За нееднаквоста

01.11.2015 12:39
За нееднаквоста

Фото: REX FEATURES

 

Роберт Лукас е веројатно највлијателниот економист од 70-тите години на минатиот век до избивањето на финансиската криза во 2007 година. Тој е таткото на познатата Лукасова критика, според која не може да се предвидуваат ефекти од економски политики на база на историски случувања, зашто луѓето имаат рационални очекувања и ќе ги земат предвид тие политики при нивното однесување, заради што ефектите нема да се материјализираат. Лукасовата критика беше големиот триумф на неолибералната економска мисла над кејнзијанизмот. Со неа започна тридецениското владеење на неолиберализмот со економската наука и пракса, кое ги донесе на власт Тачер и Реган, кое резултираше со масовни приватизации на јавните добра насекаде во светот, кратење на работничките права, намалување на даноците, енормен пораст на нееднаквоста, а кулминираше со финансиската криза од 2007 година.

За многумина Роберт Лукас сепак не е најпознат по рационалните очекувања или Лукасовата критика, туку по најцитираниот труд во економската наука, во кој зборува за детерминантите на економскиот раст. Позната е неговата изрека - „штом еднаш почнеш да мислиш на економскиот раст, не можеш да мислиш на ништо друго“.

Јас би го парафразирал Лукас и би кажал – „штом еднаш почнеш да мислиш на економската нееднаквост, не можеш да мислиш на ништо друго“.

Како би можел да мислиш на нешто друго, кога знаеш дека најбогатите 85 луѓе на светот поседуваат исто онолку колку што поседуваат најсиромашните 3.5 милијарди луѓе?!

Но, што е всушност проблемот со ова? Зошто нееднаквоста е лоша? Зарем не треба да ја славиме нееднаквоста, како што викаше Тачер?

Нееднаквоста е штетна

Денеска е јасно дека нееднаквоста има барем десетина штетни ефекти. За почеток, економската нееднаквост ја намалува социјалната мобилност. Колку се разликите во примањата помеѓу луѓето поизразени, толку се помали шансите некој што се родил како сиромашен да успее во животот. Оваа врска економистите ја нарекуваат „кривата на Големиот Гетсби“, по книгата на Ф. Скот Фицџералд, во која Џеј Гетсби го персонифицира американскиот сон – од сиромашен да станеш богат. Иронично, помеѓу развиените економии, Америка има едно од најниските нивоа на социјална мобилност – само 4% од оние кои се раѓаат како сиромашни стануваат богати (поконкретно, преминуваат од првиот во петтиот квинтил на доходовната дистрибуција). Главната причина за тоа многумина ја наоѓаат токму во нееднаквоста.

Понатаму, високата нееднаквост ја уништува демократијата. Владеењето на народот прераснува во владеење на богатите. Многу истражувања покажуваат дека политичката моќ на богатите и сиромашните не е иста. Луѓето со пониски примања по правило имаат помало влијание врз политичките одлуки. Дополнително, интересите на богатите и интересите на сиромашните обично не се совпаѓаат. Оттука, при висока нееднаквост, интересите на сиромашните не се претставени од страна на политичарите. Затоа, кога разликите помеѓу луѓето се големи, демократијата прераснува во плутократија.

Следно, во економската наука постои една стара идеја, за инверзна врска помеѓу еднаквоста и ефикасноста. Со други зборови - не можеш да имаш и висок економски раст и ниска нееднаквост. Нееднаквоста е или последица на високиот раст, или пак е потребна за да има раст, за да ги мотивира луѓето. За среќа, најновите истражувања покажуваат дека оваа теза не е издржана. Напротив, и ММФ и ОЕЦД, кои не важат баш за левичарски организации, во последно време објавија студии кои ја потврдуваат обратната теза - дека за да имаш здрав и одржлив раст, потребно е нееднаквоста да е ниска.

Тесно поврзано со ова, постојат силни аргументи дека високата нееднаквост води до економски кризи. Едноставно кажано, посиромашните гледаат како живеат побогатите и се трудат да ги имитираат. Но, бидејќи немаат пари за тоа, мора да се задолжуваат. Ова понатаму води до прекумерно задолжување, кое по правило завршува со криза. Многу економисти причините за финансиската криза од 2007-2008 година, слично како и за Големата Депресија од 1930-тите, ги лоцираат токму во ваквото однесување.

Фото: Mario Tama/Getty Images

Штетните ефекти на нееднаквоста не остануваат само во сфера на економско-финансиските феномени. Не, тие се многу пошироки. Се однесуваат дури и на сиромаштијата. На пример, многумина сметаат дека најдобар начин за да се намали сиромаштијата е преку стимулирање на економскиот раст. Дури и да е така, истражувањата покажуваат дека сензитивноста на сиромаштијата во однос на економскиот раст се намалува како што расте нееднаквоста. Причината е едноставна – при висока нееднаквост, економскиот раст наместо кај сиромашните, завршува кај богатите.

Нееднаквоста е штетна и за здравјето. Бројни студии укажуваат дека животниот век е подолг во земјите кои имаат пониска нееднаквост. Менталните заболувања, гојазноста и други негативни индикатори пак се пониски. Ова се објаснува со стресот, кој потекнува од статусната анксиозност. Кога твојот социјален статус е понизок од статусот на некој друг од твојата околина, тоа креира анксиозност, т.е. стрес. Вајтхол студиите тоа го потврдуваат многу уверливо.

Фото: Getty Images

Се покажува дека нееднаквоста е штетна и за образованието. Земјите што имаат пониска нееднаквост имаат подобри просечни резултати во образованието. Едно од објаснувањата е дека нееднаквоста креира сегрегација во образованието. Крајниот исход е мал број на квалитетни школи, кои им се достапни само на богатите, т.е. на елитата, и голем број на неквалитетни школи, за „обичните смртници“.

Нееднаквоста се доведува во врска и со криминалот. Грабежите, насилството и убиствата се повисоки во заедниците каде разликите се поизразени. Каналите се неколку, но главниот е недостигот на доверба. Довербата меѓу луѓето е пониска кога нееднаквоста е повисока. Објаснувањето е дека луѓето се склони да им веруваат повеќе на оние кои им се послични.

Зошто нееднаквоста опстојува?

Тезата дека луѓето повеќе им веруваат на оние кои им се послични го повлекува прашањето - дали нееднаквоста му е природна на човекот? Главниот аргумент на тие кои тврдат дека нееднаквоста е природна е – не сме сите исти, затоа и не треба сите да имаме исти примања. Тој што е физички посилен е супериорен во однос на оној кој е физички послаб. Тој што е побрз е супериорен во однос на тој што е побавен. Таа што е поинтелигентна е супериорна во однос на таа што е помалку интелигентна. Затоа и треба да имаат повисоки примања.

Но, она што честопати се заборава е дека тие што се физички посилни не се и најбрзи, а не се ни најинтелигентни. То ест, луѓето имаат бројни способности, кои се дисперзирани меѓу нив. Една е побрза, друга е посилна, трета е поинтелигентна. Кога ќе се соберат заедно сите овие способности, разликите помеѓу луѓето исчезнуваат.

Најдобар начин за утврдување на разликите помеѓу луѓето е преку одредени ригорозни биолошки мерки. Најдобра таква мерка е генетскиот код, кој ги содржи сите информации за луѓето. Така, ако се споредат генетските кодови на луѓето, може да се види дека тие се совпаѓаат 99.9%. Или, со други зборови, разликите помеѓу луѓето, гледано низ призма на генетските кодови, се помали од 1%. Зошто тогаш разликите помеѓу луѓето во нивните примања или богатства се толку високи?

Економските разлики помеѓу луѓето не се природни. Тие се општествено детерминирани. Тие се последица на политичката природа на човекот. Тие постојат заради потребата од одржувањето на хиерархијата на моќта. Џорџ Орвел тоа одлично го опишува во „1984“:

„Можно е, се разбира, да се замисли општество во кое материјалното богатство би било еднакво распределено а моќта би останала во рацете на една мала привилегирана каста. Но, во пракса, таквото општество не би било одржливо. Зашто, ако удобноста и сигурноста се уживани од сите подеднакво, големата маса луѓе која е затупавена од немаштијата би се просветлила и би почнала да размислува со своја глава. А, штом го направат ова, порано или подоцна ќе сфатат дека привилегираното малцинство нема функција, и ќе го елиминираат. На долг рок, хиерархиското општество е можно единствено ако постојат сиромаштијата и незнаењето.“

Според него, нееднаквоста опстојува заради зачувување на хиерархиското општество. Општеството, во кое некои луѓе се над некои други. Општеството, во кое едни владеат, а други се владеани. Општеството, во кое сите немаат исти можности. Нееднаквоста опстојува за оние коишто владеат да продолжат да владеат.

Со елиминирање на економската нееднаквост, хиерархиското општество би се заменило со хоризонтално општество. Општество, во кое нема да има владетели и владеани. Општество, во кое моќта ќе биде рамномерно распределена. Општество, во кое сите ќе имаат еднакви можности и еднакви шанси да успеат.

Можеме ли?

Звучи како утопија? Можеби, но во оваа утопија луѓето живееле околу 90% од своето постоење. Како што покажуваат антрополошките студии, нееднаквоста се појавила пред околу 10.000-15.000 години. А луѓето постојат повеќе од 100.000 години.

Штом сме можеле да живееме 100.000 години во општество на еднаквост, зошто да не можеме и сега? Можеме, се разбира. И, за среќа, тоа им станува јасно на сè поголем број луѓе. Глобалната економска криза која започна во 2007 можеби донесе многу економски штети, но донесе и нешто позитивно, а тоа е – пораз на на неолибералната економска мисла. Ако периодот по 1970-тите беше период на неолиберализмот, периодот по кризата од 2007 е период на свртување кон лево. Една од најпродаваните книги во светот по избивањето на финансиската криза беше „Капиталот“ на Маркс. Најпопуларната економска книга во последните неколку децении е „Капиталот во 21-от век“ од Тома Пикети, која зборува токму за тоа дека капитализмот секогаш ќе продуцира нееднаквости.

Не се свртуваат на лево само економистите. Трендот е уште поизразен во политиката. Сириза во Грција, Подемос во Шпанија, ХДП во Турција, Здружената левица во Словенија, Џереми Корбин во Англија, Берни Сандерс во Америка... Левичарските политички опции се во подем насекаде во светот и сериозно се закануваат да ги уништат постоечките хиерархии на владеење.

Ќе се свртиме ли и ние кон лево?

Фото: Томислав Георгиев

Слични содржини

Општество / Активизам / Екологија / Уметност

ОкоБоли главаВицФото