите да отидат да следат одреден настан или случување, меѓутоа без намера да развијат сторија за истиот, туку само да проследат информација. Уште почесто се случува, медиумите да се присутни на одреден настан единствено заради тоа што настанот е поврзан со учество на конкретни политички личности. Во вакви ситуации, пишувањето за темата која би требало да биде главен предмет на интерес, всушност, се поместува на втор, па и на трет или „алиби“ план, а вистинското внимание се посветува на самите политичари и на прашања кои новинарите сакаат да ги постават, а кои немаат никаква врска со иницијалната причина за присуство.

На ваков начин, всушност, не само што се девалвира принципот на повикување на високи функционери на одредени настани, туку новинарите помагаат ваквите настани да се трансформираат во пропагандни појавувања на политичарите. Имено, кога се повикуваат високи функционери или познати личности на одреден настан, тоа не е заради промоција на тие функционери и личности, туку заради промоција на настанот, привлекување поголемо внимание за одреден проблем, одредена тема, одредена ситуација.

Само како пример, може да се искористи медиумскиот интерес за отворањето нов објект на државното училиште „Димитар Влахов“ (специјално училиште за деца со оштетен вид).

Овој настан привлече голем број новинари. Меѓутоа, од медиумското известување може да се види дека новинарите во најголем број не дошле заради одбележувањето на Светскиот ден на луѓето со оштетен вид ниту, пак, за да го искористат и денот и настанот во поширока анализа на состојбите во Република Македонија и проблемите со кои се соочуваат лицата со оштетен вид. Новинарската неподготвеност за следење еден ваков настан е толку висока што практично сите медиуми, всушност, пренеле еден ист (речиси до збор, а и по слика) истоветен текст. Многу мал број медиуми даваат и малку поширок приказ на настанот:

-„Американците изградија нова училишна зграда за децата со оштетен вид“ (Либертас)

Главниот интерес на новинарите е свртен кон нешто сосема друго. Дел од медиумите ја величаат улогата на Владата и особено на премиерот во пружањето несебична заштита на луѓето со оштетен вид (како, на пример, „Нетпрес“, каде што дури и сликата поврзана со статијата воопшто не е слика што на кој било начин конотира со луѓето со оштетен вид, туку е фотографија на Никола Груевски; потоа „Сител“ телевизија, „Курир“, „Слободна Европа“…).

Други медиуми се интересираат за односот меѓу политичарите (кој кого понижил со доцнењето на отворањето на објектот, односно со отворањето на објектот без присуство на другиот).


GRUEVSKI DOCNI SKOLO ZA SLEPI 15 10 2015 by 24vesti

-„Цели 45 минути американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли го чекаше премиерот Никола Груевски на свеченото отворање на новите простории во училиштетото за деца со оштетен вид во Кисела Вода кои се американска донација.“ (24 вести)
-„Груевски грубо го понижи американскиот амбасадор“ (Плус инфо)

Трети, пак, едноставно го искористиле присуството на политичарите за да им поставуваат прашања кои немаат апсолутно никаква врска со луѓето со оштетен вид („А1он“, „Телма“ телевизија, …):

„Овие коментари амбасадорот Бејли ги даде при отворањето на средното училиште за лица со оштетен вид, американска донација каде премиерот Груевски дојде со задоцнување од 1 час.“ (Алсат)

Ниту еден медиум не го искористи ниту Светскиот ден на луѓето со оштетен вид ниту, пак, отворањето на новиот објект како повод за поширока анализа на ситуацијата на луѓето со оштетен вид во Македонија, нивниот број, положба, остварувањето на основните права и особено имплементацијата на меѓународните договори што ги има ратификувано Република Македонија, а кои се однесуваат на оваа категорија луѓе.

Ниту еден медиум не се ни обиде да го стави отворањето на новиот објект на училиштето „Димитар Влахов“ во еден поширок контекст – прашањето за инклузија на децата со оштетен вид и особено инклузија во образовниот процес. Имено, отворањето нов објект значи дека продолжува политиката на сегрегација и на изолација на овие деца и зборува за практика на дестимулирање на децата со оштетен вид да посетуваат, во согласност со Законот за основното образование, настава во редовните училишта. Ваквиот пристап може да се толкува и како спротивен на стратегиските и плански документи што ги усвојува истата таа влада, а во кои на инклузијата на децата со попреченост во образованието ѝ е даден приоритет.

Добро подготвен новинар ќе го прашаше амбасадорот Бејли за неговиот став во однос на донирањето средства за еден ваков објект, што може да се толкува како спротивно на редица други проекти што САД ги поддржуваат и финансираат во Република Македонија (на пример: E-пристапно образование, Инклузивно образование, Рушење на бариерите…) или на заклучоците и препораките на експертите кои доаѓаат од САД (на пример во рамките на семинарот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“), односно, на основите врз кои ваков вид проекти поддржува развојната агенција на САД.

Неспорно е дека одредени случувања во земјата привлекуваат внимание и дека медиумите се обидуваат да ја искористат секоја можност за да добијат мислења, ставови и изјави на посредно или непосредно инволвираните фактори. Меѓутоа, тоа не значи дека сите други прашања се минорни и дека може и треба да се злоупотребуваат дури и такви денови кои се специјално воспоставени за да се привлече вниманието на јавноста кон правата и проблемите на исклучително маргинализирани групи.

Постер со кој се промовира грижа за видот на децата. Фото: World Sight Day 2015.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).