Додека не направиме власта да се плаши од нас, ни нема спас!

23.10.2015 00:36
Додека не направиме власта да се плаши од нас, ни нема спас!

Во право се странците, не можат тие наместо нас да ни ги решаваат сите наши проблеми, ако сами не сакаме да си ги решиме.

Еве, хипотетички, и да го фатат за уво Груевски и да го пикнат во затвор, и да ни донесат на власт некој кој е способен и чесен. Зошто способниот и чесниот не би се разбудил едно утро и не би престанал да биде чесен, па да си рече: „Дај бе и јас да си ставам некој милион во џеб“, зошто? А откако ќе си пикне неколку милиони во џеб, да си каже: „Ај сега да земам неколку стотици милиони, уствари, барем една милијарда евра, зошто да не!“

Во оваа држава нема механизми со кои би се спречила злоупотребата на моќта, која е концентрирана во личностите кои се на врвот во извршната власт. И тоа малку што го имало одамна е поклопено. Зошто? Затоа што власта не се плаши од народот, туку народот се плаши од власта. Сè додека тоа не се промени, нема да има суштинска промена кон подобро.

Затоа не се добри тезите „еве сега странците ова, она, вака и така“. Затоа не е добра ниту тезата „еве сега специјалната обвинителка ќе направи ова, она, вака, така“. Овие тези дополнително го деполитизираат граѓанинот, без чие учество во разрешницата на кризата нема суштински да се смени работата.

Затоа не функционира ако целата работа им ја оставиме на Американците и ЕУ, а уште помалку само на Катица Јанева. Едноставно, нема да дојде Супермен и во оваа наша држава со еден потег да ни направи сè да ни биде потаман. Ниту супер жена која со својата работа ќе нè спаси од криминалот и корупцијата.

Нема друго, оваа власт мора да си замине под притисок на граѓаните. Оние кои десет години се пљачкани и угнетувани. И немојте со изговорот „да имаше граѓани немаше да дојде до ова“. Се гледа дека мнозинството живее значително полошо отколку во 2006 година. Треба сериозна работа за да се поттикнат граѓаните, да се срушат етничките и верските бариери и да се организираат во демократски фронт против режимот. Да се извадат на улица 100.000 луѓе.

Е тогаш да ја видам ароганцијата на груевизмот! Тогаш ќе видите како и притисокот на странците ќе дава плодови. Тогаш и Катица Јанева ќе може многу полесно да си ја работи работата. Додека не направиме власта да се плаши од нас, ни нема спас!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња