Блаже Миневски ги доби првата, втората, третата, четвртата, петтата, шестата и седмата награда за краток расказ!

30.10.2015 10:57
Блаже Миневски ги доби првата, втората, третата, четвртата, петтата, шестата и седмата награда за краток расказ!

Скопје, 30 октомври 2015

Откако писателот Блаже Миневски пред неколку години ги доби трите награди за краток расказ, оваа година го повтори, па дури и го надмина успехот и ги доби првите седум награди на „Нова Македонија“ од вкупно пристигнати 11 ракописи! Миневски наградите ги добива за расказите насловени како „Прв расказ“, „Втор расказ“, „Трет расказ“, „Четврт расказ“, „Петти расказ“, „Шести расказ“ и „Седми расказ“.

Осмата награда заминува кај Мите Ивов за „Фотографија небесна“. Според одлуката на селекторот Александар Прокопиев и Весна Дамчевска, има и три откупни награди, кои одново ги доби Блаже Миневски за „Осми расказ“, „Деветти расказ“ и „Десетти расказ“.

Својата одлука за доделување на првите седум награди на еден ист автор жирито ги образложи со тоа дека лично се познава со писателот, па иако не ги прочитале неговите најнови дела, тие воопшто не се сомневаат во квалитетите на неговиот раскажувачки талент, докажан со освојување на трите награди во еден од претходните конкурси.

Добитникот на првите седум награди, писателот Блаже Миневски, смета дека е оштетен со одлуката на жирито и тврди дека требал да ја освои и осмата награда за краток расказ, бидејќи наградениот автор Ивов не го исполнувал условот за добивање на наградата – личното познанство со членовите на жири комисијата. Сепак, тој вели дека нема да поднесува жалба и дека иако е оштетен, веќе ја извојувал моралната победа.

Од жирито не сакаа да ја коментираат неговата изјава.

Инспирирано од следнава вест и од повеќето конкурси за краток расказ во Македонија.