Ужас во Скопје: Родителите на тинејџер му нашле сланина во кутијата со цигари!

28.10.2015 11:09
Ужас во Скопје: Родителите на тинејџер му нашле сланина во кутијата со цигари!

Скопје, 28 октомври 2015

Полицијата во Скопје рано утрово извести дека кај малолетник од Влае нашла дури 18 грама сланина со висок квалитет. Тоа е најголема заплена на сувомеснати производи кај физичко лице, а посебно е интересно тоа што малолетникот Р.С. го пријавиле неговите родители.

„Секогаш им се смеев на оние кои велат дека родителот последен дознава, но верувајте, навистина е така. Р. (податоците познати на редакцијата)“ беше прекрасно дете сè до својата 15-та година, но тогаш забележавме дека почна да се однесува чудно. Наутро, додека сите појадувавме, тој наеднаш ќе исчезнеше и подоцна кога ќе се вратеше, тврдеше дека е сит. Подоцна ситуацијата само се влошуваше, падна во лошо друшттво, често доаѓаше дома со мрсни образи, а една вечер по излегувањето јакната толку му смрдеше на заситени масти што повеќе немаше никаков сомнеж“, изјави за Пара вести Билјана, мајката на Р. која дури минатата недела собрала сили да признае дека одгледала зависник.

„Додека беше на училиште му ја отклучив собата и имав што да видам. Ножеви, сирење, тава со траги од кајгана“, раскажува во солзи оваа млада мајка која после темелната истрага ги потврдила своите најмрачни сомнежи.

„Под креветот направил дупка во паркетот во која најдов игла и кутија цигари. Морам да признаам дека во тој момент ми олесна, веднаш му се јавив на мажот ми и реков: Добро е, се дрогира. А потоа ја отворив кутијата и видов сланина!“, раскажува плачејќи Билјана, која веднаш потоа го пријавила синот во полиција.

Како што дознаваме, несреќниот младич во овие моменти се наоѓа на програма за одвикнување, а во попладневните часови се очекува да бидат приведени осум продавачи од неколку маркети, за кои постои основан сомнеж дека на малолетникот повеќе пати му исекле по 120 грама шунка, 180 грама сланина и дури половина килограм пршута.

Извор: Sprdex