Поместувањето на сметањето на времето е штетно

31.03.2010 10:17
Copy of dali-clock-500x500.jpg

Одредени истражувања покажаа дека поместувањето на сметањето на времето од зимско на летно е нездраво и небезбедно, а се откри дека рударите ден подоцна имале повеќе и потешки повреди на работното место.

Така барем сметаат некои германски научници. Имено, според Јирген Зули, која имеше интервју за германскиот весник Die Zeit, поместувањето на часовникот е „бескорисно и многу небезбедно“. Со него се согласува и Тил Руненберг кој поместувањето на стрелките од „два на три часот“ го опишува како човечко мешање во „природниот биолошки часовник на човекот“.

Одредени истражувања покажаа дека промената во сметањето на времето го зголемува бројот на срцеви удари, а влијанието на пореметувањето во внатрешниот телесен часовник се чувствува и во натамошните седум месеци, сè до повторното враќање на часовникот.

„На нашето тело повеќе му одговара кога био-ритамот постојано би функционирал според зимското сметање на времето“, вели Зули.

„Губењето на еден час најмногу влијае на личностите кои се најактивни во текот на вечерта и ноќта“, смета научникот Хорст-Вернер Корф, „бидејќи и онака потешко стануваат“. Тој додава дека на црниот дроб му е потребна една недела за да се прилагоди на летното време.

Слично истражување спроведоа и бихејвиористите Кристофер Барнс и Дејвид Вагнер кои ги проучуваа повредите на работното место кај рударите меѓу 1983 и 2006 г. Во споредба со другите денови, тие открија дека најмногу повреди се случиле токму во понеделник, еден ден по поместувањето на часовникот на летното сметање на времето. По извршената анкета меѓу самите рудари, потврдено е дека тие во просек спиеле 40 минути помалку. Нивното истражување излезе во научното списание Journal of Applied Psychology.

Извор: Die Zeit