Десетте најдобри раскази на конкурсот БЕГСТВО!

31.10.2015 13:08
Десетте најдобри раскази на конкурсот БЕГСТВО!

На конкурсот за краток расказ на тема Бегство распишан од издавачката куќа Темплум и порталот Окно, пристигнаа 147 раскази од 92 авторки и автори. Општиот впечаток е дека нивниот квалитет не е најсјаен, а во расказите се забележливи повеќе слабости кои со себе обично ги носат почетничките книжевни обиди. Дел од авторите не се снашле со тематската рамка и ограничување, па нивните раскази, дури и во најширокото сфаќање на поимот Бегство, тешко дека можат да се вклопат во темата на конкурсот. Други автори, пак, испратиле раскази кои ја надминуваат максималната дозволена должина (2.000 зборови) и нивните текстови не беа земени предвид.

Од пристигнатите 147 раскази, по квалитет се издвоија следниве десет:

1. Ѓорѓи Крстевски - Бегство од затвор
2. Јосип Коцев - Генезис: прогон
3. Мира Смаќоска - Градот
4. Стефан Алијевиќ - Институција Пустина
5. Сања Михајловиќ Костадиновска - Граница
6. Коста Милков - Бегство во Марсеј
7. Васко Марковски - Пристаниште
8. Ина Ото - Сонот за бегалската криза
9. Анета Попова - Бегство
10. Емилија Гиноска - Патување до Марс

(Списокот претставува збирен преглед на наградените автори и раскази, а не рангирање според „освоени места“.)

Авторите ќе бидат наградени со 10 книги во издание на Темплум, кои можат да ги подигнат од 3 ноември (вторник) во Клубот ГЕМ (над Менада, Стара чаршија, раб. време 9-17 ч.)

Се надеваме дека овој конкурс претставуваше барем мал поттик за пријавените авторки и автори, кои ги охрабруваме и понатаму да продолжат со пишување, усовршувајќи се и надградувајќи се на творечки план. Окно и Темплум и понатаму ќе организираат слични тематски (и не само тематски) конкурси: наскоро, по јубилеен, десетти пат, ќе биде распишан конкурсот „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис за 2015 година, а во иднина, секако, ќе следуваат и книжевни конкурси.

Во продолжение ги објавуваме расказите „Бегство од затвор“ (Ѓорѓи Крстевски), „Генезис: Прогон“ (Јосип Коцев), „Градот“ (Мира Смаќоска) и „Граница“ (Сања Михајловиќ Костадиновска). Останатите шест раскази наградени раскази наскоро исто така ќе бидат објавени на Окно.

 

Бегство од затвор - Ѓорѓи Крстевски

 

Беше осуден на најстрашната казна – доживотен затвор – само затоа што беше уметник во земја каде што уметноста е забранета. Беше затворен, заедно со други уметници, во најозлогласениот затвор кој се наоѓаше на карпест остров, опколен од вечно разбранувано море полно со крволочни ајкули. Не им беше дозволено да ја напуштаат својата ќелија, ниту им се дозволуваа посети. Неправедната казна ја издржуваа далеку од очите на сите.

Еден ден низ ќелиите проструи веста дека преку поткупливите стражари во затворот се прокриумчарил прибор за цртање. Управникот ненајавено спроведуваше претреси, ги измачуваше оние најсомнителните, па дури и затвори неколку стражари, но приборот не се најде. Вревата постепено стивна и затворот потона во своето секојдневие.

Но едно утро неговата рака не се подаде низ отворот на вратата за да го прими скромниот оброк. Кога ја отворија тешката железна врата што чкрипеше, стражарите здогледаа празна ќелија со уредно наместен кревет. Решетките на прозорецот не беа свиткани или исечени. Во просторијата владееше некаков неопислив мир.

Веднаш беше организирана потера: ги пребаруваа сите простории во затворската зграда, сите пештери на островот; пуштија и чамци во морето. Го бараа насекаде, а не можеа да го најдат. Во таа општа збрка, никој не се досети да го побара зад малата врата која со бела креда беше нацртана на ѕидот од неговата ќелија.

Јосип Коцев - Генезис: Прогон 

Се разбудија во време надвор од времето. Немаа сенки. Образот на човеколикоста уште ги немаше подредено нивните битија во живите, оти смрт се немаше случено. Таа блескаше јарко под сиот небесен прекор на натежнатите облаци кои штедро пропуштаа светлина во немоќ да ја излеат својата водена утроба. Боса, со стапала навлажнети во дивите води на Еуфрат, се обидуваше да го следи забревтаниот галоп на коњите кои во занес ја крстосуваа раззеленетата трева - сјајна од проѕирниот оклоп на утринската роса, и да му дојде нежно вознемирена, со растреперено грло и очи жедни за плот. Секогаш му приоѓаше низ завеси од свилена светлина, со боски набрекнати од галежот на врбови гранчиња и со кожа искапена во опојните мириси на безброј видови цвеќињa. Играта започнуваше штом неговите прсти длабоко ќе ѝ се заплетеа во косата. Во моментот на допир, нечујно се разлетуваа рој пеперутки со сатенски крилца, а тие двајца избувнуваа во смеа додека го следеа нивниот лет до одредена точка од мирниот свод. Потоа, ја прекриваше со вжарениот труп и припените тела говореа на безвучен јазик меѓу расшумолените лијани, внимателно набљудувани од растрчаните срнички што трепетно го следеа секое нивно помрднување. Ги пиеше капките пот од нејзините бедра и запознавајќи го вкусот на највкусните нектари, следејќи ја симетријата на телата го длабеше влезот за својата чудна тврдост во нејзиното меѓуножје. Играа во ритамот на рамномерните движења, раширувајќи ги здивовите што потоа се губеа во врелината на вечното лето. Понекогаш, потајно и одненадеж ѝ ги зариваше песјаците длабоко во нежниот свиок меѓу рамото и вратот, а таа не знаејќи за болка, му возвраќаше со цртање жестоки пруги од нокти по силниот грб, и така ѝ даваше ново руво на страста во секој час што траеше еден еон во тој чудесен предел на широкоградо подарена слобода. Можеби на тој начин сакаше да го обележи нејзиното припаѓање, иако знаеше дека се сами меѓу четирите реки со бујни корита, во зенитот на вечното постоење, во меѓупросторот на недостижното небо и неизбежната земја која уште ги немаше примено во потполност корењата на милионите млади растенија и големото дрво со истурени забранети плодови. Ноќите ги минуваа прегрнати во вообичаената голотија на телата и духот, ѕверејќи се во мрежата од далечни ѕвезди што им се чинеа како милиони очи распрскани по тилот на небото – нивниот пазител кој не ги напушташе дури и тогаш кога им го имаше свртено грбот барајќи почин од жарот на сонцето. Потоа, полека ја губеа силата и се разделуваа исплашени од опојната моќ на сонот, па оној штo сè уште не беше заплеткан во пајажината на несвесното, со страв го будеше другиот, сè додека двајцата не се предадеа, совладани од уморот.

*

Тоа утро Низар се разбуди во новo непознато место. До него, згрчена лежеше истоштената Рима, која ноќта ја помина со силна треска и повраќање. Низар ги набљудуваше нејзините разиграни очни капаци занесени од тегобен полусон. Беше ред да ги кренат завесите од театарот на сонот и да продолжи мачната претстава од долг ôд и умор. На мигови им се чинеше како да стоеја во место, а околу нив непрекинато се менуваа пределите, хоризонтите, глетките, местата... Границите и барикадите што им се испречуваа повеќе не ги мачеа. После толку препреки, човек препуштен на ништото се привикнува на рамнодушност и отапеност и почнува да сраснува со испуканите усни, потемнетите раце, испотеното тело, дури и подобро да гледа со крвјосаните очи. Понесоа доволно пари за да ги платат високите цени на шише вода или векна леб, и колку повеќе пиеја и јадеа, жедта и гладта се зголемуваа. Дамаск сега им изгледаше невистинито. Како никогаш да не постоеше домот кој со љубов го свија кратко после венчавката, како да остана само љубовта...

„Ова е нашиот мал рај“, во него одекнуваше песочниот глас на Рима, која блескаше од среќа кога застанаа на прагот од новото гнездо пред неколку години. Сега од неговите рушевини Низар понесе само една тула, a Рима скина едно јаболко од јаболкницата во дворот, и еве веќе со денови ги носеa во ранецот, крстосувајќи ја Турција, одејќи пеш меѓу грчките селца и градови, сè до портите на уште една нова непозната земја. Низар го започна тешкиот ôд, слушајќи ги чекорите на Рима на два метри позади себе.

„Уште дваесетина километри до Македонија. Уште дваесетина километри“, велеше Рима, низ голтки испрекинато дишење.

Колкупати во свеста на Низар се преплетуваа речениците „уште само 10, 20, 30 километри“ и правеа кружна траекторија од вечно движење, помирена со сознанието дека можеби засекогаш ќе останат номади кои го напуштиле своето мало парче рај, осудени да скитаат, да се распрснат во бескрајот. Одеше одлучно, чекорите се зариваа длабоко во земјениот пат и мислеше: „зарем човек може да чекори вака непоколебливо кога не знае каде оди и дали ќе стигне некаде“? Во умот му се роеја живописни слики од училиштето во кое работеше, од децата на кои им предаваше мајчин јазик, од класот кој со почетокот на бомбардирањата и нередите во Дамаск секојдневно се намалуваше... Веќе си го гледаше одразот во свежо избришаната табла на која напиша: „Како си го поминав летниот распуст“?... Ги гледаше децата од класот како ги отвораат тетратките и радосно трепкаат со очињата, сакајќи да напишат обични нешта, како море, река, песок, бранови, а моливите сами им испишуваа „крв“, „крв“, „крв“… Во своето бунило Низар ги кинеше тетратките, а зборот веќе беше ишаран на таблата, по ѕидовите, по неговата кецела, по лицата и очите на децата... И одеднаш затишје, пред него се посла пријатен спокој. Чувствуваше како да секнала болката, како ехото на светот да престанало, а реката од мисли со која умот неуморно му ја преплавуваше свеста – како наеднаш да пресуши. Се разбуди зашеметен во рацете на Рима, која му го плескаше лицето со вода и му го довикуваше името. Како да му се јавуваше од друг свет, Рима, убавата Рима, љубовта на неговиот живот на чие лице се беа исцртале железничките пруги, долгите беспаќа, километрите надеж и сообраќајните патокази по магистралните патишта. Во тој миг си помисли дека веќе и топотот на срцето не им е човечки, дека срцата им звучат како возови чии сирени пиштат до излудување... Успеа да ја убеди Рима дека се чувствува добро, додека таа разулавено претураше по ранецот за да пронајде нешто што ќе го закрепи и ќе му даде сила за патот што ги чекаше. Со растресени раце му го подаде јаболкото на истоштениот Низар.


*
„Ќе бидеме помудри, ќе бидеме богови“ му рече Ева, застаната пред него со забранетиот плод во рака, туркајќи ги зборовите по угорницата на непознатото.

Адам ја гледаше в очи пред да го гризне јаболкото. Жената беше единственото суштество кое бестрашно пловеше со него во оваа чудесна земја. Тој не можеше да стави дамка на нејзината слепа верба. Создателот не го познаваше, му го немаше видено ликот, а градината го научи да ги осознава нештата по допир, да си прави претстави за нивниот облик, да им дава имиња. Во него се водеше разорна битка меѓу Богот и Жената, нешто што никогаш не допре до нејзиното сознание, зашто тој беше решен да изгледа одлучен да тргне по нејзините стапки. Во него ревеа молскавици: „Создателот ме створи од земја, а таа е коска од моите коски, и плот од мојата плот...“. Адам се плашеше од самотијата, знаеше дека Жената беше подготвена на непослушност и казна. Кога гризна, се кренаа водите на Тигар и Еуфрат, небото се вознемири, растенијата ги наведнаа своите кревки тела а животинчињата се скрија во своите дувла. Парчето јаболко му застана во грлото. Силни дождови се истурија над Едем. Гласот од небото се промени, стана подлабок, строг и непростлив. Се роди проклетство и срам од голотијата. Мораа засекогаш да ја напуштат градината во која царуваше блаженство и вечен живот. Добија сенки. Во клетвата на вечното прогонство станаа смртни.

„Што ќе правиме сега?“ – очајно прашуваше Ева, додека молскавиците трештеа над пределот кој предмалку се капеше во волшепство и хармонија. Адам ја погледна в очи, исто како пред да го направат гревот, и во нив го виде одговорот, па спокојно ја положи главата во нејзиниот скут без да изусти збор. Од меѓуножјето на Ева се цедеа капки врела крв.

*

Поминаа денови, а немаше ниту знак од месечниот циклус на Рима. Без многу размислување, ова му го припишуваше на натчовечкиот умор што го чувствуваше и на огромниот стрес што го трпеше со недели. Некаде длабоко го криеше сомнежот дека можеби е бремена, но однадвор покажуваше непокорна сила која можеше да разоружа цели армии со наострени копја. Во неа тлееше обземувачка смиреност, а на лицето можеше да ѝ се прочита гордост прочистена од бесмислени женски пориви. Таква беше и сега, уверена дека присуството на Низар е доволно за да го издржи секој напор, да не попушти, да се совлада и да ги прегризе усните секогаш кога ќе сакаат да изустат колку е невозможно со зборови да го опише чувството на безнадежност и бес.

Немајкаде! Тоа е зборот што го бараше кога го здогледа густиот кордон од полицајци на македонската граница и облакот од прав што започнаа да го голтаат кога ѝ се приближија на разбеганата толпа мажи, жени и расплакани дечиња. Низар ѝ ја подаде раката и обајцата одеднаш ги обзеде ужас. Се најдоа во стампедо, меѓу трупови со неконтролирани движења, во вистинска виулица од раце, тешко дишење, солзи... Од едниот крај слушаа мајки кои ги отпуштиле своите дечиња во метежот, а од другиот, само крикови и липање, непрекинато и распарувачко плачење што ги раскинува најситните атоми во душата. Полициските сили не ги пуштаа да ја преминат границата. Се изгубија во турканицата. Низар го завлекоа полицајците и неговото лице со вкочанета гримаса остана да ѝ лебди во сеќавањето на немоќиот израз што сакаше да го изделка како гипс од густата прашина и да го земе со себе. Беше преуморна, беше исцрпена, истоштена, немаше глас да го повика неговото име, небаре изговарајќи го како некој таинствен код ќе направи сета зла коб магично да се стопи и да го доведе Низар назад кај неа. Ја сруши ударот на шок-бомбата. Зрнца прав го најдоа својот пристан врз скаменетите образи на Рима.

Се разбуди во гевгелиската болница неколку часа подоцна. Медицинската сестра ѝ го избриша челото оросено со пот и излезе. Кога се врати, со себе го доведе Низар, вцрвенет од огнените јазици на августовското сонце и задушен во солзи.

„Ќе имаме бебе“ – едвај изусти Низар, со липање кое одеднаш се прелеа во смеа. Им се чинеше дека времето одеднаш го изместило вообичаениот тек, дека ноќта се преоблекла во наметка од неодредено траење кое лесно можеше да премине во сончев ден, а стрелките на часовникот како да се движеа од првиот во вториот миг, и повторно – од вториот во првиот. Им се чинеше дека можат да одат до крајот на сите светови, подземно, низводно, удолу и угоре.

„Што ќе правиме сега?“ – праша Рима. Низар ја стави главата во нејзиниот скут, ја извлече тулата од ранецот, ѝ и одговори:
„Ќе продолжимe да го бараме нашиот нов рај“.

*

(Голем број научници и истражувачи на Библијата се согласуваат околу идејата дека Едемската градина веројатно била лоцирана во регионот познат како Месопотамија, лоциран меѓу реките Тигар и Еуфрат, во денешните држави Ирак, Турција и Сирија.) 

Мира Смаќоска - Градот

Се будам и го облекувам градот. Не знам кому од двајцата му е понеудобно.

За него и не сум баш сигурна, ама јас во него се чувствувам како дебело дете пред школска приредба. Што и да кажам, знам дека на крајот никој ништо нема да запомни, сите ќе ми се потсмеваат за надуените образи.

Ногавиците ми се претесни, ракавите скоро да пукнат, кошулата сама се ослободила од копчињата на стомакот.

Тешко е да се биде дебело дете во олку тесен град.

Има денови кога некако успевам и да се ослободам. Тогаш внимателно ги собирам погледите од подот, улиците ги соблекувам дупка по дупка, ги одврзувам врвките збор по збор, ги тресам чевлите камче по камче, до крајот на денот кошулата веќе посивела од тапкања и случајни судрувања.

Си легнувам. Градот виси во плакарот.

Ќе мора мора да си побарам друг. Се плашам дека ќе ме задуши додека сонувам.

Сања Михајловиќ Костадиновска - Граница

 

Групите се формираа кога почнуваше да се стемнува. Ноќта е најповолна за граница. Иако можеби до пред половина час девојчињата сме правеле торта од кал или сме играле ластик, а машките фудбал или кошарка, пред стемнување се собиравме на купче за сите да играме граница. Не дека ноќта беше родово толерантна, туку, едноставно, игравме заедно и машки и женски за да бидеме повеќе, за играта да трае подолго и дома да се вратиме што е можно подоцна.

Откако се одлучи Марко и Сале да играат бибер-сол, ми стана веднаш јасно дека ќе се паднам во групата на Марко. Тој секогаш ме бираше прва. „Прво, па женско!“ – викаше. Знаев дека и Сале да згази, тој ќе одбере некого од поголемите и пожестоките, како, на пример, Елмир. Марко типуваше на мене затоа што бев ситна, ама многу брза. Јас го мразев Марко, иако ѝ беше брат на Тања. Беше дебел, исфрустриран и целата соба во која спиеја тој и Тања ја имаше облепено со постери од тркачки коли и славни фудбалери. Признавам дека ми ласкаше тоа што токму мене ме одбираше прва, но никогаш не најдов објаснување зошто Марко, кој и ден-денес е дибекот во маало кој дреме во кладилница со шанси за поведра идинина колку што и шанси за сонце во Скопје во ноември, умееше да изусти една реченица која потоа дури ќе стане и слоган на радикалното феминистичко движење од кое на мажите им се креваше косата.

Екипите беа спремни. Во онаа на Марко бевме јас, Стево, Калина и Октај, а Сале ги одбра Елмир, Ана, Вукашин и Тања. Границата ќе ја чуваа тие, а ние имавме десетина минути време за да скроиме план за бегство и потоа за напад. Беше жешка јулска ноќ. Тоа значеше дека барем уште половина час дедовците кои играа шах и бабите кои оговараа ќе седеа на клупите пред мојата зграда и затоа таа рута требаше да се избегнува бидејќи можевме да бидеме лесно откриени само ако на некого од тие редовни мерачи на притисок и пијачи на шака апчиња му текнеше да се развика: „Полека бре мангупи, раат да се немало!“ Раатот не им го кршевме ние, туку оние кои прогнозираа крај на братството и единството. Се шушкаше за војна. Трупи веќе се престројувале на границите. Но нас не нè засегаа нивните граници. Имавме само една граница за освојување – границата меѓу двете брези. Ни преостануваа уште две опции: преку отклучената врата од една од зградите од Градски ѕид да им се прикрадеме од кај гаражите – најнеочекуваната варијанта зашто ретко кој го знаеше тој пристап – или да нападнеме сите одеднаш. Така ќе фатеа двајца-тројца, ама еден сигурно ќе стапнеше во границата и ќе прогласеше победа. Беше ризично, ама се одлучивме за вториот план. Ќе се скриевме во зградата на Тоше Будалиот и ќе чекавме некое време за да трагачите тргнат во потера и на границата остане само чуварот. Честа да биде чувар му припадна на Елмир, грамадниот миленик на Сале. Не само што беше висок и имаше долги раце, туку се зборуваше и дека очите му светат во теминца, та сигурно и гледа добро и не ќе биде лесно да му се прикрадеме.

Тања не сакаше да игра граница. Многупати додека сме седеле кај неа во соба, под будното око на мажествените лица од постерите, ми кажуваше дека откако пред некоја недела сме ја преминале „забранетата линија“ и сме залутале во другото маало, постојано мисли само на тоа. Во нашето маало, сè истите лица, сè истите игри, голема работа кој ќе победел во граница или долга магарица или жмурки. Таму, таа виде нешто што јас не умеев да го видам. Можеби беше поради светилките кои ѝ даваа една друга боја на ноќта. Кај нас редовно ги кршеа. Можеби таму виде повесели лица. Можеби едноставно ја привлекуваше забранетото. Јас пак, уживав во играњето граница. Ме обземаше адреналин каков што можеби бев почувствувала само уште еднаш во животот – кога првпат одев со авион во Америка на докторски студии по политички науки. Чувството дека некој ти е зад петите и не можеш да претпоставиш од каде може да дојде, како што и тој не може да претпостави од каде ќе нападнеш, во еден простор кој не е бесконечен, но сепак крие толку можни засолништа, беше многу моќно! Слично на она кога слетував во непознатиот град, кога пред мене се ширеа осветлени булевари, бесконечни врвулици, каде што не знаеш кој кому му е непријател, но знаеш дека сите те демнат, па демнеш и ти. Гледаш. Слушаш. Мирисаш. Впиваш. Молчиш.

Молчевме пикнати во влезот на Тоше Будалиот. Ги кроевме завршните стратегии. Марко, Стево и Калина ќе излезат први во јуриш за да го збунат непријателот. Октај и јас во меѓувреме треба да се распоредиме до грмушките во близина и да чекаме поволна ситуација кога границата ќе остане празна. Ама планот тргна наопаку кога Тошо Будалиот реши токму таа вечер, вечер што ќе ја означеше нашата победа и ќе ја зацврстеше непобедлвата тактика, токму таа вечер да ни се одмазди за сите ујдурми што му ги правевме. Почна да пее од терасата, да истура легени вода, да пцуе и да се заканува дека на сите ќе им ги извади бравите од сандачињата, па ќе се видело после кој примал сомнителни пликови. Тие викотници го привлекоа вниманието не само на чуварите на границата, ами и на маалските чувари. Останавме заробени под скалите во зградата на Тошо. Тошо држеше говори, а одоздола почнаа да му довикуваат и да му се потсмеваат. Стануваше доцна, родителите дома сигурно веќе нервозно цупкаа, татковците пцуеја, мајките седеа на маса покрај изладената вечера. А ние не излегувавме, бевме цврсто решени да победиме, да ја освоиме границата! Кога Тошо веројатно веќе се измори или влезе по дополнителна доза ракија, некој викна – сега! Заборавивме на тактиките и стратегиите, можеби несвесно сакајќи играта веќе да заврши бидејќи стомаците ни кркореа и излетавме сите во јуриш! Немаше шанси да нè фатат така разулавени! Врескавме, трчавме, прескокнувавме грмушки, но кога стигнавме до границата – таму беше само Елмир, седнат на тревата.

- Другите си заминаа! Мене и онака мајка ми не ме чека за вечера, па решив да останам да ви кажам, дека играта е завршена.

Додека се шетав во Њујорк, со погледот вперен во облакодерите, со чувство помеѓу восхит и презир, восхит поради умешноста на човекот да создаде грандиозни дела, но и презир поради тоа што тие, исто како некои божества, беа таму да нè потсетат на нашата маленкост, се судрив со еден човек. Беше тоа Елмир. Или негов двојник. Ме одмина. Не ме позна. Никогаш не успеав да му кажам дека го сакав. Набргу после војната се пресели некаде. Никогаш не успеав да му кажам колку таа вечер сакав јас да ја освојам границата, да му покажам колку бев брза и снаодлива, сакав да ми се восхитува, веројатно кога пораснав и да ме посакува. Но, некои граници се едноставно неосвоиви. Тука сме, живееме во истото маало, но се разидуваме. Налетуваме еден на друг во огромен град и не се познаваме. Бегаме од себеси. Се криеме во некои невидливи граници. Гледаме. Слушаме. Мирисаме. Впиваме. Молчиме.

Слики: Paco Pomet

ОкоБоли главаВицФото