Кратка историја на унисекс модата

24.10.2015 11:36
Кратка историја на унисекс модата

Selfridges, продавницата за облека во Лондон, одлучила радикално да го реновира својот простор. Наместо дотогашните редовни понуди, трите ката сега се претворени во родово неутрални шопинг подрачја. Андрогините кукли во злогот сега ги носат моделите на Хајдер Акерман, Ен Димоулиместер, Гарет Пуг и други дизајнери/ки. Дури веб страницата доби нов, не толку строго определен родов дизајн, каде можат да се видат идентично облечени машки и женски модели. Ваквиот потег се покажа како добар маркетинг, бидејќи очигледно ародовиот идентитет е во мода.

Ситуацијата секогаш не била таква. Според Фројд, „кога се запознаваме со едно човечко суштество, првата поделба која ја правиме е ‘машкo или женскo?’ Навикнати сме на тоа дека таа наша проценка е несомнена“. Но, во дваесеттиот век родовите норми почнуваат да се преиспитуваат, а неутралната облека претставува слобода на избор и своевидно оружје во културните војни.

За унисекс трендот пишува професорката Џо Паолети во својата нова книга, Unisex: Fashion, Feminism, and the Sexual Revolution. Според неа, унисексот е одговор на родовите стереотипи кои биле најизразени во педесеттите години од минатиот век. Станува збор за наметнати родови улоги кои жените и мажите морале да ги играат во периодот по Втората светска војна. Нешто подоцна, се појавува идејата за родот кој не мора да биде строго врзан за полот.

Облекувањето во шеесеттите и седумдесеттите години било инспирирано од тенката линија меѓу родовите карактеристики во начинот на облекување. Периодот на неутралност завршува со осумдесеттите, кога жените и децата повторно почнуваат да ја следат родово обликуваната мода.

Кога станува збор за американската модна индустрија, клучна за унисекс движењето е 1968 година. Трендот започнува во Париз, предводен од дизајнери како што се Пјер Карден, Андре Курегес и Пако Рабан. Тие користеле едноставни фигури, графички модели и нови синтетички материјали, без историски условените родови карактеристики, т.н. Space Age.

Кога жените почнале да ги палат градниците (симболично или буквално), во Америка почнале да се појавуваат нови оддели во продавниците за облека, посветени на унисекс модата. Иако таквите поделби не опстојувале многу време, нивното влијание е навистина значајно. Тоа особено се почувствувало во рекламите и каталозите со модели кои имаат андрогин изглед или кај привлечните хетеросексуални двојки.

И децата го почувствувале напливот на унисекс ерата: девојчиња во панталони, момчиња со долга коса, пончо погодно за сите...

Генерацијата од бејби бум периодот и генерацијата X имаат различни гледишта на тој период. Од една страна, родителите сакале да ги заштитат своите деца од родовите стереотипи кои, според научниците се развиваат на рана возраст, и можат да влијаат на нивниот развој. Сепак, ситуациите во кои се случува некој да го погреши полот на другиот, оставиле траги на многу момчиња и девојчиња.

И претходно децата си играле со родово неутрални предмети и носеле облека без родови карактеристики, но во седумдесеттите сето тоа дошло до едно ново ниво. Примери за тоа се книгите за деца и ТВ емисиите кои, на некој начин, ги промовираат момчињата што си играат со кукли и девојчињата што се забавуваат со автомобилчиња.


Space:1999

Иако целта на родово неутралниот кодекс на облекување била да се намалат разликите меѓу половите, таквата намера всушност ги зголемила. Според Паолети „се појавува контраст помеѓу облеката и оној кој ја носи, а тоа го привлекува вниманието на машкото / женското тело“. Еден таков пример е серијата од седумдесеттите насловена Space: 1999.

За оваа серија модниот дизајнер Руди Гернерич (кој ги измисли бикините и унисекс ременот) визуелизирал неутрална утопија, каде што сите носат џемпери, долчевити (ролки) и туники. Но, таа припиена облека јасно го откривала полот на облечениот /облечената и ги заменила традиционалните родово карактеристични модни додатоци, како што се женскиот накит, градниците и шминката.

Иако женска облека добила елементи на машкост, притоа жените не престанале да бидат женствени. 

„Денес, во поголем дел, жените се тие кои купуваат унисекс облека и модни додатоци“, додава Паолети.

Спротивно на тоа, обидот да се феминизира машката појава бил краткотраен. Унисексот бил поврзуван и со бисексуалноста. Интересот за бисексуалноста бил ослободувачки за геј мажите поради тоа што нудел вид алтернатива, општествено поприфатлива од „останувањето во плакар“.

Бисексуалноста делувала ослободувачки и на модата. Ако секој носи нешто од двата пола, облеката престанува да биде гласен, видлив симбол на родовото определување.
Helmut Newton - Yves Saint Laurent

Но, родово неутралната мода брзо била заменета со сексипилната андрогина мода која Паолети ја дефинира како комбинација од женствени и мажествени елементи, наместо избегнување на родовите карактеристики. Во 1966 година, Ив Сен Лорен го претставува женскиот смокинг, а Халстон ја продолжи машката кошула и од неа направи фустан.

Како што може да се види од изложбата на Ив Сен Лорен и Халстон, насловена Fashioning the Seventies, дизајнерите не ги облекувале жените во машка облека, тие ги облекувале во нив самите, во класична облека која зрачи со андрогиност. Таквиот стил бил наменет за младите, вработени жени, и се одразувал во различни парчиња облека - панталони, јакни, сакоа...

И мажите експериментирале со андрогиноста. Модните дизајнери како што се Пјер Карден и Бил Блас прифатиле и дизајнирање на облека за мажи, како што е јакната Нехру. Таа тогаш нудела алтернатива на обичната облека, иако сега се смета за застарена. За разлика од тоа, жените продолжиле да носат панталони во канцеларија.

Средината на седумдесеттите години била воедно и крај на унисекс ерата. Во 1974 година, Дајан фон Фурстенберг го презентира својот функционален фустан, која истовремено е женствен, едноставен и секси. Овој фустан жените ги извлече од панталоните, а Дајан ја однесе на насловната страница на Newsweek.

Од 1990-тите па наваму, модата повторно ги поместува острите родови граници. Модерната андрогиност се поврзува со гранџот. Жените носат фланелски кошули и војнички чизми, додека Курт Кобејн позира во фустани. Во исто време, во Јужна Кореја се појавуваат двојки со сличен изглед, односно, со усогласена гардероба (некои дури и со усогласена долна облека), што не зачудува, ако се има предвид неодобрувањето на јавните љубовни изјави.

Како и да е, унисекс модните додатоци денес се многу подостапни и прифатливи отколку што биле во шеесеттите.
На крајот, унисексот се враќа со стил: него го прифатија брендови како што се 69, The Kooples, Kowtow, Кристијан Диор и Гучи, а Personnel of New York ја споделува својата понуда за мажи, жени и за сите. Модата од шеесеттите и седумдесеттите години отворила многу прашања за полот и родот, а конечни и точни одговори немало.

Паолети заклучува дека овие прашања се „многу подлабоки од Фројдовото ‘машко или женско?’ Психолошки, сè уште постои голема разлика меѓу машката облека прилагодена за женско тело и самата облека за мажи.

Сè повеќе жени и мажи носат иста облека, купена во истите продавници. Изгледот е варијабилен и комплексен, како и самото прашање за родот.

Извор:www.voxfeminae.net