Јас, Квентин Скриблер

22.10.2015 04:45
Јас, Квентин Скриблер

Сè за местата

Да, кажи ми сè за местата на кои
никогаш нема да одиме заедно.
Оти другото го знам,
оти другото го знам!
И сè за ноќите што никогаш
нема да ги поминеме во ист кревет,
за зорите што никогаш нема
да ги дочекаме пред ист прозорец.
Кажи ми како ќе бидеме облечени,
како ќе се држиме за раце,
каква тераса ќе имаме, каков поглед,
какво небо ќе ни подари денот,
што ќе појадуваме, што ќе вечераме,
како ќе се смееш на моја сметка,
како нема да се налутам што е така,
и потем, како ќе се гледаме еден со друг...
Кажи ми сè за допирот што
ќе го измислат твоите раце
да ме задржат таму,
на местата чии улици не ги знаеме,
на местата каде ќе бидеме странци,
на местата каде никогаш нема
да одиме заедно...
(Оти другото ќе се случи...
Оти другото ќе го знам...)

Време

Имаш кожа допрена
од луѓе што не сакам
да ги замислам.
И парчиња далечини
донесени од места каде
мојата блискост скрстува раце
за да умре спокојно.
Ја изгубив вселената на коцка,
и станав поет со мисла што
ми ги разголува зборовите
на обичен, но длабок молк.
Еднаш посакавме да сме вечни...
Тогаш не знаевме што е време.

Неподвижно бегство

Цел живот, љубов моја,
планираме бегство,
а ниеден свет не им дава
азил на нашите мечти.
Куферите постојано ни се спакувани,
прошталните прегратки
и зборови за разделба
цел живот ни се на готовс,
а ние сите возови ги пропуштаме,
и вечно чекаме на клупата,
хранејќи осамени гулаби.
Можеби тука треба
да ги населиме нашите мечти.
Во вечното пристигнување
и испраќање на патниците
ние да бидеме
неми духови што не го
признаваат постоењето на
простор и далечини.

Митови

Плачеме во заборавениот град
каде љубовта збришала сè како колера,
оставила срца без жили и
неми очи што гледаат
со илјадa зборови.
Пригушен рокенрол…
Си ги преплетуваме јазиците
како никој пред нас
да не се бакнувал
на овој свет,
и јас знам дека до следниот пат
ќе мораме да измислиме
нови митови
за да останеме заедно.
Додека се двоиме
на посебни тела,
немите очи зборуваат
дека времето ќе излечи сè,
а неговите ситни минути
веќе ни ја кинат кожата.
Не останувај ми само во песните.
Јас сум највисокиот клас
на твоето слободно поле,
и „амин“ во тајната молитва
до богот што ги разбира сите љубови.

На родилката

Смев во утробата.
Зрнца надеж ти го оплодија сонот.
Ти пиеш вода од истиот извор
на кој се пои бел еднорог.
Да, тоа во тебе
ќе биде прво и последно
од таков вид.
Ќе има бисерни запчиња
и прозрачни очиња
што ќе им веруваат
на твоите приказни
за оџакот и штркот.
Да, тоа ќе биде
единственото нешто
што си го создала
за да го сакаш
повеќе од себе.
Тоа ќе биде
здивот што ќе те држи
додека ги искачуваш планините,
рикањето што ќе го спознаеш
за да го зачуваш од лавовите,
тоа ќе биде ноќта во која
ти ѕемнеш оти нему му е студено…
Тоа ќе биде причина да сакаш
без да прашаш „зошто”,
единствениот цвет во животот
што ќе го чуваш од туѓите стапки,
и ќе го полеваш за да те надрасне
и да ги носи твоите бои.

Одаја

Јас во твоето срце преспивам.
Во она одајче што не го допира ветрот.
Во она одајче каде се чуваат лекови на суво и темно.
Во она одајче што ги собира прочитаните
книги чии ликови ja заборавиле приказната
и почнале да водат друг живот под кориците.
Во она одајче што е дом на одмината мода,
грамофони, плочи и летни љубови стиснати
меѓу четирилисни детелини во стар споменар...

Јас во твоето срце преспивам.
Другите одаи ти се бучен бордел
со звуци на акордеон, и чести гости
што по бесните оргии и загушени ноќи
го кршат мебелот, ги шараат ѕидовите,
и никогаш не ѝ плаќаат на старата мадам.

Јас во твоето срце преспивам.
Секогаш во истата одаја.
Одаја – манастирски конак
во кој учиш, и молитва, и мантра,
за болната душа што се смирува
меѓу тишината на илјадници свеќи,
и за миг заспива,
и за миг заборава...



Прашина

Ние сме прашина што случајно паднала овде
по судирот на далечни светови.
Со поглед упатен кон ѕвездите
што никогаш нема да ги достигнеме,
ја забораваме гравитацијата
која смртно го мрази летот на нашата фантазија.
Потскокнуваме на секој непредвидлив шум,
се стресуваме од секоја невидена глетка,
ги сожалуваме пеперугите,
несвесни за сопствената краткотрајност.
Го гледаме животот како конечна отсечка
што проклето ни ја всадуваат во умот
уште додека сме првачиња,
за да се привикнеме дека сè има свој почеток и крај.
А не ни кажаа дека крајот се сведува
на места што никогаш нема да ги видиме,
на звуци што никогаш нема да ги слушнеме,
на патишта што никогаш нема да ги изодиме,
на луѓе што никогаш нема да ги запознаеме...

Прозорци

Насолзени прозорци
чекаат да бидат отворени
со дланки што долго
во ноќта бришеле солзи.
Само така ќе го прикажат светот
ослободен од дождови.
Една од милионите комбинации
на телефонски броеви
го крие твојот глас.
Прозорците се затворени,
а јас остарев барајќи ја.

Извор: Јас, Квентин Скриблер, Валандово, 2015.
Слики: Едвард Хонакер

Јосип Коцев е роден на 25.05.1985 во Скопје. Завршил правни студии на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во блог заедницата е познат како Quentin Scribbler, псевдоним под кој твори од 2008 година. „Јас, Квентин Скриблер“ е негова прва книга, која содржи најголем дел од поетското творештво создадено во периодот помеѓу 2008 и 2014 година. Истовремено во неа се содржани и неколку наслови од необјавената збирка „Отфрлени“, една од наградените на конкурсот за млади автори „Бели мугри 2014“ во организација на Домот на култура „Кочо Рацин“-Скопје.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото