Последното македонско танго

03.11.2015 10:46
Последното македонско танго

Јас мислам дека вреди. И кога главата ме шика и кога од кревет не ми се мрда, и кога сметката за струја ме вади од памет и кога некој кретен на семафори од колосек ме исфрла, па дури и кога другарка ми Мими само за парфеми ми збори, а другар ми Зоки „естетизира“ за убавината на грдото, сепак, вреди. Вреди да се бориш за своите идеали. Да се качиш на бината, да ги собереш сноповите од рефлекторите, главата да ја зафрлиш остро назад, коленото да го исфрлиш од процепот на припиениот фустан, штиклата да крцне, воздухот да згусне, подот да шкрипне, некој од публиката да крикне, а ти - самоуверено да го фатиш ритамот. Ритамот на времето во кое живееш. Твојот ритам, твоето танго, на твој начин.

И затоа секогаш кога ќе се соочам со белата празнина на мониторот, немам дилема дали вреди да се пишува нешто за идеалите. На пример, за идеалот на вистината.

Вистина е дека мојата држава се наоѓа во тежок период. Испокрадена е од една криминална банда која единствено што знае е – да прави кампањи и да победува на избори. Сите нивни реформи се кампањи, сите нивни медиуми се билборди за рекламирање на кампањите, сите нивни поддржувачи се гласачки контингенти за кампањата, сите нивни јавни настапи се PR на кампањата, едноставно, сè им е кампања во функција на изборна победа. А по победата - кражба.

Ако им кажете дека се арамии, тие ќе се повикаат на изборните резултати. Ако им покажете дека се арамии, тие пак ќе се повикаат на поддршката од гласачите, ако им докажете дека се арамии, тие повторно до изнемоштеност ќе се повикаат на изборната победа.

Може и поинаку: ако им кажете дека здравството е за никаде, дека умираат луѓе од пијани доктори и дека болниците се ко од стриповите со Алан Форд, тие ќе ви рецитираат за реформи, за купените медицински апарати, за изградените болници, диспанзери, за бојосаните ходници, купените душеци, сменетите фасади, поправените амбулантни возила, за бесплатните ин-витро оплодувања и слично. Ако им кажете дека образованието е неповратно урнисано, тие повторно ќе мантраат за реформите, за новоотворените факултети, за стипендиите, за „проверените“ критериуми за оценка на наставниците. Ако им кажете дека на улиците гинат луѓе ко во граѓанска војна, повторно ќе зинат за инвестициите во патната инфраструктура, тунелите, клучките, обиколниците, подвозниците, надвозниците дрн, дрн и дрн.

 

Сè е сведено на однапред научена лекција со бројки и букви во функција на кампањата. Која треба да заврши со „народот“. А народот, нели, секогаш знае да ја препознае вистинската кампања. Која трае 24/7, 365 дена во годината, плус оној 366-ти во престапната. А тоа што кампањата нема врска со вистината, кому му е гајле.

И така, после сите пируети со „странски служби“, „жолти комбиња“, сакам-нејќам обврските од Договорот од Пржино, или опструирањето на Специјалната обвинителка, нашиот ни премиер повторно се врати во прегратките на својот народ. Пардон, неговиот народ. Им порача на сите домашни платеници и странски непријатели, преоблечени во амбасадори, специјални пратеници или европски комесари, дека народот ќе одлучи.

Ќе одлучи - што? Кој ќе победи на избори? Кој од „народот“ ќе добие листа со имиња кои ќе треба да ги донесе на гласање со однапред утврдена „волја“? Кој од „народот“ ќе има две, три, пет или 15 лични карти и исто толку однапред утврдени места за гласање со однапред утврдена наклонетост? Кој од „народот“ ќе биде уценет дека ќе ја изгуби работата ако не ја прилагоди сопствената „гласачка определба“?

Вистината е дека Груевски не го бива. Не знае и не може да води држава. Вистината е дека тој ќе биде најодговорен за сето она што допрва ќе се случува во Македонија. Без оглед дали тоа ќе биде негово сценарио, или не. Вистината е дека треба кривично да одговора за злосторничко здружување против сопствената држава и против „неговиот“ народ. Вистина е дека од тоа не може да избега.

Има уште многу вистини за кои вреди да продолжам да пишувам. За да го задржам ритамот на моето танго. На нашето танго. Па, макар и последно.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Скулптури на сликите: Jan Fabre

ОкоБоли главаВицФото