Елешник (извадок од драма)

29.10.2015 12:12
Елешник (извадок од драма)

Денес ќе ви подарам мал дел од мојата драма „Елешник“. Оваа драма веднаш по нејзиното изведување е прогласена за најдобар драмски текст во севкупната македонска драматургија - од Џинот до денес. По неколку успешни постановки на драмата, во и надвор од Македонија, и по нејзино верифицирање со најбитните награди во театарскиот свет, во последните девет години, години на културен геноцид од страна на груевистите и МПЦ, овој како и другите мои текстови се одбивани на конкурси, забранувани, а каков било обид за нивно поставување е цензуриран.

За да биде апсурдот поголем, првите хвалоспеви за „Елешник“ како за текст кој е ненадминлив врв во македонската литература ги изрекоа тогашните уметници а денешни „комесари“ и „бранители“ на ВМРО-груевистичка; ќе набројам некои од нив - Љ.Георгиевски, Ј.Плевнеш, В.Талевски, П.Темелковски... Ги набројувам сè со цел да им дадам прилика јавно да го негираат овој мој исказ ако што било што тука е речено не е вистина и, секако, ако имаат потреба да ми одговорат зошто е тоа така?

„Елешник“, „Вазна од порцелан“ и другите мои драми се сржта на секоја Антологија на македонска драма со кои тие, а и сите ние, се гордееме надвор од границите на Македонија. Но затоа ниту еден мој текст не е поставен на сцена за време на нивната тиранија, Зошто? Па нели се преродбеници? Нели се патриоти кои го почитуваат своето национално богатство? Нели работат во правец на прикажување и протежирање на бисерите на македонската култура, во Македонија и надвор во светот?!

Не мора да ми одговорат, ни тие ни некој друг од нивната банда, но сакам да знаат дека тие се главни виновници што на еден од позначајните драмски писатели, кој со своите дела ја има впишано Македонија во самиот врв на европската и светската драматургија, денес му е забрането да твори во Македонија. А истите тие „преродбеници“ и „патриоти“, постојано и студиозно, се обидуваат да ми забранат и да живеам, доведувајќи ме на раб на личната егзистенција.

Ви благодарам колеги, ви благодарам, „големи вложувачи“ во македонската уметност... ви благодарам за сето тоа. А најмногу - фала ти тебе, Никола. Нека ви служи сето тоа на чест!!!

А сега, за вас вистински почитувачи на вистинските вредности, вистински пријатели и вистински колеги, вие што не се продадовте и не сакавте да бидете дворски шутови на дворот на кралот Мијалков и кралицата Николај, за вас вистински љубители на македонскиот пишан збор, следи ветеното парче од „Елешник“...

 

Фрагмент од сцена - „ЛУЃЕ и КУКЛИ“ (Сцена од драмата „ЕЛЕШНИК“).

(ТРЕНА ја зема куклата ЈУДА ОХРИДСКА и ѝ ја подава на МИЛКА, МИЛКА ја зема куклата. ТРЕНА ја зема куклата ЕЛЕШНИК и почнува да ја анимира својата кукла.)

ТРЕНА (Елешник): Го видов! Неверник гази земја неверна! Љубов со злато мери на кантар. Кај со рака ќе допре драго камење се рони, а камен е само камен, без душа. А рацете нејзини празно празнуваат и се молат, празно. Како да ѝ кажам!? Помина уште една година и дојдов при неа и втор пат... Од љубов излудев; клечев и молев, гризев земја и очите со песок ги труев да не гледаат, како дете родено без ум, како бесно куче... Не знаев како да ѝ кажам?! Ѝ донесов понади: Од Стамбола гурабије, од Солуна леблебије, од Искипа - бадем шеќер... Но не можев да ѝ кажам. И ветерот знае за љубов и од љубов знае да болува...

МИЛКА (Јуда) (анимирајќи ја куклата): На збогување рече: Пред Бога споени, од Бога само разделени, до гроб верни. Дума неверна гроб да копаше, секое весло од тука па до земја Скендерија, гроб ќе беше. ...Но тогаш верував во таа клетва, со неа заспивав и со неа на утрото дочек му правев. На секој шум му велев: Добро ми дошол домаќине! Две години се сторија и дојде другиот... Ветрот донесе - од Стамбола гурабије, од Солуна леблебије, од Искипа бадем шеќер; клечеше и молеше, колнеше, со песок очите си ги труеше, и велеше дека љуби како дете без ум родено. Се исплашив од тоа лудило, ѓавол мислев во оган ме мами. Љубов? Кога мажот ми прв и последен пат ме зема ми ја покри главата со черга, не смеев да го гледам, не смеев да го допрам и мислев тоа е љубов. Со утрото замина...


ТРЕНА (Елешник): Те љубам!

МИЛКА (Јуда): На ѓавол опашка!

ТРЕНА (Елешник): Јас љубов, ќе докажам!

МИЛКА (Јуда): Мажена сум!

ТРЕНА (Елешник): Тој со друга жена деца коти.

МИЛКА (Јуда): Сонував ќе се врати. Ќе ми донесе свилена шамија, на шамијата монистри драго камење; фустани и ѓердани, могу пари - на внуците внуци да имаат, и уште да арчат, да има, да им претекува. Ќе имаме машко дете во лулка од злато, детето ќе го дарува со грош голем како машка шака. Куќа со три огништа, ќе имаме многу стока и многу среќа. Ќе ме љуби саноќ на месечина.

ТРЕНА (Елешник): Колни! Колни! Кажи клетва моминска! Триста чуми и триста живи рани. Во очите слепило! Во главата лудило! Колни, за да видиш чие срце гнило јајце грее!!!

МИЛКА (Јуда): Пред Бога споени, од Бог само разделени, до гроб верни!

ТРЕНА (Елешник): Со љубов ќе доаѓам на година еднаш, секоја година питач, ќе питам љубов од тебе. Јас да љубам друга не можам, со болка болка ќе лекувам... Имам брат, крал на рибите е, лесно лика ќе му препознаеш; пастрмка од десет оки, во левото око му сјае црн бисер. Викни го, тука ќе е. Тој ќе те однесе во таа земја отаде вода, за да го видиш либето до гроб што ти е верно, како царува со сета земја скендерска, до него царица на стариот цар ќерка, машко дете во лулка, а второ на гради ѝ спие. Стариот цар од среќа по цел ден песни пее за дамнешни некои војни. Би се рекол среќен дом, од Бога благословен и чуван.

МИЛКА (Јуда): Лажлив ветер.

(Трена запира со анимацијата на куклата – Елешник.)

ТРЕНА: Си ја слушнала Јудата како пее?

(Милка запира со анимација на куклата - Јуда Охридска. Махинално ја зема куклата во прегратка како да држи свое дете.)

МИЛКА: Баба ми секогаш кога ја кажуваше приказнава велеше дека таа мома е од наш род, велат живеела во старата куќа крај езерото... А ти ја имаш слушнато како пее?

(Трена оди кон излезот на сцената со намера да си замине.)

МИЛКА: (Ја подава куклата - Јуда, кон неа.) А куклата?

ТРЕНА: Имај ја, ти треба дете...

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Jamie Diamond

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото