Aware Girls: Активистки кои се борат против Талибанците

28.10.2015 13:14
Aware Girls: Активистки кои се борат против талибанците

Пешавар е главниот град на северозападната пакистанска провинција Кибер Пактунква, која се граничи со Авганистан. Тоа е град со околу 3,3 милиони жители во кој не постои личност која на своја кожа не ги почувствувала последиците од екстремизмот и тероризмот.

Вооружени војници ги надгледуваат бројните контролни пунктови, а државните згради повеќе наликуваат на тврдини, опкружени со вооружени чувари и бодликава жица. Градот редовно го вознемируваат самоубиствени терористички напади, а безбедносната ситуација е на работ на очајот. Во декември минатата година, групата Tehreek-e-Taliban од Пакистан, изведе напад на едно училиште во Пешвар во кое загинаа 132 деца и 18 возрасни. Тој напад се смета за најсмртоносниот напад во пакистанската историја кој ја згрози јавноста во целиот свет, но најстрашното е што не станува збор за изолиран случај. Според проценките, од 2010 година па наваму, речиси 4000 луѓе се убиени или осакатени, како резултат на бројните терористички напади.

Група храбри млади жени решиле да се спротивстават на насилството и екстремизмот преку образованието. Орханизацијата Aware Girls ја основале во 2002 година. Нејзини членки се Гулалаи Исмаил, Саба Исмаил, Џавериа Сана и Сидра Џахангир.

Иако поради бројните притисоци и опасности мораат да делуваат во тајност, не се откажуваат од својата цел: организираат бројни работилници на кои ги учат девојките и жените на нивните човекови права кои се загарантирани со конвенцијата на ОН.

Aware Girls не делуваат само во Пешавар, туку и во поголем дел од територијата на Пакистан. Организацијата изградила мрежа од околу 300 активистки и активисти, а Пешавар им служи како своевидно седиште каде што се собираат и разменуваат искуства и идеи. Потоа се враќаат во своите домови и работат во нивните заедници.

Преку проектот Youth Peace Network, настојуваат да охрабрат и поттикнат што поголем број жени да се занимаваат со политика. Со работата во своите заедници се обидуваат да ги одвлечат своите врсници од пристапувањето на екстремистичките групи.

Во Пешавар, како и во поголемиот дел од Пакистан, занимавањето со вакви активности носи голем број ризици, кои им се добро познати на основачите. Во 2011 година, нивните работилници ги посетуваше и Малала Јусафзаи, девојката која поради залагањата за образование на жените, талибанците речиси ќе ја убиеја со истрел во главата, и која поради нејзината неуморна работа ја доби Нобеловата награда за мир. Според Гулалаи, Малала е симбол на гордост и чест за нивната организација.


Гулалаи Исмаил

Кога сестрите Гулалаи и Саба ја основале организацијата Aware Girls, биле тинејџерки. Почнале да протестираат против семејното насилство, нападите со киселина, убиствата заради честа на експлоататорската работа. Од 2010 година, групата ја прошири својата мрежа и на руралните талибански упоришта. Минатата година, 223 активисти работеа со речиси 4000 млади луѓе. На последните национални избори, организацијата собра група жени кои го надгледуваа изборниот процес и се грижеа за тоа секоја жена која сака да гласа, тоа право да ѝ биде овозможено.

Еден од проектите со кои се занимавала Саба се однесува на проучување на психолошките последици кои ги оставил тероризмот на населението во Пешавар. Според нејзината студија, 84% од луѓето кои преживеале бомбашки напади се плашат да излезат од сопствените живеалишта.

 Голем дел, односно 66% од семејствата страдаат од некоја форма на психолошки последици од терористичките напади. Децата се плашат да одат на училиште поради честите напади, а се зголемила и зачестеноста на семејното насилство. Мажите ги изгубиле своите домови или работните места и живеат на сметка на своите сопруги и ќерки.

„Тероризмот ги уништи домовите, работни места и егзистенцијата воопшто. Децата се преплашени, а жените изгубија надеж“ – вели Саба.

И покрај темната сенка на тероризмот која надвиснала над Пешавар, останува надежта дека образованието и дијалогот за некое време би можеле да ги променат цврсто вкоренетите ставови. Активистот Џавад Улахкан, кој е дел од организацијата Aware Girls, директно го стекнал сознанието за тоа каква моќ има образованието. Тој доаѓа од градот Минор, кој се наоѓа во покраината Сват и веќе две години е член на организацијата. Регрутирал петнаесет нови членови за да помогне да се врати мирот и безбедноста во неговиот град. Тој настојува да го намали екстремизмот кај младите луѓе преку театарот, за да можат да воспостават комуникација со учениците на екстремистичките медреси и да ги преиспитаат сите стереотипи кои таму ги научиле.

Активистите работат во училиштата и во џамиите, нудејќи индивидуални советувања, кои често знаат да бидат долготрајни. Но, сите нивни состаноци мора да бидат тајни и на нив може да се присуствува само со покана. Состаноците се ограничи само на хотелите каде што тие ги познаваат сопствениците и вработените, а имаат и вооружени чувари.

Делегатите се сомневаат дека ги следат агенти на ISI, пакистанската тајна служба, особено по настаните од минатата пролет. Четворица непознати вооружени лица се појавиле на вратата од домот на Гулалаи за да ја пребаруваат. Нејзиниот татко одбил да им дозволи да влезат, по што тие се обиделе да влезат на сила. Викале, се заканувале и пукале во воздух. За среќа, Гулалаи во тоа време била на аеродром и таму се задржала, бидејќи нејзиниот багаж бил изгубен, па не била присутна на вознемирувачкиот настан. Како што самата вели, таа цело време знаела дека ќе се обидат да ја нападнат, но не мислела дека ќе го нападнат и нејзиното семејство.


Саба Исмаил

„На жените во нашата заедница им се случувале толку многу кршења на основните човекови права, од силувања до убиства. Сакаме да ги охрабриме жените и да се избориме за еднакво право на правда, правна поддршка, финансиски ресурси, како и пристап до образованието и другите општествени услуги“ – вели Саба.

Извор: www.voxfeminae.net

 

ОкоБоли главаВицФото