Лавиринт

31.03.2010 16:40
prva.jpg

Која е сличноста меѓу нашиот премиер и митскиот крал Минос од Крит?

Според легендите, Минос му нарачал на Дедал да му изгради лавиринт како заштита од Минотаурот (чудовиштето со глава на бик и тело на човек). Откако нашиот премиер ја погали статуетката на „Дедал од Плаошник“ и тој доби инспирација да го претвори скопскиот плоштад во лавиринт. Се' уште никој не знае какво митско чудовиште ќе откопа багерот во центарот на лавиринтот. Во политичките обложувачници веќе се типува на новите политички жртви што ќе му бидат „спонтано“ принесени на „Минотаурот“ од Скопјеполис. Во опозициските кругови се организираат тајни аудиции во потрага по македонскиот Тезеј. Под дрво и под камен се бара јунакот кој треба да го заколи чудовиштето, да го „јавне“ багерот и да тргне „кон излезот“ од лавиринтот со помош на клопчето од Аријадна.

Но, каде се загубил Тезеј? И без клопчето од Аријадна, чаршијата плете разни приказни. Некои велат дека синот на Егеј залутал во потрага по џинот со боздоган во Мариовско. Други тврдат дека отишол да ја лови огромната дива свиња во резерватот „Јасен“. Трети велат дека отишол да го убие последниот бивол во Прилепско и дека станал зависник од дебрештанското шеќерпаре. Четврти го виделе како се бори со октоподот во Слатинското Езеро. Злобниците заговараат дека Тезеј и другар му биле видени на барските столови на заборавеноста во некоја сомнителна кафеана во Полошко.

Чекајќи го славниот Херакле да го ослободи и освести подизгубениот Тезеј, на тарабите од скопскиот лавиринт беше одбележана годишнината од силеџиското задушување на „Првото архитектонско востание“. Востаниците од првата архибригада излепија неколку интересни постери. На едниот од нив потсетија како нивните колеги го замислувале Скопје во 1966 - како вмрежен и транснационален град, како вклучувачки и интегрирачки отворен град. Но, „није Кензо Танге за политичке битанге!“ Тие во „2014“ сакаат хегемониски и контролиран град, исклучувачки и поделен национален центар. А ние културно си протестираме, не сме како „гојдарот“ од Битолско кој излепил дури пет омаловажувачки плакати против премиерот - „Кражба во сто чекори, пред очите на Владата исчезнаа 39 милиони евра, остваруваме“. Замислете, ем ги омаловажувал и навредувал ликот и делото на службеното лице (премиерот) во вршење на службата ем сега се буни што сакаат да му репнат казна од 600 до 800 евра. Море, сите такви противници на земјоделската ни влада, сите реакционери и ненародни елементи, треба на Голи Оток да ги испратиме! Заедно со лустрираните кодоши кои го стрпаа во затвор славниот глумец поради омаловажување и навредување на ликот и делото на службеното лице - Маршалот. Итно да се пронајде и предавникот кој се дрзнал да ги валка ѕидовите на светиот лавиринт со богохулниот графит „Бараме азил за Груевски“.

Додека премиерот го гради лавиринтот, а лавиринтот не' гради нас, ние културно и цивилизирано си дебатираме и полемизираме. „Секое чудо за три дни“ велат скопјани, ама веќе два месеца откако почна да се гради лавиринтот, облакот од прашина никако да слегне. Се појавија разни теории. Некои лавиринтисти докажуваат дека токму лавиринтот е спасоносното решение што го навестувал премиерот во својата магистерска теза „Кон излезот, странските директни инвестиции, економскиот развој и вработеноста“. Други тврдат дека токму лавиринтот ќе ја обнови душата на градот и неговиот загубен идентитет по катастрофалниот земјотрес во 1963. Колку и да изгледа парадоксално, тие не' убедуваат дека лавиринтот ќе го врати загубениот дух на Скопје и дека тој повеќе нема да биде „град на духови“. Покрај духовните истерувачи на духови, се јавија и експертите за Вилерови гоблени, кои ја поддржаа 3-Д визијата на премиерот како чин на архитектонска слобода, креативност и неверојатна културна разновидност.

Се појави и антилавиринтистичко движење во разни форми. Радикалните антилавиринтисти го претставуваат лавиринтот како продукт на „архитектонска психопатологија“. За нив лавиринтот е симптом на малигната болест на авторитарната власт која го лечи својот комплекс на инфериорност со „грандоманската архитектура и уметност“, препознатлива во начинот на владеење на Хитлер и Садам Хусеин. Некои отворено застанаа против „ѕидот на кичот“, други потсетија дека лавиринтот е творба на „заспаниот ум кој раѓа чудовишта“. Едни го објаснуваа лавиринтот како форма на неронизам, други како обид за кражба на град („едните крадеа без да градат, овие градат ли, крадат“). Антилавиринтистите од другата страна на реката првично беа против изградба на какви било верски објекти во лавиринтот, за потоа да бараат „ем црква ем џамија“ и правична застапеност на споменици во лавиринтот. Невладините љубители на Влада Урошевиќ укажуваа дека Скопје нема потреба од нови лавиринти, затоа што веќе ја има запустената и заборавена чаршија со Даут-пашиниот амам, безистенот и загадочните сокачиња на Бит-пазар.

Се појавија и разни теории на конспирација. Љубителите на книгата „Името на розата“ од Умберто Еко се обидуваа да ја одгатнат тајната врска меѓу скопскиот лавиринт и меѓународниот заговор за менување на името и на идентитетот. Некои обожаватели на Борхес потсетуваа дека идејата да се конструира лавиринт во кој сите луѓе ќе се загубат била опсесија на еден од ликовите во култниот расказ „Градината со патеки што се разгрануваат“. Други предупредуваа дека лавиринтот е „оружје за масовна дистракција“, кое може лесно да се преобрази во оружје за масовна деструкција. Трети согледуваа во нашето чекорење низ мракот на лавиринтот елементи на пубертетска иницијација. Се појави и секта од неохристијански духовници кои лавиринтот го почитуваат како „свет контејнер“, кој дава сигурност и можност за духовно преобразување и оздравување. Нејзините припадници се обидуваат да ги освестат Македонците за физичките и духовните придобивки од одењето низ лавиринти и за потребата од „озеленување на планетата“ со лавиринти. Којзнае, можеби и „Денот на дрвото“ ќе се преименува во „Денот на лавиринтот“, па ќе почнеме да садиме шуми-лавиринти.

Додека Македонија е опседната со лавиринтот, чекајќи го Тезеј, македонскиот крал Минос и фамилијата спокојно се подготвуваат за нови избори.

слики: Бил Зиндел

„Дневник“, 31.03.10.
 

Covekot se izgubil.Vrska nema

Covekot se izgubil.Vrska nema od nisto.Takvi nebulozi da tropa,cudo edno.Najtragicno e sto veruva vo toa i sto misli deka drugite mu veruvaat ili go podrzuvaat.Pa samite SDS-ovci vikaat deka e za ednokratna upotreba vo zagrada ,budaletinka.
Eve eden primer.Vo edna debatna emisija za spomenicite,konkretno za Cento,veli deka citiram:Koga Cento bi bil ziv bi se naljutil zosto mu napravile tuka spomenik.
Abe urednici,zemete edno drvo,pojako i podebelo i izbrkajtego toa Govedo nevaspitano,izgubeno vo prostorot sto ne. ceni i ne znae koj e i sto e...

Шо е ова „Антиквизација

Шо е ова „Антиквизација и Митологија“ продужие. Чоече цела Античка Македонска Митологија овој ја прераскажа.  

ОкоБоли главаВицФото