Приорот

27.10.2015 14:28
Приорот

Ја сопреа реката. Веќе не течеше долу под градот Птуј. Се создаде езеро. Големо, огромно езеро. Оттогаш во градот имало повеќе магла. Не го знаеше тоа, зашто се отсели во Љубљана.
Се довезе дома за да ја покаже невестата. Новата невеста. Постоеше малку страв, постоеше малку гордост. Таткото го разбра, мајката го пречека. Невестата беше воодушевена. Колку убав предел! Сѐ уште не била тука. Всушност, не беше вистинска невеста, затоа што веќе не намислуваа да создадат семејство. И двајцата имаа несреќна врска зад себе. А ќе бидат заедно, додека им оди. И им одеше добро.
Два дена се излежуваа, не им се сакаше да сушат сено, читаа книги. Мајка му и татко му се обидуваа колку што е можно помалку да им пречат. Му се грозеше што беа толку понизни и радосни дека им дошле. Ги очекуваа. Знаеше дека и обајцата ќе ја пречекаат многу убаво, дека знаат какви се можностите во животот и дека ништо не осудуваат, како и дека за нив важи тоа дека им е најдобро, сѐ дури им е добро на нивните деца.
Мајката им посла во собата за гости. Невестата добро се вклопи и се зазборува со мајката. А тој знаеше дека мајка му сѐ уште ја сака поранешната снаа. Најпосле, од неа има внуци. Сепак, знаеше дека е можно – додека се тука заедно – тоа да се среди, да настане нова врска. Така, невестата прилично долго остана во кујната, а тој, пак, онака, небаре од детска љубопитност, го отвори долното крило на големиот старински креденец, кој стоеше како украс во собата за гости. Меѓу оставнините, албумите со стари слики, кои не сакаше ни да ги отвори, меѓу старата кутија за бричење на татко му, сета изрезбана, меѓу сувенирите од море, разните школки, корупките од морски ежиња, исушената морска ѕвезда, малечката морска ѕвезда од која сѐ уште се ширеше реа, најде и пет примероци од извонредно стари весници. Тука имаше и „ТТ“, или „Теденска трибуна“, и „Вечер“ и „Љубљански дневник“. Беа од истиот период, нешто по Втората светска војна, 53-та година. Само ги прелиста сите одеднаш, затоа што некој го повика и затоа што и онака не посакуваше да разгледува поподробно.

Немаа што да прават, па му ја дувнаа во градот. Во Птуј. Ѝ покажа каде му живееле братучедите, кои изградиле голема макета на прекуокеански брод и ја спуштале по реката. Тогаш едвај наоѓале малку мирна и застоена вода за да го спуштат бродот и да го испробаат, затоа што инаку реката се лулеела, имала моќен и широк тек. Сега долу под градот имаше огромно езеро. Ја сопреа реката, го сопреа времето. А нив, братучедите, ги немаше веќе.
Па отидоа да го видат езерото. Вистинско индустриско запуштено езеро. Со бараки, дрвени шеталишта и некаква преграда, платформа за спуштање чамци. Водата беше каллива и валкана. Си помисли дека би можело да се едри по неа, толку големо беше езерото. Нејзе не ѝ беше воопшто непријатно, не ја познаваше реката кога таа сѐ уште течела. Ја остави на крајбрежјето и замина удолу по насипот на прошетка.
Кога се врати, таа разговараше со постар маж, застанат покрај велосипед. Многу го интересираше што би можел да ѝ зборува. Беше некако чуден, некако несаглам, полн и наперчен, а сепак саглам. Не знаеше што му оддава таков впечаток. Се праваше дека не ја познава жената со која постариот зборуваше. Му го чу говорот, кој беше извештачен, туѓ. А, од друга страна, неверојатно домашен. Знаеше дека таа им е привлечна на мажите, умее да комуницира, но и умее да ги батали. Ниту таа, за да не му попречи на моментниот соговорник, не му откри дека тој ѝ е маж.
Да, треба да се живее здраво, зборуваше соговорникот, многу сонце и светлина, тоа решава секаков проблем. Да се живее во склад со природата и со сѐ божјо. Овде сте на излет? Е, баш е убаво, само Драва не тече веќе, навистина штета, но напредокот мора да напредува, а ние го наплаќаме тоа. Но, ако сме во склад со природата, со човековото и со божјото, тогаш тоа и не е толку страшно, тогаш може да прифатиме сѐ, секаква различност и секоја промена. Сега, конечно, на луѓево им е многу подобро, тој е од овие краишта, веќе долго живее меѓу нив. Жена му умее да слуша, умее да чека, па и него го слуша внимателно. А чудниот старолик, несаглам, а сепак саглам соговорник, продолжува... освен неколкуте години што ги поминал во Рим, а потоа на мисија во Африка, постојано е тука. А вие живеете ли здраво? Лошо е ако човек не живее по божјите и по природните начела, толку осамени... Тој не знаеше дали таа ја почувствува промената. Веројатно мажот не ја интересираше. Му се чинеше дека таков маж не би ја интересирал. Но можно е, се насмевна. Никогаш не може да знаеш. Ама зошто продолжува да муабети со него, кога е јасно дека сѐ ќе отиде во друга насока?

Живеете ли во склад со природата? Во склад со божјите закони?
Несаглам маж со велосипед, покрај езерото, муабети со жена му? Ама, не забележува дека ги прислушкува, оти се речиси сами покрај вештачково езеро, покрај овие провизорности, покрај калливава и валкана застоена вода, каде што би требало да тече река.
Сфати дека таквото прашање ѝ е излишно. А можеби и натаму ќе се исмеваше, ќе го развлекуваше разговорот, беше препредна, табиетлива и трезвена. Затоа врската им беше постојано радосна и сѐ подобра. Како и да е, мажот беше несаглам, премногу домашен, лигав, како да сакаше нешто друго, нешто нездраво. А нејзе повеќе не ѝ беше до тоа. Му се чинеше дека е некако загрозена. Беше очигледно дека типов го смени правецот на муабетот. Она за осаменоста? Какво прашање е тоа? Сепак, не е сосема јасно на кој начин беше поставено. Можеби се познава со жена му од претходно? Не, не, тоа би се почувствувало. Па, чудното поведение на човекот и тоа дека е несаглам, исто така, се чувствува, но тоа не е јасно, не е несомнено, туку е само чувство. И само чувство е дека жена му е загрозена. Само тоа, само чувство.
Затоа им пристапи. Му се чинеше расипано да се распрашува некоја жена дали живее во склад со божјите правила и со природните начела. Потем, чудниот маж покрај велосипедот несомнено разбра дека таа му е жена, па зеде да проповеда. Зборуваше само за да не предизвика конфликт. Само затоа. Бил на мисија, бил во Африка, сѐ повтори, таму живеат луѓе што се во склад со природата, знаете, и таму има вакви езера, секако, ама тоа не е здраво. Таквите езера имаат голема опасност да станат извор на болести. Но, дури и болестите се дадени од бога. Ама за тоа би можело да се расправа. А ваквите вештачки езера не се добри за природата, не се во склад со природата, нели?
А така, значи, сте биле на мисија. А што правите сега?

Откако тој се вклучи во разговорот, човекот што му се чинеше несаглам посака да си замине. Го поттргна велосипедот, се потпре на него, ги заврте педалите наназад за да го подготви за старт.
Сега? Сега си одам накај дома, зашто морам да се пресоблечам, зашто од осум имам миса во филијалната црква1, во Новата црква. Знаете каде е?
Свештеник сте?
Па, не баш, ама втрчувам, ако им притреба. Инаку сум приор2 во миноритскиот3 манастир во Птуј.
Приор?
Што ме гледате така? Сосема нормален човек сум, раб божји и раб бедним на земјава. Ако дозволите – Игнац Ж., приор во миноритскиот манастир во Птуј.
Само бегло ја подзаврте главата, не се ракуваа. Ништо. Не дојде до телесен допир. Тој веднаш дозна кого има пред себе, па затоа самиот не се претстави, не му го одвети името, само рече дека му е мило.
Па, и ние сме луѓе. И ние. Јас сум троа постар од вас и можам, дури и ако не сте религиозни, да ви дадам куса проповед, или лекција, како што ја викаат младиве денес.
Не, не, стварно не, оче, не ве гледам чудно. Никогаш досега не сум се сретнал со монах... ама, дали редот ви дозволува вака спортски да се раздвижувате наоколу?
Секако, секако. Секој ден возам над дваесет километри со точаков! Некогаш се искачувам онде, покажа кон ридот во далечината, дома живее уште и мајка ми. Кога имам време, секако.
Таа гледаше во далечината и можеби се досадуваше.
Извинете, да ве прашам, оче, зборуваме за манастирот во Птуј?
Да, миноритскиот манастир во Птуј, изговори одлучно и гордо.
Ако дозволите, не би сакал да бидам бесрамен, сепак, вие сигурно знаете нешто околу она злосторство што се случи одамна во вашиот манастир?
Приорот се загледа мошне маченички и староверски во небото.
Јасно, секако, тогаш бев новајлија, мислам дека беше 55-та година или малку порано. Веројатно некоја година порано. Секако. Грозно, страшно... Измеќарот од манастирот го уби приор Бенедикт. Со секира, со тилот на секирата го измава по главата сред спиење неколку пати! Јадови и крвишта...
Слушнав дека се зборува за тоа, уште кога бев дете.

Секако, секако, тоа беше страшно злосторство. Но, ако правиме праведен муабет, сега конечно можеме да правиме праведен муабет, сѐ тоа беше инсценирано, нарачано и подло изведено. Точно знам. Го познавам семејството, го познавам. Удба или Озна или кој и да беше таму, тие го нарачаа тоа, а после пробаа да го прикажат како убиство од користољубие.
Приорот беше подготвен да зборува. Седеше на горната шипка од велосипедот. Не беше проповеден, не беше несаглам, стана стварен и сигурен во тоа што го зборува.
А бе, ајде! Манастирот беше скуден, приор Бенедикт имаше толку добро срце, што на секого му го раздаваше тоа што го има! Тогаш ништо во манастирот не беше заклучено, како што не е ни денес! Заради толку мал ситнеж, на измеќарот не му дошло да убива. Никако. Ви кажувам, тоа го нарача Удба. Тогаш не беше лесно... А измеќаров не беше нималку чукнат и заостанат, како што сакаа да покажат за да го избават од заслужената казна, демек го сторил тоа, затоа што е малоумен! Нема шанси, баш беше лукав. И сѐ тоа му го нарачаа! Сигурно. Што ќар од мртовец, кој дур беше жив му беше како роден татко? Мислам, им беше како сираче, го гледаа како свој! А после – ова! Ужас, ужас.
А како се викаше измеќарот?
Матеј, какво христијанско име му дале... а каков разврат! Што сигурно си влече корен од семејството. Тие тогаш беа црвени.
Се заврте настрана од раздрдорениот човек од кого бликаше некаква неразбирлива омраза. Неговите зборови му се чинеа тврди и подлизувачки, љубезно раскажуваа некаква вистина, беа како лажна молитва.
Инаку, ве канам некогаш да ми се најавите на понекоја чашка. Имаме одлична визба. И можам да ви ја покажам поранешната соба на приор Бенедикт, ви кажувам... стварно, зошто мораа да убијат толку добар човек? Дојдете, ама – за жал морам да ви кажам – без госпоѓата, за жал. Во црква може да одат, но кај нас не смеат. Па, после може ептен машки да си помуабетиме, нели? И нешто ќе пивнеме. Од тоа никогаш нема зијан.

Потем приорот само се сети дека мора да отиде уште на последната миса и фино се збогува. Весело го јавна велосипедот и исчезна по долгата рамна линија на вештачкото езеро, сѐ уште има долг пат до Новата црква. А мора уште и да се пресоблече. И тоа, исто така.
Останаа сами. Провизорностите и мирната извалкана вода на акумулациското езеро и натаму си останаа. Е, што ти требаше го испрашуваш за ова?
Ништо не ѝ одговори.
Додека не дојде ти, бајаги ми се лепеше. Тешко би можела да речам дека е некаковси свештеник во целибат.
Можно е. Најпосле, нема ништо нечовечки ако зазборуваш некоја жена. Па, дури и ако си дал малку поинаков завет. Дури не е ни богохулно, не ти се чини така? Бог несомнено не се занимава со тоа. Ако е голем. А ако не е, таквите бедни работи го интересираат, нели? И кој ли живее во склад со божјите закони и со природата?
Езерото остана само, пусто, во далечината се гледаше замокот, а веќе и светилките се запалија. Меѓу луѓето налегна мир. Заминаа дома. Со првиот мрак, седнаа на вечера зад куќата. Невестата уште претходно забележа дека мајката постојано се прекрстува пред да почне со јадење, а таткото – никогаш. И дури сега ѝ падна на памет дека ни во куќата ни во спалната, никаде не виде распетие. Тоа ѝ се чинеше чудно за куќа на село. Посебно затоа што знаеше дека секоја куќа има свој крст. И му рече дека нема никаков крст во куќата. Нему тоа му се чинеше нормално. Само ги крена рамената.
Имаа намера да им кажат на родителите дека следниот ден си заминуваат и дека несомнено пак ќе се вратат. Стариот пушеше од лулето и како по навика заседна пред куќата, во целосен мир гледаше во темнината. Тој, синот, седеше со него. Жените уште беа одзади, во кујната.
Што се случи со Матеј?

Стариот уште од почеток не сакаше да му одговори ништо. Чекаше син му да каже уште нешто. А тој беше тивок. Веќе од којзнае кога комуницираа вака. Малку зборови и многу размислување. Секогаш до крај да се премислува што се рекло и што се мислело со одредено прашање или одговор. Затоа се разбираа одлично.
Што е со него? Откај, па, ти текна на него?
Денес зборев со приор Игнац Ж. Зборевме за тоа.
Нема логика да се збори со него. Со никој од нив. Сѐ на сѐ, стварно ич нема логика. Беспотребно е. Сѐ тоа е свршено.
Темнината околу домот беше провидна. Недалеку, откај првите соседи, имаше пригушено светленце, кое се палеше и згаснуваше. Очигледно гледаа телевизија. Пред нив, пак, само мирниот рамен тревник. Тој помисли на езерото.
Значи, не ти се збори за ова?
Стариот молчеше. Во меѓувреме веќе сосема се стемни. Небото беше очигледно облачно, штом веќе ја немаше месечината. Не се гледаа еден со друг, но добро се насетуваа. Беше добро што жените беа во кујната и што тропаа со садовите. Тоа беше некаков знак дека сѐ е на своето место. И дека сѐ уште нема да им попречат со својот свет, со потребата за внимание.
Не дека нејќам. Нема потреба.
Во креденецот најдов стари броеви од весниците што пишуваа за тоа. „ТТ“, „Вечер“, „Љубљански дневник“. Претпладнево. Сѐ си стои во куќава, уште си стои.
Знам дека се таму. И ќе останат во куќава. Немам сила да ги исфрлам. А нема ни логика да се занимаваме со тоа...
Не му поверував на Игнац Ж. Не му ни реков дека го препознав. Тој веројатно не ме препозна.
Никогаш не знаеш. Научени се никогаш да не кажуваат сѐ, да не си го покажат знаењето. Кај нив така ти е тоа. Нормално, не смееш ни да им веруваш. Ни на него ни на весниците. Тој лаже, весниците во суштина ќутат. Тогаш не беше возможно да се проговори за вистината.
Синот и натаму молчеше. Ако таткото каже, нека каже, ако не – нема повеќе да го присилува. Чувствуваше дека се тресе. Оттогаш поминаа речиси педесет години. Чувствуваше дека тоа сѐ уште боде. Тоа е оној крст што го има секоја куќа, но не може да се види.

Што да ти кажам? На сите што се сѐ уште заинтересирани, што памтат по нешто, Игнац Ж. им зборува за Удба и за Озна, меша сѐ, зборува за нарачано политичко убиство. Не беше така. Весниците зборуваат за алчност, за убиство од алчност. Ни тоа не е вистина. Вистината е дека... Приорот полово го злоставуваше Матеј. Полово го злоставуваше. Го понижуваше бетер од животно. Вистината е дека Матеј не беше бистар, дека беше малку заостанат. Вистина. Вистината е дека после тоа земал малку од ситнежот и дека сакал да побегне за Австрија, како што пишуваат весниците. Сепак го убил, зашто не нашол излез. Секогаш доаѓаше дома сѐ почуден. На татко му не можеше да му каже што се случува, а ни на мајка му. Имаше страшни болки во ректумот. Беше целосно уништен. Морал да спие покрај нозете на приорот, да го масира, да го миропомазува и сѐ друго... одвратно. Перверзно. Нехристијански. И јас би го убил.
И?
Ништо. Не знаел како да најде излез и го убил стариот. Убеден сум дека не нашол друг избор. А не ни имало. Според мене, и таткото би го направил тоа, ако дознал што се случува. Никогаш не го обвинувавме... семејството го прифати тоа. Речиси сите од селото го обвинуваа, нѐ избегнуваа. А голема заслуга за тоа има семејството на Игнац Ж. Најмногу тие.
Таткото замолкна. Настана тишина. И во кујната сѐ се втиши. Жените им се придружија. Мајката принесе малку вино. Набргу заминаа да спијат.
Во креветот, невестата го праша: Што ти беше убиецот на приор Бенедикт?
Што? Стрико, му беше брат на татко ми. Стрико. Не сакаше да ја повтори целата приказна, не сакаше да дообјаснува. Тоа е работа на семејството.
И што се случи после со него?
Се обеси во затвор. Ни од таму натака не постоеше друг излез.


Oд книгата: „Дамка во очи“ (2004)
Превод од словенечки: Давор Стојановски
Слики: Ронит Бигал (тела прекриени со библиски цитати)

Душан Мерц (1952, Љубљана) е словенечки писател, колумнист и учител. Завршил компаративна книжевност. Познат е по некои радикални ставови за школството и за училишната политика. Автор на романите: „Лустерот на Галилеј“ (1995), „Саркофагот“ (1997), „Слепиот патник“ (1999), „Јаковата молитва“ (2003), „Дрворед од акации“ (2006) и др., како и на збирките раскази: „Гол град“ (2003) и „Дамка во очи“ (2004).
____________________________
[1] Верски објект во контекст на римокатоличката црква, каде што богослужбата по правило не се извршува секојдневно, туку за одредени празници, во неделите или за време на посебни настани. Таквите цркви се наоѓаат на географската област на одделна жупанија, која пак е најмала управна единица на римокатоличката црква.

[2] Приoр (lat. prior – прв, постар) е црковна титула за старешина во католички манастир, обично првиот во хиерархијата по опатот; прв помошник на опатот.

[3] Миноритите, или конвентуални францисканци, претставуваат римокатолички црковен ред, основан во 1209 година. Латинскиот назив е Ordo Fratrum Minorum Conventualium.

Слични содржини

Книжевност
Квир / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Квир / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото