Нека влезе оној вистинскиот

31.03.2010 10:05
let_the_right_one_in1.jpg

Режисерот Алфредсон и писателот Линдквист три години се расправале околу секоја сцена. Исход на тоа е еден од најфините, најнежните хорор филмови на десетлетието.

Во 2005 г. мормонската писателка од Аризона Стефани Мејер ја зароби фантазијата на западните тинејџери со романот „Самрак“ во кој осамената адолесцентка Бела Свон од пубертетскиот хаос ја избавува еден вампир.

Една година порано и на другата страна на Атлантикот, во Шведска, бившиот уличен магионичар и писател-аматер Џон Алвиде Линдквист, објави една навидум слична книга, во која друг етеричен вампир го спасува главниот лик од суровата реалноста на пубертетот. Бидејќи Линдквист бил љубител на The Smiths, романот го насловил според песната на Морисеј „Нека влезе оној вистинскиот“. Малку подоцна книгата се претвори во еден од најголемите нордиски литературни настани.

Шведска од 80-те

Режисерот Томас Алфредсон наводно бил 46-от режисер по ред кој дошол кај Линдквист со предлогот за екранизирање на книгата. Линдквист се согласил под услов самиот да го напише сценариото. Нивната соработка била полна со расправии и несогласувања. Алфредсон и Линдквист три години се расправале околу секоја сцена, но конечниот исход не бил ни агонија ни грч: напротив, филмот претставува еден од најфините и најнежните хорори на десетлетието.

Сместен во 80-те години во стокхолмското работничко предградие Блакеберг, овој филм ни раскажува за тинејџерот Оскар (Каре Хедербрант), нежен одличен ученик кој едвај ги гледа своите родители, а во училиштето е жртва на сурово злоставување. Една вечер, во неговата зграда се доселуваат необични станари: постар човек и темнокоса девојка со медитерански изглед.

Совршен свет

Таа се вика Ели (Лина Леандерсон), а живее со стариот очув. Оскар и Ели се зближуваат, а тој со текот на времето открива дека Ели е хермафродит и дека се храни со - крв. Во меѓувреме, населбата е во паника поради низата необични убиства, очувот на Ели сè потешко набавува крв, а судирот на Оскар со училишните насилници сè повеќе се изострува.

И Оскар, како и Бела Свон на Мејер, е адолесцент кој наоѓа засолниште во благородното и мудро покровителство на вечниот вампир. Но додека кај конзервативната Мејер кревката девојка во прегратките на вампирот бега од уништениот родителски брак и распаднатото американско семејство, во случајот со малиот Оскар нештата стојат поинаку. Црномурестата Ели – ангел со изглед на пакистански бегалец – не го спасува од „ненормалното“, туку од страшното и неподносливо „нормално“ детство. Таа „нормалност“ е секојдневие во нордиската социјална држава од 80-те: богата инфраструктура, безусловен ред, сите работат од утро до вечер – но, опачината на оваа приказна е целосното студенило, климатско и емоционално. Во тој совршен свет Оскар израснува сосем сам, а спасот му го нуди егзотичниот, маргинализиран припадник на Другите.

Морална сложеност

Приказната која се случува во светот кој метеоролошки и емоционално е замрзнат, режисерот Алфредсон го раскажал со филмски јазик кој содржи иста таква строга и заледена елеганција. Избегнувајќи ги сите лоши општи места на овој жанр на стравот, Алфредсон создал одличен филм кој тече бавно и со прецизна јаснотија, а морничавоста не произлегува од режисерската манипулација, туку од атмосферата и насетувањето. Истовремено, „Нека влезе оној вистинскиот“ е одличен социјален филм од кој ќе дознаете сè за едно време и место, но и филм со исклучителна морална комплексност кој го проблематизира прашањето за оправданоста на насилството, нуждата и слободата, како и кои се границите на одмаздата.

Извор: jutarnjilist.hr

ОкоБоли главаВицФото