Блажена игноранција

29.10.2015 02:00
Блажена игноранција

Во тек е спуштањето на завесата на драмолетката наречена Przhino Agreement. Фабулата е заклучена горе-долу, актерите се раштркани лево-десно, публиката е збунета овде-онде, експертите се во фаза на ти реков-ми рече, странците се растрчани натаму-наваму, а сите сме во ситуација држ-не дај, како што мојата држава е ни жива-ни мртва. Сè е некако половично, недоречено, недостасано и недоквакано, а само една работа е недвосмислена – Груевски е на излезот од театарот. Блефот му е прочитан, финтата му е провалена, остана само да се спушти по последните скалила. Овој пат, зад него стојат сè поголем број гневни и излажани, а нивниот влог и нивната решеност да (го) истуркаатат до крај, се сè поголеми. На пример, трагикомичниот настап на г-дин Ѓорге Иванов на прес-конференцијата во Брисел фрли во сенка побитни моменти. На мини-самитот посветен на бегалската криза, на ниво на премиери, не беше повикан премиерот од Македонија. На само три дена пред одржувањето на самитот, името на Груевски беше избришнато од поканата и беше заменето со она на протоколарниот ни претседател на државата. Меѓународниот фактор почнува јавно да го именува виновникот за политичката криза. Со име и презиме.

Кога говориме за неславниот крај на четирипартитниот договор од Пржино (иако сè уште има оптимисти кои веруваат дека работите може да се испеглаат), всушност, не се случи ништо неочекувано. Според предвидувањата, Груевски од почетокот играше на одолговлекување, опструкција и минирање на договореното, со цел да дојде негибнат до вонредните парламентарни избори (закажани за 24 април 2016 година) на својот претходно испробан начин, односно во целосно нерасчистена ситуација. Ниту Заев, ниту меѓународните претставници во својство на олеснувачи, ниту толку спомнуваниот народ, не му значат ништо. На јасната и гласна прозивка од страна на амбасадорската петорка (му честитам на британскиот амбасадор за одлично изговореното „р“), Груевски далдисан по инвеститори во Саудиска Арабија, го иствита она што сме го чуле милион пати - дека народот одлучува, односно дека е премиер според мнозинската волја на избирачите. Евидентно е дека така ќе си тера до изборите, ако воопшто ги има.

Како и во секоја псевдодемократија во која се судираат обоената слика за достигнувањата на власта, од една страна и суровата реалност, од друга, така и во Македонија си имаме две реалности. Си имаме потемкинови села на Владата, чии медиумски овчари и овци катаден блејат за странски директни инвестиции, за зголемен извоз, за стабилна монетарна политика, за зголемен број вработувања, за прогрес, напредок, успеси и така натаму – и така наваму. На оваа реалност директно в лице ѝ се конфронтира една грда слика за Македонија, составена од непрегледни колони млади луѓе кои се евакуираат во белиот свет, распашана команда во „реформираното“ здравство, образование или администрација, сиромаштија, незадоволство, гнев.

На владината лажна реалност најжестоко им се спротивставуваат „бомбите“. На пример, при одбележувањето на Денот на револуционерната борба, Груевски ги одмолче. Промислено, перфидно и подмолно. Како да не постојат, како да не чул за нив, како да се однесуваат на некој друг. А сите знаеме дека знаат. Груевски и кликата многу добро знаат што содржат аудио снимките, а најдобро знаат што ги чека. И тука не помагаат патриотски говори, повикувања на историски ликови, патетични обраќања до „народот“, сеење страв од странците и предавниците или воспевања на сопствените „дострели“. Игнорирањето очигледни факти е еден мошне интересен момент во градењето лажна реалност. Од една страна, вмровците лежерно ја прескокнуваат оваа тема, а од друга, се тепаат „бомбите“ да се елиминираат од нивната реалност (за таа цел дури предложија и еден закон во Парламентот), или, скраја да е, да се објавуваат нови. Прилично парадоксално е да се забранува она што се игнорира, нели? Бидејќи и самиот збор игноранција значи дека нешто не се знае, не се познава, па така, невозможно е да се забранува нешто што не се знае.

Како што збунетиот татко на нашата нација, во последен момент извади од ракав цитат на Бенџамин Франклин: „If we do not hang (патем, преведувачот не ја препозна играта на зборови) together, we shall surely hang separately“, за да заблеска пред новинарите во Брисел, ќе ми дозволите и мене да завршам со уште една мисла од мудриот претседател на американската нација: „We are all born ignorant, but one must work hard to remain stupid“. Сите сме родени во незнаење, но потребна е напорна работа за да се остане неук“. Баш така. Страдаме од блажената игноранција, внимателно и напорно градена и надградувана цели девет години, секојдневно, 24/7.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Странски служби