Еве на кои владини слепци треба да им се молите за разни работи во животот

04.11.2015 15:45
Еве на кои владини слепци треба да им се молите за разни работи во животот

Скопје, 4 ноември 2015

Македонската влада одредила дека граѓаните што страдаат од одредени животни проблеми можат да побараат помош и да им се помолат на одредени слепци кои работат во нејзините установи. Ова е списокот со најважните слепци на кои граѓаните треба да им се молат ако имаат одредени проблеми во секојдневното живеење. Владата напоменува дека вашите молитви подобро ќе бидат услишани ако ги „подмачкате“ со некоја пара.

Доколку сакате да ја преобликувате фасадата на вашата куќа или зграда во барок стил, треба да му се помолите на главниот слепец, премиерот Никола Груевски.

Доколку имате финансиски проблеми, треба да му се молите на министерот за финансии, слепецот Зоран Ставрески.

Доколку возите по разорени патишта, чекате воз по два часа или возачот на автобусот пуши во возилото, треба да му се молите на министерот за транспорт и врски, слепецот Владо Мисајловски.

Доколку имате судски проблеми, треба да му се молите на министерот за правда, слепецот Аднан Јашари. Доколку, пак, имате проблеми со јавниот ред и мир, или колата ви е собрана од пајак, или треба да сведочите за злоупотребата на службената должност на некој јавен функционер, треба да му се молите на министерот за внатрешни работи, слепецот Митко Чавков.

За проблеми при породување, при хируршки операции и други здравствени незгоди, ќе морате да му се молите на слепецот Никола Тодоров кој ја врши функцијата министер за здравство. Меѓутоа, никако не смеете да му се молите за сексуални проблеми. За нив е задолжен слепецот Муса Џафери, министерот за спроведување на Рамковниот договор.

За проблеми, пак, со интернетот, ќе треба да му се молите на слепецот Иво Ивановски, министерот за информатичко општество и администрација. Истиот слепец е задолжен да ви помогне доколку се молите при проблеми со јавната администрација.

За слабите оценки на вашите деца треба да му се молите на слепецот Абдулаќим Адеми, министерот за образование и наука. За лошиот превод што сте го прочитале, треба да ѝ се помолите на слепицата Елизабета Канчевска-Милевска која исто така е задолжена и за проблемите што ќе ги сретнете при лошите театарски претстави, многубројните споменици од кои навечер ќе се сопнувате низ Скопје, како и разните гомнојади поради кои ќе се нарушува вашиот секојдневен живот.

И конечно, кога ќе бидете отпуштени од работа поради тоа што не сте вмровец, треба да му се молите на слепецот Диме Спасов, кој ја извршува функцијата министер за труд и социјална политика.

Текстот е инспириран од оваа вест.