Unplugged образование – во живо од Кичево, Македонија

23.10.2015 00:47
Unplugged образование – во живо од Кичево, Македонија

Трите основни училишта во Кичево се без електрична енергија веќе околу 4 месеци. Исклучени се од страна на EVN бидејќи немаат буџет да ги подмират обврските. Од 1 септември наваму, децата одат на скратени часови за да завршат пред зајдисонце. Одат на часови во две смени и втората смена завршува околу 7 часот навечер.

Наскоро ќе почне грејната сезона (15 октомври) и нема да работи парното греење ако нема струја. Минатата школска година (2014-2015) учениците во истите основни училишта во Кичево немаа часови цели 6 недели (октомври-декември 2014), бидејќи училиштата немаа доволно средства за да набават нафта за греење. Потоа морале да ги надоместат часовите со учење на две до три лекции во еден час, за да завршат во предвиденото време, т.е. на 10 јуни. Во трите основни училишта („Санде Штерјоски“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Владимир Полежиновски“) учат вкупно околу две илјади деца.

Кризата со основните училишта во Кичево покажува една подлабока криза на лидерство, етичност и способност за менаџирање на буџети на локално ниво (Општина на Град Кичево) и централно ниво (Министерство за образование и наука). Со неможноста да се обезбедат суштински услови за настава за основците, локалната и централната власт го кршат Член 44 на Уставот на РМ кој гарантира задолжително и бесплатно образование на секое дете, под еднакви услови:

Член 44

– Секој има право на образование.
– Образованието е достапно на секого под еднакви услови.
– Основното образование е задолжително и бесплатно.

Несфатливо е исто така што ЕВН, втората компанија по приходи во Македонија со околу 400 милиони евра приходи во 2014 година, на својот веб сајт гордо истакнува дека „ЕВН Македонија ги подржува 10-те принципи на Глобалниот Договор (на Обединетите Нации) кои се во однос на човековите права, заштита на околината и анти-корупција“, а исклучувајќи ја струјата на трите основни училишта во Кичево, го прекршува фундаменталното човеково право, правото на образование.

Извор: bizgovsoc.wordpress.com