Расте свеста меѓу младите за важноста на партиската книшка од ДПМНЕ

03.11.2015 12:09
Расте свеста меѓу младите за важноста на партиската книшка од ДПМНЕ

Скопје, 3 ноември 2015

Младите сè повеќе стануваат свесни за важноста на партиската книшка од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, особено кога станува збор за вработување во државната администрација и некои од странските инвеститори, како и компаниите блиски до власта, покажува најновото истражување на Институтот Павел Шатев.

Според експертите од Институтот, ваквиот позитивен тренд се должи на посветената работа на владата предводена од премиерот Никола Груевски, кој за една деценија успеа да отвори многу работни места за членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Голем број млади кои воопшто не пројавувале интерес за политика станале членови на ВМРО-ДПМНЕ, а не е мал бројот и на млади лица кои прво членувале во некоја друга партија, а потоа увиделе дека шансите за вработување им се поголеми доколку преминат во ВМРО-ДПМНЕ“, д-р Филип Александров, предводник на истражувањето.

Тој додава дека ваквата појава меѓу младите влијае позитивно и врз оние кои не сакаат по никоја цена да станат членови на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тоа им помага да си најдат добро платена работа во некоја друга земја.

„Охрабрува тоа што младите во Македонија се најпрогресивни и предничат во позитивните трендови, како што им доликува. Но, има уште простор за напредок, особено пред изборите во април 2016, кога се очекува свеста за ова прашање да кулминира“, вели проф. Сирма Михајлова, дел од истражувачкиот тим.

Михајлова нагласи дека не е случајно првото место што Македонија го зазема на листата на земји со најповолни услови вработување во државната администрација, која ја состави угледниот севернокорејски магазин „Партија&економија“, но напомена дека мора да се работи уште повеќе.

„Мора да се вложи напор во едукација на најмладите граѓани кои во моментов немаат право на глас, но во за десетина ќе бидат носители на економскиот раст како идни административци и членови на ДПМНЕ“, поентираше Сирма Михајлова.

Слика: Свирачиња