Дефиниција на политичката ситуација според чичко Шабан, легенда на чаршијата

28.10.2015 11:21
Дефиниција на политичката ситуација според чичко Шабан, легенда на чаршијата

Седам јас во петок (стандарден ден за чаршија) во чаршија, во чајџилница со чичко Шабан.

Кој е чичко Шабан? Стар еснафлија, добар занаетчија кој дочекал пензија како најдобар автолимар во „Механика“ („комунистичка“ фирма која повеќе не постои, а беше во Нерези каде сега се наоѓа онаа автоматска перална), писмен, со не многу школо, ама начитан и умен. Елем, правиме муабет за политика.

-Абе, чичко Шабан, од 1992 не можеме да ја средиме државата, шо е проблемот?

-Гледај синко, вели, тие што дојдоа на власт во 1992 па повторно во 1998 беа белјаџии. 1992 едно време и од 1994 до 1998 на власт беа акшанџии. Какви акшанџии, прашувам. Па тие, синко, што во комунизмот од сите школи имаа само „акшан школо“ (се мисли на разни вечерни училишта, политичка школа во Кумровец и сл.). Потоа во 1988 повторно на власт дојдоа белјаџии и направија војна. Во 2001 на власт дојдоа арамии и шверцери, заедно со децата на акшанџиите и ја научија школата од арамиите. Сега на власт пак се белјаџиите, ама се научиле од арамиите и тие да крадат и лажат, а сега е уште поопасно, бидејќи се ортачени со арамии собрани „с курца и конопца“. И што да ти кажувам, синко, низ историјата државите настанувале и исчезнувале. Е ајде, каде е Југославија? Исчезна, децата не ни знаат дека постоела. Така ќе биде и со нас ако не ни дојде умот.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Александар Ковачевски