Владата ќе гради етно село и на Месечината

22.10.2015 12:24
Владата ќе гради етно село и на Месечината

Скопје-Месечина, 22 октомври 2015

Речиси пет децении откако човекот стапна на Месечината, премиерот во заминување на Република Македонија, Никола Груевски, во своето последно излагање пред своите медиуми предложи изградба на „лунарно етно македонско село“ на земјиниот природен сателит.

„Зошто да не изградиме лунарно етно село“, праша Груевски во обраќањето на Локалниот конгрес на астронаутика во село Прдејци, објаснувајќи дека македонското етно село на Месечината би можело да претставува замена за Македонија и појдовна точка за патување во нова, далечна дестинација на македонските иселеници, како што е Марс.

Според него, лунарното етно село би било сместено на делот од површината на Месечината што се гледа од Земјата и ќе биде составено „од неколку традиционални македонски куќи, црква, партиски штаб на ДПМНЕ во барок стил и околу сто и педесет споменици на видни личности. Тој истакна дека првите жители на ова „етно село“ би биле млади лица кои и онака сакаат да се иселат од Македонија и кои би ја трасирале патеката за нова иселеничка дестинација на македонскиот народ.

Предвидено е проектот да заврши во 2024 година. Случајно или не, истата година е предвидено и затворање на Меѓународната вселенска станица, па Груевски верува дека со нејзиното затворање, лунарното македонско етно село ќе биде единствената туристичка дестинација во вселената уште долго време.

„Мораме да размислуваме за иднината на македонскиот туризам“, објасни Груевски. „Мораме да изнаоѓаме решенија за промоција на Македонија и македонското културно-духовно богатство. Мораме да изградиме нова иднина за македонскиот народ“, Груевски со овие зборови го заврши своето излагање во Прдејци, каде што беше во официјална посета.

Груевски одби да одговори на новинарското прашање дали планира да пребегне таму во случај да се соочи со затворска казна поради своите криминали и злоупотребата на власта.

Слика: Свирачиња