Бегства: Васко Марковски, Ина Ото, Коста Милков

04.11.2015 15:31
Бегства: Васко Марковски, Ина Ото, Коста Милков

Ги објавуваме последните три од десетте наградени раскази на конкурсот Бегство: „Пристаниште“ од Васко Марковски, „Сонот за бегалската криза“ од Ина Ото и „Бегство во Марсеј“ од Коста Милков. (Претходно објавените шест раскази можете да ги погледнете овде и овде.)

Уште еднаш потсетуваме на десетте наградени раскази:

1. Ѓорѓи Крстевски - Бегство од затвор
2. Јосип Коцев - Генезис: прогон
3. Мира Смаќоска - Градот
4. Стефан Алијевиќ - Институција Пустина
5. Сања Михајловиќ Костадиновска - Граница
6. Коста Милков - Бегство во Марсеј
7. Васко Марковски - Пристаниште
8. Ина Ото - Сонот за бегалската криза
9. Анета Попова - Бегство
10. Емилија Гиноска - Патување до Марс

Изборот на расказите го направија Иван Шопов, Елена Митреска и Ѓоко Здравески.

 

Васко Марковски - Пристаниште

 

Секогаш ми прави неред во денот што следи, кога ќе прифатам да правам нешто доцна во ноќта.. да излезам на некој настан на некое мои гето-другари, кога ќе заглавиме до доцна ноќе.

Така бива. Ќе отидеш негде кај што се заглавува до доцна ноќе и, веќе си пореметен. Те напиња возењето низ град, затоа што, и покрај воздржувањето, си испил пиво-две, можеби и преку границата на дозволеното. Како да стигнеш дома, а да си немаш работа со џандари? Од кај да одиш? Кај би можело да ги нема? А ги има ли некаде воопшто, или тоа е само мит, кој знае да биде исклучок само неколку пати во годината, кој знае да погоди само инцидентни баксузи, ко еднаш мене?

Ај, некако ќе стигнеш до дома.

Каде ли да паркираш? Сите староседелци, сите можни доселеници, љубовници на преспивање.. се прибрале, ги зафатиле сите можни места на паркингот, дури и кај пешачките премини, но, нели, редовно се наоѓа едно-две, две-три места за кои до последниот обид на упорноста не си свесен дали се доволни во должина, во ширина, или ти фалат, како по некое правило во впечатоците, некои четириесетина сантиметри. Некако ќе се снајдеш, возиш веќе дваесетина години, си паркирал веќе минимум пет-шест илјади пати.

Тогаш те чека уште едно смарање. Да си ги прибереш по џебови работите подоставени наваму-натаму низ колата. Ќе биде, и тоа си го правел веќе доволно.

Нов предизвик. Рацете ти се веќе слободни, или - барем една слободна рака ќе се најде. Веќе си и во опсегот на домашниот бежичен интернет, можеш да ѕирнеш што се случило во меѓувреме на „Фејсбук“. Особено ако си бил на некој јавен настан, во кој си имал некаква улога — полна капа мамки за суетата. Одолеал или не, те чека една веќе видена етапа, секогаш интересена како ново, поинакво доживување: патот од паркингот до влезот, во празниот простор меѓу зградите, секогаш на нов начин необично камерно-интимен, сосем нормален за тоа време од деноноќието.

Секој чекор ти ја фаќа акустиката на маалото, колку и да си по природа некој што гази меко. Се случува да ти навратат флешови, чувство дека кај да е од лево ќе ти крикне „Старо купујем!“, ненадеен како во некое топлинско затишје во јуни, достапен само за ранобудните. Или, ќе те затера паранојата: што ако сега ми испопаѓаат мандолата и мандолината, среде оваа тишина, незграпно земени од багажникот, на заминување откај колата. Дури и да си најцврст во фатот, замисли токму тогаш да попушти патентот на футролата?! Но, не се случило ништо такво до сега, фала му на Бога! А и нема таков ризик, не сме веќе деца, знаеме да се дочуваме, да речеме: „Веќе не пијам, доста е за денеска: утре ме чека бајаги трчање, од шес-и-пол треба да сум на нога.“.

Стигна ли во влезот, веќе е лесна работа. Дома си, на свој терен. Секој сантим ти е познат, свикнат на некое сетило. Следниот стресен момент е штом заклучиш одвнатре. Кој каде легнал? Во кој кревет ме испланирале? Дете легнало во спална, можеби двете, или, секој си спие на своето место, мојата половина ме чека мене? Сето тоа е решливо, и симпатично, што и да ти претстои. Само да не се вратите отворени: да не ги разбудиш со чекорите по крцкавиот паркет, кој токму таа ноќ, уште повеќе се исушил - го рокнале парното - па се расклатил уште повеќе? Или, да не будиш некого со светлата.

„Што ми требаше да ги облекувам зимските кондури? Сега кога ќе го отворам шкафчето, од тоа магнетите, колку се јаки, ќе се чуе до кај комшиите, до на улица!?“. Набрзина се става во функција сценариото „Демфување“. Затвораш врати во спална, во детска... во дневна - на полпат меѓу спалната и шкафчето... веќе сè е задихтувано, може да ја потегнеш вратичката.

Чевлите се вратени на место, никој не се разбудил. Децата се покриени. Операција „Облекување пижами“. Низ дневната: хаос од работи што треба што поскоро да се завршат - прибирање на важните работи за утредента од по џебови, и прибирање на работите што биле потребни само за таа ноќ, на некое место каде што ќе дремат до следниот пат кога ќе бидат потребни; и работи што ич не ти се потребни тогаш, ама - ајде де? - морало да скролаш едно три-четири саати уназад на „Фејсбук“, да видиш кои непотребни мејлови ти го наполниле мејлбоксот од претходното отворање имејл!? Уште ако ти се увртела некоја песна во кола - „Chapter 24“, Сид Берет? - морало баш тогаш да ја чуеш уште еднаш, таков; да искористиш подизменета свест!

Кога да се бањаш? Ноќта пред спиење, или „утредента“ (за два и пол, три, четири саати), пред да станат сите? Нема топла вода? Не е тоа најстрашно. Ќе успееш ли да ја изменаџираш добро галамата: цевките за вода, одводот... замисли ти падне „слушалката“ од тушот во када, во ниедно време?

Не е лесно. Што да ви кажувам. Човек со жена, со деца, најарно да си седи дома. Излези фамилијарно, наштелован си со сите, дури и кога си ти тој што е најмалку мотивиран за излегување мешетарејќи идеја за убаво бекство низ празнотијата на градот. Си легнеш во десет-еданаес, си станеш ко чоек, утредента, свеж.. нека е и на лева нога, свеж е свеж, ќе си го најдеш тертипот.

Другото, еве што ти носи. Ќе седиш вака, во читална - откако си оддремал, како што си дремнуваат често и комшиите во читалната - и, не да се фатиш за работа - викаш: „ај, ќе пишувам, да се пробам“.

Ќути!

понеделник, 3 ноември 2014

 

Ина Ото - Сонот за бегалската криза

Дали во последно време од што премногу слушав вести, или јадев навечер, не знам, но почнав да сонувам дека сум бегалец од војната во Сирија и се обидувам да ја преминам грчката граница за да влезам во Македонија, но во исто време сум свесна и дека сум Македонка, а Грците не ме пуштаат во својата земја. КАКОВ КОШМАР! Сонот продолжуваше секогаш кога ќе заспиев и не знаев што да преземам, па почнав да го запишувам. Отприлика тој се одвиваше вака:

Турците ме протераа од нивната земја, а потоа Грците ме затворија во еден брод. На бродот беше исто како на инсертите од телевизија, само што никој не ме забележуваше ниту сакаше да ме понуди со храна. Мајките нишаа заспани деца додека бродот не се откочи и заплови несмасно, под налетот на црни бомбардери кои не пукаа, туку само заплашуваа како орли од висината. Настана затишје и тој легна на брановите. Мијата запеа во народна носија направена од картата на древна Македонија на едно кино-платно среде празна палуба. Мигрантите бојазливо се приближуваа и зачудено го гледаа спотот за Егзодусот на Егејските Македонци, а по бродот заползија морски сирени како придружни вокали. Проекцијата ја прекина политичка реклама на Обама во Франција, додека сече црвена лента при отворање народна трка на 100 метри со живи пречки. Пречките беа терористи кои го беа нападнале контроверзниот „Шарли Ебдо“. Кога некој ќе ги скокнеше, автоматски самите се детонираа. При втората детонација, бродот удри во леден брег и кино-платното се искина. Сирените заврескаа и изнарипаа во сината бездна, додека Леонардо Ди Каприо подели флаери со теорија на заговор во која „Олимпик“ е подметнат за „Титаник“. „Олимпик“ се преврте и потонав среде бранови подморници на ЕУ со облици на ајкула. Запливав, дури една не ме проголта. Со неа командуваше капетан Немо и ја нурна 1000 милји под морето. Посадата ме затвори во библиотека од која не можев да излезам дури не положам испит за граѓанин на Западна Европа. Среде испитот нападнаа пиратите од Пајрат Беј. Нивните слаби подморници се најдоа совладани, а украдените бесценетости расеани по подводните рушевини на Атлантида. Задоволен од исходот на овој напад, Немо ми подари индекс во кој под Б ми запиша Американски студии. По Американистика го учев новиот закон за геј-бракови, заедно со дузина црнци кои беа љубовни парови, а за пракса морав да поминам ноќ со жена на островот Лезбос, кој го искористив да побегнам. На Грчкото копно, ме фати мајка ми. Врескаше дека не знам богато да се омажам, и токму затоа треба богато да се оженам. Ме потегна за увото и ме пренесе преку граница, а Грчките граничари ѝ упатија нацистички поздрав. Мајка ми ме однесе во училиште за стари моми. Згоден учител ни објасни мене и на дузина грди девојки дека - не е она што сме туку она што сакаме да бидеме. Кога го слушнав ова го избакнав, а потоа ставив пушка на рамото и станав член на женска муслиманска армија. Со шарени марами ги заплашувавме џихадистите, кои веруваа дека нема да отидат во рајот, доколку бидат убиени од жена.

Ме киднапира мировна Американска мисија и со хеликоптер ме однесе во притвор во реално шоу во Србија, каде ме спушти преку покривот. Таму беше притворен и Сириец кој се бореше за награда од 100.000 евра ако успее да легне десет христијанки пред очите на гледачите. Кога не сакав да му дадам почна да плаче и преколнува, бидејќи само така можеше да заработи за своите раселени жена и деца. Предложив да глумиме секс под чаршафот, и побегнеме со пар ножици од кујната. Ножиците имаа гумени рачки, и послужија за сечење на Унгарската оградата против бегалци, низ која беше пуштена струја. Сириецот успеа да избега и да замине за Германија преку Унгарија, но мене струјата ме отфрли сè до Шар Планина, и притоа се претворив во самовила. Таму ги затеков како кампуваат бегалците од бродот „Олимпик“, и како за чудо, сите ме препознаа. Плеснав радосно со рацете, а од под земјата изникнаа вргани. Мигрантите ги береа врганите, и ги печеа на вжарени камења. Нè посетија македонски планинари. Тие подаруваа облека, изведувајќи мини стриптиз околу огниште, додека го цитираа Рацин. Најзгодниот од нив беше претставник на Здружението за правата на работниците „Ленка“. Голи го игравме „Тешкото“, распојасани како Индијанци околу ритуален оган. Овој факт беше пресуден да посетам лекар, но на јаве. Тој ми препиша пилули за спиење. Се покажаа како ефикасно решение за кошмарите. Сепак беа неефикасни - за глобалниот проблем со мигрантите.

Коста Милков - Бегство во Марсеј

 

Трамвајското ѕвонче ù одекна зад грбот и заедно со железниот звук на шините за миг ги прекри отчукувањата на нејзините потпетици. Штотуку изгреаното сонце правеше сенката да оди пред неа. Таа не го знаеше точно патот до вилата, но сеедно чекореше без колебање или пак загледување наназад. Да се свртеше, ќе видеше неколку чифта очи од трамвајот како гледаат во нејзината беретка и руса коса сплетена во крупна плетенка. Веројатно сè уште се обидуваа да ги запомнат деталите на нејзиното лице освен очите. Такво синило не можеше да се помеша со некои други нијанси.

Таа беше навикната на сите тие погледи. Не дека не ù беа пријатни. Беше доволно самокритична да си признае дека суетата не ù е туѓа. Само што досега ниту еден поглед не се беше покажал достоен да му возврати.

Без да знае како точно стигна пред вилата во предградието на Марсеј. Мина низ подотворената капија и продолжи кон влезот кој беше прекриен со лозница. Го стисна ѕвончето, но не чу звук одвнатре. Пред да чукне на застаклената врата чу чекори и сфати дека ѕвончето е некаде од другата страна на ходникот. Возрасниот господин ја покани внатре. Не знаеше многу за него. Само толку дека и тој како и татко ù морал да ја напушти родната земја како бегалец. За нејзиното семејство Марсеј беше прибежиште по прв прогон од Истра. За господинот кој сега ја воведуваше во дневната соба, ова беше трето прогонство. Од Солун во Скопје, од Скопје во Белград, од Белград во Марсеј.

Чајот сакаше да го пие додека е жежок, но пред самиот крај почна да одолговлекува, зашто не беше сигурна дали ќе ù биде понуден и втор филџан. Стариот господин како да ù ги читаше мислите. Посегна по чајникот и ја праша, „уште чај?“ Не беше од оние срамежливите. Самоуверено го подаде филџанот радувајќи ù се на златната боја на врелата течност. Овие мигови на мали задоволства ù беа омилени. Ја правеа да се чувствува потполно жива. Токму затоа ù попречи кога вратата крцна и се отвори. „Ах, тоа е мојот внук,“ рече господинот. „Штотуку пристигна од Белград. Таква е нашата судбина. Да бидеме народ, или поточно племе во постојана потрага по дом. Ретко кој се прашува кои сме и кој ни е мајчиниот јазик во мирни времиња. Но штом по улиците ечи воен строј и блескаат бајонети, веднаш нè препознаваат. Нè одвојуваат како масло од вода.“ Ги претстави еден на друг. Токму тогаш заѕвони телефонот во салонот. Господинот се извини и излезе. Кога се врати таа го беше испила чајот. Беше редно да си замине.

„Зар ќе ја оставиш госпоѓицата сама да оди до трамвајската станица?“ Внукот без збор го облече палтото и ја отвори вратата да ја пропушти надвор кон тремот. Одеа полека, како да ги броеа чекорите. Сеедно, станицата неумоливо се приближуваше. Но дури и војната некогаш може да биде од полза. Уличните светилки не светеа иако паѓаше ноќ. Тоа значеше дека и трамвајот нема да вози. Тој само покажа на патеката покрај шините и тие тргнаа накај градот. Во тој ôд не знаеа уште колку бегалски кризи им претстојат. Она што го знаеа беше дека каде и да бегаат, ќе бегаат заедно.

 

Слики: Paco Pomet

ОкоБоли главаВицФото