Зад кулисите на хуманитарните иницијативи

26.10.2015 13:59
Зад кулисите на хуманитарните иницијативи: Кои се луѓето кои на бегалците им донесоа интернет во пченкарните полиња?

Активистите ја собрале опремата во ранци, отишле на терен и на себе ги налепиле ознаките free wi-fi. Се испостави дека на мигрантите интернетот им бил потребен повеќе од вода и храна. Меѓутоа, не било сè толку едноставно. Во кампот во Опатовац не ги пуштиле да влезат.

„Луѓето повеќе се жедни за интернет отколку за вода“, напишаа пред три дена активисти од иницијативата Отворена мрежа на својата Фејсбук страница. Тоа беше само еден ден откако нејзините волонтери во своите ранци ја спакуваа целата потребна опрема, се упатија кон границата со Србија и станаа мобилни „hotspots“, достапни точки преку кои бегалците, но и сите оние кои се најдоа на самото место, како што е полицијата, цивилната заштита и новинарите, можеа да се поврзат на интернет. Иако на грбовите јасно им пишуваше free wi-fi, многумина се сомневаа во „бесплатниот“ дел од приказната, бидејќи по патот им наплаќале сè, превозот, храната, сместувањето. Затоа им било неверојатно, веднаш по влегувањето во земјата, за која дотогаш веројатно немале ни слушнато, и откако во Унгарија наишле на жичаниот ѕид, да сретнат група луѓе кои во ранци носат „интернет“ и го делат со сите.

Интернет за сите

Токму за тоа се залага Отворена мрежа од Хрватска заедно со иницијативата Wlan од Словенија. Се залагаат за бесплатен и достапен интернет за сите – интернетот како основно човечко право. Ако на бегалците им е осигурано сместување, храна, вода, сува облека, зошто да не им биде обезбеден и пристап на информации, контакт со најблиските, па дури и проверка на временската прогноза?
Аматерските фотографии кои волонтерите тогаш ги направија, многу брзо, повторно благодарение на интернетот, го заобиколија светот. За ранците полни со интернет пишуваа светските медиуми: ABC News, Wired, Mashable... Многу од нив се осврнаа на акцијата на оваа иницијатива чиј најактивен член е Валент Турковиќ, сместен во Осјек, додека другите се распрснати низ Хрватска.

Се сетив на нашиот тогашен прв разговор во 2013 година, кога за порталот Нетокрација ми објаснуваше зошто пристапот на интернет треба и мора да биде достапен и овозможен за сите, па дури и ако е минимален, со нешто помала брзина или квалитет. „Интернетот е ресурс кој е природно бесконечен, непресушно активен, а луѓето се тие кои го прават ограничен“ - рече тој. „Секој би требало да има еднаков пристап до информациите и можност за споделување на знаењето кое го има“.

Кога повтрорно разговарав со него, по таа прва акција на Отворена мрежа, во Бел Манастир во Товарник, и ден пред да успее воопшто да влезе во кампот во Опатовец, се покажа колкава тежина имаа неговите зборови.

„Овие луѓе патуваат со денови, со недели. Кога и да се поврзе на интернет некој од нив, гледате дека на екранот им се покажува листа на мноштво пораки и известувања. Она што е интересно е тоа дека сите прво прашуваат дали користењето на интернетот навистина е бесплатно, иако пишува дека е. Дури и ако некој слушнал од други дека пристапот е бесплатен, повторно прашува. Тие беа како добри гости кои бараат дозвола за сè“.


Валент Турковиќ е еден од најактивните членови на Отворена мрежа, кој меѓу првите одлучил да им помогне на луѓето кои поминуваат низ Хрватска во потрага по подобар живот

Кој го забранил пристапот?

Првите денови, кога помошта од Отворена Мрежа и сите други кои даваа поддршка во источниот дел од Хрватска, беше најпотребна, беа и најхаотичните денови. Единствено Валент, со уште двајца-тројца колеги можеше добар дел од своето време да го посвети на акција, додека другите се вмешуваа кога ќе можеа и колку што можеа и знаеа, без разлика дали со одење на самото место, со набавување или донирање на опрема, виртуелни совети, ширење на приказната, што всушност е и главната идеја на Отворена мрежа: сè да биде отворено и дистрибуирано. Почна да стигнува опрема од сите делови на земјата – SIM картички, батерии, рутери. Но, самата акција на овозможување на пристап до интернет на теренот, не помина без проблеми.

Откако ги спроведоа првите акции, на теренот се раширија гласини дека волонтерите всушност не смееле да овозможуваат пристап до интернет, иако тоа никој официјално не им го забранил. Според информациите до кои тогаш успеав да дојдам, од Greenpeace добиле дозвола за поставување на wi-fi hotspots, поради што, никој друг не смеел да го прави истото. Кога бил поставен кампот во Опатовец, Валент и другите, тие денови не можеле да влезат во него, бидејќи не можеле да добијат акредитација. Поради тоа hotspot поставија пред самиот камп, бидејќи и таму имаше мноштво бегалци и други волонтери, за кои непречената комуникција беше нужна.
Во меѓувреме, еден од домашните телеком провајдери поставил hotspots во кампот, но тие во еден момент престанале да работат. Дури по неколку часови, еден од активистите во Риека, кој имаше пристап до кампот, успеа да ја ресетира опремата за да проработи интернетот – и тоа не го направи само еднаш. Тогаш се покажа и предноста на Отворена мрежа. За секоја пристапна точка во секој момент може да се види дали е активна и кога не била активна, што значително би ги олеснило сличните ситуации. Тоа се прави по пат на отворената платформа Nodewatcher на која иницијативата Wlan од Словенија, од која е дел и Отворена мрежа, работи веќе седум години. Конечно, Валент пред неколку дена успеа да влезе во самиот камп, токму преку спомнатите Greenpeace, откако со денови чекаше да добие акредитација.

Информации за содржината на опремата во мобилните ранци:

  •  Рутер, 3G стик со SIM картичка и батерија
  • Батеријата трае од 36 до 48 часа
  • Брзините се движат од 5 до 15 МB, најчесто 7MB
  • Секој ден се трошеле од 5 до 10 GB на еден hotspot комплет
  • Бегалците најмногу го користат интернетот за контакт со семејството и упатства за преминување на на границите
  • Viber е апликацијата која најчесто ја користат
  • Според истражувањата на Google, бегалците најчесто ги пребаруваат следниве поими: immigration to Germany, asylum in Germany, route to Germany, sea between Greece and Turkey, border Hungary, map of Europe in arabic, map of Germany

Се бараат стручњаци

„Имаше многу технички и логистички проблеми, но најтешко беше да се освестат големите хуманитарни организации кои се наоѓаат таму, дека ова е навистина неопходна акција. Секако дека водата, храната, облеката и сместувањето се приоритет, но организацијата и комуникацијата се исто така важни, а овде пристапот до интернет е примарен. Непрепознавањето на тој проблем и на потребите од големи организации и не е толку чудно, бидејќи тоа не им претставува приоритет, но истовремено е невообичаено што не им се дозволува на оние кои сакаат да помогнат во таа област, тоа да го направат“.

Секој нов ден таму, носи нови предизвици. Овие денови Валент трча од кампот до локациите од кои ја собира потребната опрема која му испраќаат сограѓаните, а истовремено активно бара нови волонтери кои би ја склопувале таа опрема или би помагале на други начини, а пред некој ден одел и до семејната куќа, бидејќи доцна дознал од родителите дека ќе се поправа покривот, каде што се наоѓа добар дел од инфраструктурата. Ако се пресече некоја жица, ќе се исече и добар дел од покриеноста на Отворена мрежа во Славонија.

Моментално се подготвени четири hotspot комплети кои се пренесуваат таму каде што е потребно, но се планира да се направат уште барем десет такви. Еден hotspot комплет може да прими триесетина луѓе во исто време, а на постоечкиот број на бегалци, волонтери, новинари и полиција, потребен им е поголем број hotspot комплети за да може да се користи без проблеми.

„Нашата цел е да најдеме и малку постручни луѓе и такви кои имаат волја да помогнат. Првата група би ги едуцирала останатите при склопување на комплетите кои потоа би се испраќале таму каде што е потребно. Ако се смири моменталната ситуација, тогаш уредите би ги дистрибуирале низ Хрватска и Словенија за идни потреби“.

Некоја подалечна цел е кампања за групно финансирање (crowdfunding), за што навистина е потребно да се собере професионален тим и паметно да се одлучи за што ќе се собираат средствата. На пример, во целата приказна клучен е системот за напојување, бидејќи уредите на теренот се одржуваат со батерии, а со помош на дополнителни средства, тие батерии би можеле да се полнат и соларно и на агрегат, што би го продолжило нивниот век и би осигурало поголема стабилност.

Доколку во иднина дојде до слични кризни ситуации, без разлика дали станува збор за доаѓање на нови бегалци или за некакви природни катастрофи, Отворена мрежа и сличните иницијативи сакаат да бидат подготвени, со спремни тимови и комплети. Бидејќи во првите денови, кога се чувствува најголема збунетост, тогаш е најважно брзо да се делува, а овие волонтери го можат тоа. Интернетот во ранец и патот под нога.


Мапа на мобилните пристапни точки во градот Бел Манастир, поставени од „Отворена мрежа“

Невкусни коментари

Неретко, овие денови, на порталите и социјалните мрежи, можеше да се наиде на, благо речено, невкусни коментари за бегалците и паметните телефони (кои авторите најверојатно ги пишувале на своите не толку евтини смартфони). Во врска со оваа тема, ништо друго подобро не зборува како броевите.

Бенедикт Еванс, аналитичар од пазарот на мобилните технологии од Силицијската долина, во својата позната презентација Mobile is eating the world, изнесе мноштво релевантни податоци за оваа ситуација. Имено, денес милијарди луѓе имаат пристап до интернет, а две милијарди поседуваат мобилни телефони. Седумдесет проценти од популацијата во субсахарска Африка е покриена со мобилен сигнал, 40% од населението има мобилни уреди, а половина од нив се паметни телефони. Поради споредба треба да се напомене дека, пристап до вода за пиење има 60% од населението, а електричен приклучок имаат 30% од нив. Исто така, цените на паметните телфони се сè пониски, а најефтините апарати со оперативен систем Андроид веќе можат да се набават за околу десетина долари. Покрај тоа, како што дознав од активистите на терен, иако на снимките можеби се чини дека голем дел од бегалците поседуваат апарати од најпознатите брендови, често станува збор за многу верни копии кои можат да се купат по далеку поповолни цени, што може да се препознае дури откако ќе се погледне одблиску.

Но, сите тие информации и понатаму не успеваат да ја уништат нашата илузија за сиромашните, парталави бегалци, поради што многумина сомничаво ги гледаа Сиријците и сите останати кои во нашата земја присигнале со помош на мапите на Google. И мојот соговорник признава дека во првиот момент бил благо изненаден од изгледот, облеката и предметите кои бегалците ги носеле на себе. Но, кога ќе се земе предвид дека во поголем дел станува збор за среден или богат слој, логично е дека со себе ќе имаат барем паметен телефон, како средство за комуникација, снаоѓање во просторот, проверка на состојбата на граничните премини и други информации кои можат да направат разлика меѓу сигурноста и опасноста, животот и смртта. „Кога станува збор за комуникацијата, најчесто користат Viber, речиси и не видов друг сервис за допишување“.

Овозможувањето на достапност на интернет во сите краеви од светот не е нова иницијатива, но е најгласна во последно време, и со онаа од Google, можеби звучи малку изненадувачки, доаѓа од најголемата социјална мрежа, Facebook. Нејзиниот основач, Марк Цукерберг ја покренал иницијативата Internet.org, за да може на различни начини да се воспостави инфраструктура и сите други предуслови за достапност на мобилниот интернет, но и поповолни мобилни уреди, во досега непокриените подрачја. Некакво основно ниво на интернет, односно пристап до неколку сервиси би бил бесплатен, но со одредени „финти“. Во тој бесплатен пакет, зависно од договорот со локалните оператори и сите други соучесници, би влегувал и самиот Facebook и/или сервисот за допишување Whats App, кој е во негова сопственост.

Неутралниот Зук

Каков интерес има овој технолошки гигант во целата оваа ситуација, имајќи го предвид тоа дека во западниот свет веќе нема толку простор за раст? Зошто некои сервиси имаат предност над другите? Токму поради тоа програмата наиде на различни критики, а во Индија, поединечни партнери дури се откажаа од сè, токму поради судирот на интереси.

Сепак, сето тоа е далеку од отворениот интернет и неутралноста за која се залага Отворена мрежа. Но, пред неколку дена, во ОН, Зукерберг најавил дека ќе помогне да се донесе интернет во камповите на бегалците во ОН, што е дел од петгодишната кампања во склоп на која сака да го поврзе целиот свет, односно да обезбеди пристап до интернет за луѓето кои тоа моментално го немаат. А нив ги има четири милијарди на планетата. Инаку, иницијативата подразбира и го вклучува, покрај други познати личности и пејачот на групата U2, Боно Вокс.

Мислењето на Валент, како и на многу други од светот на отворените мрежи, за оваа иницијатива е подвоено. Додека Internet.org се смета за проблематичен, поради горенаведените причини, се надева дека оваа нова иницијатива во која се вклучени и ОН, нема да ги ограничува содржините или услугите, што во овој момент не е јасно во целост. Ако е така, волонтерите се спремни да ги понудат и своите локални платформи, знаење и време за да се забрза развојот. Но, ако не е, ќе продолжи самостојно со своите настојувања интернетот да им биде достапен на сите „онаков каков што е“, без ограничувања, неутрален и слободен. Особено за оние на кои таков интернет им е најпотребен.

Овие денови тоа се бегалците од Сирија и околните земји, а утре – којзнае што нè очекува. 


Извор: Globus

ОкоБоли главаВицФото