За надреализмот (4)

23.10.2015 02:02
За надреализмот (4)

Андре Бретон (долу најдесно) со „колегите-дадаисти“, Париз, 1920.

IV

 

Светот кој пишува со 365 арапски цифри научи да множи со двоцифрен број.

*

Имам на раката, од внатрешната страна, еден злокобен знак, едно сино М кое ми се заканува.

*

Нема начин да се досадуваме: тоа би било на штета на милувањето, а наскоро нема да го има тоа.

*

Желбата на Господ Бог за големина во Франција не надминува 4.810 метри надморска височина.

*

Низ многукратниот сјај на гневот, гледам како вратата се затвори, како корсет на некој цвет или гума на ученик.

*

Искушение да нарачаме некое ново јадење: на пример, едно рушење на платан.

(Магнетни полиња)

 

- Повоениот период. - Автоматско пишување: Магнетни полиња. - Цара во Париз. - Дадаистичките настапи.

Андре Парино: Оваа четврта емисија го оживува периодот од вашиот живот од пролетта 1919 до крајот на 1920 година, односно периодот од првите броеви на списанието Littérature и вашето враќање во цивилниот живот, до раскинувањето со Дада. Каква беше вашата духовна состојба и какви амбиции имавте таа 1919?

Андре Бретон: Имајте предвид дека за време на пролетта и летото 1919, кога се појавуваат првите шест броеви на списанието Littérature; уште ни оддалеку не сме слободни во своето движење: јас сум демобилизиран дури во септември, а Арагон неколку месеци подоцна. Тогашните власти се грижеа да овозможат премин помеѓу начинот на живот кој го искусивме во војната и оној кој ни го пружи враќањето на цивилниот живот. Во таа претпазливост немаше ништо излишно: неизбежните дошепнувања на војниците кои се вратија од фронтот многу брзо имаа за последица дополнително разгорување на гневот, чувство дека бескорисно се жртвувани толку животи, голема „сметка која требаше да се плати“, со позадина чијшто нечуен „докрајашки“ дух толку долго одеше напоредно со безобѕирните шпекулации, растурањето на безброј домови, крајната просечност на утрешнината. Опиеноста од воената победа не траеше долго.

Луѓето се враќаа од војната, се разбира, но не можеа да се вратат од она што тогаш се нарекуваше „полнење на главата“, а што суштествата кои само бараа да живеат и - со ретки исклучоци - да бидат во слога со своите ближни, за четири години ги претвори во исплашени и избезумени суштества, кои можеа да бидат не само угнетувани, туку и безмилосно уништувани. Секако, некои од овие бедници фрлаа поглед кон оние кои им дадоа толку добри причини да појдат во борба. Не можеа да ги спречат да ги споредуваат своите искуства, да ги изнесуваат информациите кои цензурата ги чуваше од секакво пошироко објавување, како и да ја откриваат големината на пустошењето кое ја направи војната, безграничната пасивност која таа ја користеше, а кога имаше обид да се разбие таа пасивност, следуваа ужасни казни. Можете да замислите дека нивното расположение не беше најдобро.

Андре Бретон, Пол Елијар, Тристан Цара и Бенжамен Пере.

Меѓутоа, општиот став не беше побуна, туку попрво апатија, барем така ни изгледа од дистанца...

Вистина е дека повеќето од нив доста брзо се помирија со тоа. Тие постепено се групираа по здруженија чија управа брзо го канализираше нивниот немир, а впрочем, дури и кога нивните интереси почнаа да се разидуваат до крајност, тие - како „поранешни борци“ - не се откажуваа од минимумот солидарност од сентиментална природа (во што има извесен хумор кога се гледа од дистанца). Власта за која зборував - пркосејќи ѝ на крајната непопуларност во времето на војната - немаа никакви потешкотии да се одржат, бидејќи развија, како одводен канал за внатрешната побуна која се закануваше да се прошири, еден грозен церемонијал кој предвидуваше постојано откривање на оние споменици на мртвите кои и денес постојат како сведоци на едно вандалско време и негување на култот кон „незнајниот јунак“, во Париз, на плоштадот Етоал. Што се однесува до мене, ослободен од војничкиот јарем, сакам да ја избегнам секоја нова принуда. Нека биде што мора да биде...

Каква е вашата претстава за иднината во тој момент?

Немам никаква претстава за иднината. Денес ми е тешко да се потсетам на таа духовна состојба. Со часови се вртам околу масата во мојата соба во хотелот, бесцелно шетам низ Париз, вечерите ги поминувам сам на една клупа на плоштадот Шатле. Не изгледа дека следам некаква мисла или некакво решение: не, обземен сум од некој вид фатализам на живеење од денес за утре, изразен со извесно повеќе угодно пуштање „низ вода“. Тоа почива на речиси целосната рамнодушност која ги исклучува само моите ретки пријатели, то ест оние кои на некој начин учествуваат во истиот немир како и јас, немир од целосно нов вид, иако тешко може да се изрази.

Меѓутоа, изгледа дека во тоа време донесувате извесни одлуки, барем во поглед на насоките кои треба да му се дадат на списанието Littérature?

Да. Она во што веднаш се уверив е дека ориентацијата на првите броеви на Littérature повеќе не одговара. Зошто и понатаму да се тежнее кон онаа невозможна синтеза на елементите чие приближување го задоволува чувството за квалитет, но кои никогаш нема да имаат никакви меѓусебни врски? Важно е да ѝ се спротивставиме на таа антологиска страна на списанието.

На патот кој тогаш се оцртува како наш, Арагон, Супо и јас повеќе не сме препуштени само на сопствените средства. Во меѓувреме, го сретнавме Пол Елијар, а јас веќе некое време се допишувам со Тристан Цара.

Што го наведе Елијар да ви се приближи?

Пред да ни се придружи, Елијар беше пријател со Жан Полан и долго ги делеше неговите интереси; на поетски план, ги уважува неговите учени забелешки во поглед на јазикот. Она што Полан го кажува, а уште повеќе она што го подразбира, скриените мисли кои извонредно ги изразува, сето тоа тогаш ни е сосема блиско. Крајната одмереност, воздржаноста на неговите влегувања во збор, необичната острина на неговиот поглед откосо на работите, ме привлекуваат колку и Елијар. Инаку, и многу други сродности го наведуваат да ни се придружи.

Што знаевте за Цара пред да го сретнете?

Цара е уште во Цирих каде крева голема врева. Во текот на минатите години, активноста наречена „Дада“ ми остана многу нејасна. Ги открив првите два броја на Дада кај Аполинер кој нерадо гледаше на нив, осомничувајќи некои од уредниците дека не ги подмириле воените обврски кон воените власти на својата земја, и дури се плашеше да не го компромитира тоа што преку пошта примил една таква публикација.

Овие броеви уште се по малку врзани за предвоените истражувања (кубистичкото, футуристичкото), иако тука веќе се манифестира силниот негаторски дух, а воедно и екстремистичката определба. Но, дури Дада 3, која стигнува во Париз кон почетокот на 1919, ќе долее масло на огнот. „Манифест на дадаизмот 1918“ на Тристан Цара, со кој почнува, е многу експлозивен. Тој прогласува раскин на уметноста со логиката, нужност на „големата негаторска работа која треба да се заврши“, ја воздигнува спонтаноста до небо. Уште повеќе од она што тука е речено, за мене е значајно она што оттаму избива, а што истовремено е надминато и силно, предизвикувачко и далечно, а исто така и поетско. Нешто подоцна, Цара ќе рече: „Не пишувам затоа што тоа ми е занает и немам книжевни амбиции. Би станал авантурист со отмено држење, елегантни движења, да имав физичка сила и нерви да го остварам тој единствен подвиг: да не се досадувам“. Токму таквите интонации тогаш го предизвикуваат мојот толку жив интерес за него.

Списанието Дада 3, уредувано од Тристан Цара, декември1918.

Оваа реченица на Цара би можел да ја потпише Ваше...

Очигледно е дека таквиот став многу го приближува до Ваше, што ќе ме наведе да пренесам на него голем дел од довербата и надежта која можев да ја полагам во Ваше. Ориентацијата на списанието Littérature ќе биде темелно изменета. Тогаш, впрочем, се создава, доаѓајќи од повеќе страни на светот, движењето со широки размери, кое доведува до приближување и соочување на ставовите кои дотогаш се одредувани независно едни од други, но сепак имаат многубројни допирни точки, сè уште недоволно воочени. Основано за време на војната во Америка, а сега објавувано во Париз, списанието 291, потоа 391, На Франсис Пикабија, го сврте вниманието на активноста на Артур Краван, „поетот и боксер“ кој се претставува како внук на Оскар Вајлд, кој непосредно пред војната го издаваше малото списание Maintenant, со остар тон каков што дотогаш беше непознат. Оттогаш во Америка непрестајно се истакнуваше со пркосно однесување кон сè што може да се смета за здрав разум и добар вкус, внесувајќи впрочем во тоа неисцрпно здравје и младост. Сега не можам да се задржувам на неговите подвизи, чијшто краток преглед го давам во „Антологија на црниот хумор“.

Во тоа време и улогата на Марсел Дишан станува многу значајна за вас, зарем не?

Да. Повторно преку Пикабија добиваме вести - доста возбудливи - за Марсел Дишан. Неговиот развој беше многу необичен: откако од 1911 до 1913 даде сосема оригинален придонес на кубизмот и футуризмот, со сликите кои подоцна ќе станат славни, како што се „Акт кој слегува по скалите“, „Le roi et reine traversès par des nus vites“, постапи како иконоборец потпишувајќи ги „Фабрикуваните предмети“ како што се држачот за шишиња, лопатата за снег, писоарот, кои настојуваше да ги издигне до ранг на уметничко дело само преку „изборот“. Со уште поголема немарност потпиша една репродукција на „Џоконда“ во боја, откако ја украси со мустаќи. Се зборува дека веќе работи неколку години на некоја голема слика на стакло: „La mariée mise à nu par ses célibataires meme“, на која сè уште ѝ недостасуваат поединости, но која од сите свои страни се отвора кон необичното, непознатото.

Пикабија во тоа време е многу вознемирен. Какво е вашето тогашно мислење за неговата поезија, неговото сликарство и неговиот став?

Пикабија, кој штотуку се врати во Париз минувајќи низ Швајцарија за да го запознае Цара, навистина изгледа крајно „лут“. Во списанието 391, без поштеда упатува зајадливи досетки на сметка на едни и други, кои некогаш ги натопува со витриол. Освен Цара, кој очигледно го освои, тој меѓу живите го штеди само Дишан, чие влијание врз него тогаш е многу големо, и Жорж Рибемон-Десењ, кој ги дели повеќето негови гледишта. И покрај она што во неговото однесување тогаш го сметаме за малку претерано, малку нападно, јас од своја страна ценам дека дрската слобода на неговата поезија („52 огледала“, „Атлет на погребните ритуали“), како и склоноста кон авантура заради авантура, која во најголема мера ја изразуваат неговите потфати на ликовен план („Идни, американска девојка“, „Многу ретка слика на земјата“, „Љубовна поворка“ и многу други).

Портрет на Франсис Пикабија направен од Ман Реј, 1920.

Овие објаснувања кои се однесуваат на вас и на вашите пријатели јасно ја истакнуваат вашата револуционерна волја како и вашите резерви; таа ќе ни овозможи подобро да ги сфатиме причините за вашето пристапување кон Дада и причините за вашиот прекин. Уште сме во 1919. Што знаете за Дада?

Во тој миг овде не сме доволно информирани за она што би можело да биде „дадаистичкото движење“ во Берлин, поттикнато од Рихард Хилзенбек, но набрзо ќе дознаеме за неговата бучна реафирмација, која беше од суштинско значење, во Келн, околу Макс Ернст. Врската помеѓу духот на Макс Ернст и духот на Тристан Цара ја претставува Арп, кој ја поминал војната во Цирих со последниов, Арп, чиишто цртежи и дела во дрво во тоа време се она најслободното и најново што се нуди, и чиишто песни на германски јазик, исто така го претставуваат она што го дава најоригиналниот и највозбудлив тон. За нас е важно тоа што истиот тек се оцртува во две земји кои до вчера беа непријателски. Тоа не може да најде подобро оправдување во нашите очи.

Повторувам, конвергентноста на тие линии е она што има одлучувачко влијание на моето пристапување кон „дадаистичкото движење“ (Супо на тоа, како и на сè друго, ќе му придаде помало значење; Арагон долго време ќе биде воздржан). Дада, како што ја формулира Манифест 18, го претставува она што одговара на еден вид тогашна нужност, она што историски може да се поврзе, со цел на нивно надминување, некои забелешки од пресудно значење кои, како што гледате, се појавуваа од сите страни.

Дали „дадаистичкиот дух“ уште тогаш има влијание врз насоките на списанието Littérature?

Колку и да беше подривано од „дадаистичкиот“ дух, списанието Littérature сепак останува релативно верно на својот почетен образец. Типографските средства кои претставуваат главно кочоперење на Дада и списанието 319, во него не играат никаква улога. Соработката со елементите кои се, ако не непријателски расположени кон новата духовна состојба, во најмала рака заштитени од неговото влијание - Валери, Жид или Макс Жакоб, Сандрар, Моран - ќе се одржат до февруари 1920, кога е објавен дванаесеттиот борој. Ако воопшто постои превратнички напор, треба да се бара на друго место, а не на подрачјето на „Дада“: по објавувањето на „Песните“ на Лотреамон, списанието Littérature почна да ги објавува „Писма од војната“ на Жак Ваше; тој на шега ги побара од Жил Мари, авторот на „Роже Страмот“, неговите сеќавања на Рембо: го одвлечка книжевниот свет во стапица која сè уште не е заборавена, покренувајќи ја меѓу писателите анкетата „Зошто пишувате?“ и бележејќи ги, според редослед на просечноста, нивните одговори, од кои повеќето беа бедни.

Но она што на сосема друг начин е значајно, она на што треба да му се посвети внимание еднаш засекогаш, е тоа дека во броевите од октомври до декември 1919, Littérature ги објавува, со мојот и со потписот на Супо, „Магнетни полиња“. Неспорно, тука станува збор за првото надреалистичко (а никако дадаистичко) дело, бидејќи тоа е плод на првата систематска примена на автоматското пишување. Тоа дело беше завршено неколку месеци порано. Секојдневната примена на автоматското пишување - се случуваше да му се препуштиме и по осум или десет часови без престан - нè поттикна на многу значајни забележувања, кои, меѓутоа, ќе се усогласат и ќе добијат полна важност дури подоцна. При сето тоа, тогаш живееме во занес, речиси во опиеност од откритието. Се наоѓаме во положба од која избива на виделина драгоцена жица.

Страница од ракописот на „Магнетни полиња“, 1919.

Така во 1919 располагате со она средство за дупчење и вадење, кое во голема мера ќе биде употребувано во надреализмот...

Да, првите, многу важни факти беа утврдени. Преостана само да се издвојат многубројните психолошки и други импликации на тој потфат. Според тоа, погрешно е и хронолошки неточно да се претстави како движење кое произлегува од Дада или да се гледа во него воздигнување на Дада на творечки план. Всушност, во списанието Littérature, како и во други дадаистички списанија во вистинска смисла, надреалистичките и дадаистичките текстови постојано се менуваат. Иако нужноста на која укажав пред малку во тој момент нè наведува да ставиме нагласок на Дада, Дада и надреализмот - дури и ако овој е сè уште само потенцијален - можат да се сфатат само во корелација, како два брана од кои секој наизменично ќе го прекрива оној другиот.

Значи, како изгледа „дадаистичката активност“ кон почетокот на 1920 година?

Во дадаистичката активност каква што се развива во Париз, мислам дека можат да се разликуваат три фази: фаза на голем немир, веднаш по доаѓањето на Цара во Париз и во непосредната зависност од него, која може да го опфати периодот од јануари до август 1920, без голема реприза кон крајот на истата година, потоа една повеќе талкачка фаза која и понатаму тежнее кон истите цели, но со средства обновени од основата, пред сè на поттик од мене и Арагон, а која ја сместувам во периодот од јануари до август 1921, и најпосле, мачната фаза во која обидот за враќање на првобитните облици на манифестирање набрзо ги разочара последните поддржувачи и во која сè повеќе се множат отпадниците, сè до 1922 година, кога Дада сосема згаснува.

Па, да ја разгледаме таа активнсот фаза по фаза. Што издвојувате прво?

Првата фаза (првите месеци од 1920), гледана од растојание и од надворешна страна, е многу блескава. Ерупција на многубројни списанија: Bulletin Dada, Dadaphone, чиј уредник е Цара, Cannibale, чиј уредник е Пикабија, Proverbe, кое го уредува Елијар, Littérature број 13, посветено на објавувањето на „23 Манифест на дадаизмот“, многу други публикации од помало значење сведочат за вредноста на тоа движење. Инаку, не се задоволувавме со пишување, туку повеќе пати јавно се појавувавме, одржувајќи ги по ред: „Првиот петок на списанието Littérature“ во Палатата на празниците (јануари), настапот во Салонот на независните (февруари), настапот во Theatre de l'Oeuvre (март), „Фестивалот“ во Салата Гаво (мај). На прв поглед се чини дека е постигнат бараниот ефект, дека конформизмот е во лоша состојба, здравиот разум надвор од себе, дека печатот врие од гнев. Би можело да изгледа дека сè е во најдобар ред, па сепак, гледана одвнатре, барем што се однесува до Арагон, Елијар и мене, ситуацијата се доживува поинаку. Јасно е дека претерано се користат методите за шокирање, „кретенизација“ во малдороровска смисла на зборот, а особено методите за безопасна провокација кои беа утврдени во Цирих или на некое друго место. Кога и да се предвиди некој дадаистички настап - секако, од страна на Цара кој е неуморен во тоа - Пикабија нè собира во својот салон и нè повикува по ред да подготвиме некои идеи за настапот. На крајот, жетвата не е многу обилна. Главното дело неизбежно претставува првата или втората или n-та „Авантура на господинот Антипирин“ на Тристан Цара во интерпретација на неговите пријатели со секогаш ставените хартиени цилиндри (како крајно средство, тоа беше неговата омилена „идеја“, Цирих мора да бил одушевен). Секако, повеќето од нас беа млади, нималку не нè загрижуваше бесперспективноста на таквите активности. На пример, Супо и јас чувствувавме не баш мало задоволство кога нашиот скеч под наслов „Ќе ме заборавите“, кој самите го изведовме во Салата Гаво, беше дочекан со јајца, домати, бифтеци, кои гледачите наврат-нанос ги набавиле за време на паузата. На она што публиката го мислеше за нас, ние возвраќавме стократно. Но сепак, два-тројца од нас се прашуваа дали таа битка за Ернани, која секој месец со уважување одново ја започнувавме и чија тактика толку брзо стана вкалапена, е доволна сама по себе. Црвен градник, совршено, но под услов под него да чука срцето на Алојзиус Бертран, Жерар де Нервал, а зад нив срцето на Новалис, Хелдерлин, а зад нив уште многу други...

Манифест на дадаизмот, 1918.

Така, вие сметате дека во она што се објавува меѓу вас, нема сè дадаистички „тон“ во вистинската смисла на зборот?

„Дадаистичкиот“ тон во она што во него може да биде особено - ако ги исклучиме надреалистичките примеси – го даваат речиси само Цара, Пикабија и Римбон-Десењ. И понатаму се повикува делото на Дишан, но сосема оддалеку. Делото на Арп останува во границите на поезијата и ликовната уметност. Делото на Ернст не е такво за да го одвојува дадаизмот од надреализмот: тоа ја врти водата на две воденици истовремено.

Дали е тука почетокот на она незадоволство кое веќе ја подготвува вашата реакција?

Мислам дека е. Тогашното големо разочарување - разочарување за многумина од нас - потекнува оттаму што Цара не е онаков каков што сметав дека е: поет, да, секако, дури и голем поет во одредени мигови. Но вревата која се крена околу него во Париз како да дрогираше, допингуваше. Во овие зборови не внесувам никаква полемичка намера, само ги изразувам своите тогашни чувства. Тој се забавува, дрдори, ги повторува настапите кои се допадливи, ја користи најдобро што може, но во една област која доста брзо се стеснува, својата лична допадливост. Изгледа дека „Манифестот на дадаизмот“ во 1918 ширум ја отвора вратата, но се открива дека таа врата води во ходник кој се врти во круг.

Според вашето мислење, што го означува прекинот помеѓу овие две фази во развитокот на дадаистичкото движење?

Прекинот помеѓу првите две фази кои ги издвоив, ќе го означи објавувањето на мојот текст под наслов „За Дада“ во списанието La Nouvelle Revue Française, во август 1920, на кој му одговара текстот на Жак Ривиер „Благодарност до Дада“. Последниов текст, колку и да беше воздржан, ѝ нанесува тежок удар на Дада, доведувајќи ја до работ на книжевното посветување.

Значи, ни останува - тоа ќе биде предмет на следната емисја - да го разгледаме вашиот прекин со Дада кој го најавува раѓањето на надреалистичкото движење.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

Извор: ubu.com

Слични содржини

Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото