Заложничка драма

29.10.2015 01:33
Заложничка драма

Ова што се случува со и во Македонија ги има сите елементи на заложничка драма. Група припадници на владејачката елита, фамилијарно поврзани - и во буквална и во преносна смисла на зборот - држат под досега невидена контрола, дури поточно би било да се каже на нишан, близу два милиона луѓе. Сиромашни, поткупени, уценети, замолчани, исплашени, главно немоќни вистински да им се спротивстават на грабнувачите.

Во институциите на власта влегоа сосема регуларно, како и сите современи киднапери, и ги згазија сите клучни институции на државата. Никој тогаш не можеше ни да претпостави во што ќе се изродат спасителите, уште помалку како сето тоа ќе заврши. Мнозинството заложници се заљубија во грабнувачите (класична фаза), голем број мораа доброволно да ја напуштат земјата - тоа не им го забранија - а малкумина решија да им се спротивстават, ризикувајќи да платат висока цена. Меѓународната заедница, која десет години ја аминуваше тортурата, конечно сфати дека ова криминално однесување не може да се толерира во цивилизиран свет. И, наспроти поуките од другите заложнички драми, во оваа реши да преговара со киднаперите. Сега трае ценкањето за нивната слобода, безбедност, за нивните пари, плацеви и мерцедеси. Закани дека - ако не им се исполнат барањата - ќе почнат да ликвидираат еден по еден од заложниците, сè уште нема.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото