Бегства (пет приказни)

28.10.2015 14:55
Бегства (пет приказни)

Потрага

Еден кустос ми рече дека и ти си стоела пред истата слика половина час без да трепнеш. (И ти си мавтала со рацете како лебдечките љубовници од платното.)

Еден друг ми рече дека и ти си го претрчала третиот кат од музејот без многу да се задржуваш.

Третиот кустос ми вели дека и ти си се обидела скришум да ја фотографираш истата скулптура. (Како доказ, ми го покажува твојот конфискуван апарат, што ќе му прави друштво на мојот.)

Од четвртиот кустос бегам небаре ме брка бесен загар. Знам дека ќе ми рече дека и ти си заминала од музејот.

Се надевам дека ќе погодам во кој правец.


Преселби

Се селиме од минатото во иднината – во иднината што неизбежно ќе стане минато. Се селиме од стариот дом, што некогаш бил нов, во новиот, што еднаш сепак ќе стане стар.

Заедно со покуќнината ги селиме и трагите од минатото, што некогаш ни беше иднина. Заедно со нашите алишта ја товариме и модата од пред неколку сезони. Заедно со моите книги ги селам и писмата скриени помеѓу два листа.

Заедно со твојата музичка збирка товариме стари ритми и секакви гласови. Заедно со албумите со слики ги натоваривме и нашите купишта спомени.

Веројатно затоа камионот за преселба изгледа пренатоварен и одвај тргнува од место.


Прошетки

Веќе еден час ги буткаме бебешките колички по патеката покрај морето. Набиваме кондиција. Како да ќе се тркаме со рикши. Жена ми ја бутка количката со помалиот син, а јас – онаа на постариот. Меѓу другото, целта на нашите редовни и долготрајни утрински и вечерни прошетки е да се наполнат малите кревки бели дробови со што е можно повеќе морски воздух и јод. На истава патека и со истата цел, татко ми и мајка ми нè шетале сестра ми и мене пред триесетина години. Постепено сфаќаме дека нашите прошетки се во дослух и со некои други прошетки.

Солени капки

во воздухот – морето

е на прошетка.


Булки и тенкови

Половина детство и половина младост ми поминаа во слушање вести за војни.

Секоја година нова војна. Де војна на друг континент, де војна во соседството. Де студена војна де жешки судири. Де граѓанска војна де војна меѓу цивилизации. Де медиумска војна де виртуелна. Де војна меѓу закрвени соседи де братоубиствена војна. Само што ќе заврши една, еве ти ја новата.

Од толку војни имам дури и скица за сценарио за научно-фантастичен филм: преку референдум Земјаните решаваат да се прекрстат во „Марсовци“, оти само марсовото племе може толку да војува. Марсовците смртно се навредени и почнува седмото продолжение од Војната на световите...

Природата е постојано убава. Ама ми се чини дека е особено убава кога сфаќаш дека нема да ја гледаш со векови, туку уште со децении, или со години, месеци, денови... Уште е поубава покрај толку војни.

Се возам низ прекрасни предели. Утрово се плашам да пуштам радио. Но и без вестите, јасно ми е дека сега војната тропа и на нашите порти.

Меѓу ливади

со булки претекнувам

колона тенкови.


Карневалска ноќ

Скоро сите се преправени. Кој во шеик, кој во балерина, кој во медицинска сестра, кој во полицаец. Се разбира, има и покреативни маски, освен позајмените униформи од тетка ти или од татко ти. Има и маски од чудни почудни.

Сепак, на карневалот најчудни се оние што не се преправени. Имаш порив и нив да ги прогласиш за некој познат лик. Тоа сега му се случува на еден од ретките „немаскирани“ во моето друштво. Мојот брадест пријател, облечен како што се облекува секој ден, со тежок црн волнен капут и со качкет од чоја, вечерва многу луѓе го покажуваа со прст, прогласувајќи го за познат војвода од едно уште попознато востание. На многу луѓе им беше многу пооригинална маска од купиштата пожарникари, војници и спајдермени.

И јас се преправив, ама не кажувам во што. Суштината на маската е да не те препознаат. Низ малите процепи од маската ги гледам другите маски. Како да сум актер од некоја претстава која сè уште не знам како ќе заврши. Каде и да погледнам, гледам маски. За да се одморам барем малку од нив погледнувам накај небото.

Карневалска ноќ.

И месечината си

ставила маска.

Слики: Stephen Mackey

ОкоБоли главаВицФото