Речник на дваесеттиот век

23.04.2010 11:03
Illustrations-by-Iv-Orlov-22.jpg

Духовитиот и циничен „Речник на 20-от век“ на писателот Балард, авторот на „Империја на сонцето“, „Судар“ и др. ремек-дела на современата проза, е перверзна инвентура на нашиот перверзен период.

Неговиот халуциноген „речник“, кој се доживува како френетична панорамска визија на некој кој е осуден на стрелање во иднината, е објавен во зборникот Incorporations, во 1992 г.

Абортус

Направи-сам геноцид.

Автомобил

Сите тие милиони автомобили на планетава се неподвижни, а нивното привидно движење го претставува најголемиот колективен сон на човештвото.

Аеродинамичност

Аеродинамизацијата го исполнува сонот за летање без потреба да ни пораснат крилја. Аеродинамиката е подвижна скулпура на не-еуклидскиот простор-време.

Биохемиско војување

Нервните гасови – стрпливо и долго очекуваната одмазда на неорганскиот свет кон органскиот.

Војна

Најпосле постои можноста дека војната е можеби поразена на јазично ниво. Ако војната е екстремна метафора, можеме да ја победиме измислувајќи метафори кои се уште поекстремни.

Генетика

Лингвистички систем на природата.

Геноцид

Економија на масовното производство применета на гнасењето од самиот себе си.

Епидемиологија

Теорија на катастрофата во забавена снимка.

Икс-зраци (рентген зраци)

Постои ли сè уште тело во некоја друга смисла освен онаа најсветовната? Неговата улога е значително намалена, и се чини дека е само нешто малку повеќе од сенката на духот кој го гледаме на рентгенската плоча од нашето морално неодобрување. Сега влегуваме во колонијалистичка фаза на нашиот однос кон телото, полна со патерналистички поими кои ја кријат немилосрдната експлоатација што се спроведува во нејзина сопствена корист. Тоа ѕверско суштество мора да има сместување, да биде умерено хрането, ограничено на минимумот сексуална активност за потребите на сопствената репродукција и подложено на секој облик просветлено и подобрувачко покровителство. Ќе се побуни ли најпосле тоа тело, ќе ги фрли ли сите тие витамини, туширања и часови аеробик во бостонското пристаниште, и ќе го отфрли ли колонијалистичкиот угнетувач?

Индустриски дизајн и дизајн на мебел

Нашиот мебел создава надворешна констелација преку нашата кожа и положбата на нашите тела. Необично е тоа што креветот е најнемечтателскиот од сите облици на мебел.

Исидора Данкан

Машината сама се забавуваше со нејзиното предисциплинирано тело, страничното тркало на нејзиниот автомобил го одигра својот мал танц околу крајот на нејзината шега.

Истражувања на времето и движењето

Јас сум, и јас сум и обликот кој вселената го создава околу мене. Истражувањата на времето и движењата претставуваат наш обид да се заземе најмал, најскромен простор во вселената што нè опкружува.

Камуфлажа

Камуфлираните воени бродови или бункери никогаш не смеат да бидат целосно невидливи, туку мораат да ги збунуваат нашите системи така што во еден миг ќе бидат тоа што се, а во следниот нема да бидат. Многу имитатори и политичари го искористуваат истиот принцип.

Кибернетика

Тоталитарните системи на иднината ќе бидат послушни и сервилни, налик на суперспособни слуги, и поради тоа уште повеќе се застрашувачки.

Контрацепциска пилула

Чекор назад на природата за да направи два чекори напред, кон моќните развојни можности на сосем концептуализираната половост.

Контрола на болестите

Наскоро можеме да очекуваме умножување на имагинарните болести, што ќе ја задоволи нашата желба за расипана варијанта на самите нас.

Криминалистика

Сецирање на недозволената желба, повозбудливо и од самата желба.

Машина за пишување

Таа отчукува за нас, ја кодира својата склоност кон линеарноста низ слободниот простор на фантазијата.

Меѓународно стандардно време

Дали времето е застарена ментална структура, која сме ја наследиле од нашите далечни предци, кои ја измислиле временската сукцесивност како начин да се решат од истовременоста која не можеле да ја зафатат како единствена целина? Времето би требало да се декартелизира, и секој би требало да си воспостави свое сопствено време.

Минијатуризација

Соништата за смалување постоеле и пред Алиса, но сега растат изгледите дека сите тие машини во светот, како златото во Форт Нокс, ќе можат да се соберат на едно строго обезбедено место, заштитени како од самите себе, така и од нас останатите. Па сепак, компјутерите и понатаму ќе се минијатуризираат, веројатно исчезнувајќи во микроуниверзумот каде нивните сè пообемни пресметувања и математички модели ќе се соединат со кварковите и шармантните честички.

Мисијата Аполо

Прва демонстрација за непотребноста на човекот која машините ја извршија за наше добро.

Мода

Сознание дека природата нè дарувала со една кожа и дека пречувствителното суштество би требало да го носи својот нервен систем однадвор.

Модернизам

Готика на современото доба.

Научна фантастика

Сон на телото дека ќе стане машина.

Невробиологија

Сикстинска капела на науката.

Облакодер

Осумчасовен град со жители кои наликуваат на плима и осека, и кои цврсто се држат до брегот меѓу Земјата и океанските простори кон кои допрва треба да се заплови.

Пари

Изворен дигитален часовник.

Персонални компјутери

Можеби неразумно, мозокот пренесува многу свои битни функции на поднивоа, создавајќи низи разгранети економии кои еден ден би можеле да се спојат и да го откупат управувањето за себе си.

Приградски станбени населби

Претставуваат или приградски станбени населби на градската зона за заздравување, или автентичен исчекор кон новата психолошка област, од истовремено попасивен, но и многу поимагинативен потенцијал, како оној што го има спијачот пред почетокот на РЕМ фазата на сонот? За разлика од неговите непокорни градски копии, телото на приградската четврт во целост е припитомено и може да се каже дека тоа создава огромна зоолошка градина од домашни миленици во која телата на жителите обезбедуваат залиха на влакнестите цицачи.

Порнографија

Крепостен и нееротичен сон на телото за самиот себе.

Протетика

Кастрациски комплекс воздигнат на ниво на уметничка форма.

Ретровируси

Предизвикувачи на болести кои можеби ги измислила научната фантастика. Колку е поголем напредокот на современата медицина, толку поитна е нашата потреба за болести кои не можеме да ги сфатиме.

Роботика

Морална деградација на машините.

Рововско војување

Телото како одводен канал, сливник на сопствената кланица, низ кој ги измива сите свои стравови и агресивности.

Сателити

Нервни јазли во потрага по меѓупланетарен мозок.

Судска медицина

Науката и порнографијата се среќаваат и се спојуваат на обдукциска маса.

Телесни вежби

Асексуална мастурбација во која целата мускулатура го подражава парчето ерекциско ткиво. Но се чини дека оргазмот е бескрајно одложен.

Телефон

Споменик на очајничката надеж дека еден ден светот ќе слуша.

Телефонска секретарка

Трпеливо нè учи да размислуваме на јазик кој допрва треба да се измисли.

Теорија за наследство на стекнатите особини

Безнадежен обид не само за колонизација на ботаничкото кралство, туку и всадување на вистинската смисла на пуританската работна етика и вреднување на само-унапредувањето.

Теорија на толпата

Страв од затворени простори замаскиран во страв од отворени простори или, можеби дури, во малтузијанизам.

Транзистор

Ако тркалото во бинарната скала е 1, транзисторот е 0 – но тогаш, што би било 100001?

Халуциногени дроги

Калеидоскопичен поглед на окото.

Храна

Нашето уживање во храната има корени во нашето бескрајно насладување од помислата дека, најверојатно, се јадеме самите себе си.

Чаплин

Најголемото достигнување на Чаплин е тоа што сосем го дискредитираше телото и ја исмеа секоја идеја за достоинството на движењата. Околу него се движат огромни луѓе налик на нуркачи со оловни перки кои се обидуваат да го закотват централниот нервен систем во морското дно на просторот и времето.

Џез

Отфрлен краткотраен музички спомен, но ништо помалку болен поради тоа.

Шизофренија

За оние со здрав разум, секогаш најгламурозна ментална болест, бидејќи се чини дека таа го претставува сфаќањето на реалноста од страна на лудакот. Токму како што агностичкиот свет ги одржува во живот своите религиски свечености за да ги задоволи потребите на својата работна сила за одмор, така и кога медицинската наука ќе ги совлада сите болести, одредени ментални потешкотии, а на прво место шизофренијата, ќе бидат имитирани поради општествени причини. Носејќи го истиот предзнак, големата привлечност на алкохолизмот и причината зошто тој никогаш нема да биде искоренет лежи во тоа што тој ја обезбедува можноста за чесниот, па дури и јуначки неуспех.

Илустрации: Ив Орлов

ОкоБоли главаВицФото