Власта ги корумпира граѓаните за да замижат пред нечесното владеење

05.11.2015 14:25
Власта ги корумпира граѓаните за да замижат пред нечесното владеење

Власта во Република Македонија ги корумпира граѓаните. На прв поглед ова е апсурдно, меѓутоа всушност претставува нужен пропратен елемент на корумпираноста на власта. Не може да постои корумпирана власт без корумпирани граѓани. Власта ги корумпира граѓаните со цел да ја оправда, замаскира или минимизира сопствената корумпираност.

Корумпирањето се врши на тој начин што државата нешто им дава на граѓаните. Давањето може да биде сосема легално (нешто кое не е спротивно на законите, односно, нешто кое е предвидено граѓаните да го добијат според законите). Давањето може да биде и нелегално (на граѓаните им се дава нешто кое вообичаено не би го добиле заради тоа што не им припаѓа, односно, заради тоа што добивањето на тоа нешто е спротивно на законот).

И во двата случаи на страна на граѓаните има благодарност (во едниот случај затоа што добиле нешто, а не морале да го добијат, а во вториот заради тоа што профитирале од прекршување на законите).

И во двата случаи граѓаните се спремни да замижат пред прекршувањето на законите кое го прави власта. Во првиот случај заради тоа што може да го изгубат она што го добиле, а во ториот случај заради тоа што може да бидат казнети.

Ова води до ситуација во која власта може да пљчка, да лаже или мами, да ги крши законите, да малтретира, да убива, да уништува, а граѓаните тоа да го прифаќаат и да не се бунат, ниту пак да бараат одговорност од власта.

Кога станува збор за првиот случај, граѓаните мора да почнат да прават разлика меѓу задоволување на нивните потреби и интереси и корупција.

Што треба да имаат на ум граѓаните за да може да го направат разликувањето и како може граѓаните да препознаат кога државата ги исполнува функциите заради кои постои, а кога ги корумпира сопствените граѓани?

1. Во секој момент, граѓаните треба да имаат на ум дека државата не располага со други пари, освен оние кои потекнуваат од самите граѓани. Се што се гради, се што се троши, сите плати на администрацијата, сите дневници, сите патни трошоци, секој купен компјутер, секој купен подарок зад кои стои државата, е на сметка на граѓаните на Република Македонија. Политичарите не вложуваат нивни лични пари во пакетчињата кои им седелат на децата за Нова Година, не даваат свои пари за доручекот на камениот мост, не трошат од својот џеб за фонтаните и мермерот. Се ова се плаќа од парите на граѓаните – од нашите пари.

2. Вработувањето во јавните служби, лекувањето во јавните здравствени организации, запишувањето во училиште, одењето на бања, субвенциите, пензиите, кариерното напредување во јавните служби, …, не е резултат на добра волја и желба на некој функционер, туку на законска обврска која треба да биде остварена со следење на конкретна процедура, со примена на јасно дадени критериуми и со почитување на однапред дадени правила. Секое нагласување од страна на одговорните службеници дека нешто направиле заради тоа што се добри, односно, дека тоа што го прават не би го направиле за друг и треба да го разберете како некоја специјална услуга која ја правата за вас (што се разбира треба да биде ценето или, дури и посебно наградено), е лага. Тие луѓе се платени за да го прават она што е предвидено ви нивниот опис на работното место. Доколку ве убедуваат дека прават нешто што не е нивна работа, најчесто лажат или пак го кршат законот. Само во исклучително ретки случаи станува збор за таков вид на постапување кое излегува надвор од мандатот, а не е прекршување на законот.

Резултатот е секогаш еднаков: граѓаните добиваат многу помалку од она што им следува. Како се случува тоа?

На пример, власта треба да пружи услуга во вредност од 1000 денари. Наместо да ја пружи оваа услуга, таа им дава паричен надоместок на граѓаните во вредност од 200 денари, а 800 денари ги дели меѓу носителите на власта. Тие кои ги добиле оние 200 денари ќе бидат многу задоволни, заради тоа што можеле да не добијат ништо и нема ни да прашуваат ниту пак да бараат одговорност за оние 800 денари кои не знаат кој ги зел.

Што треба да имаат на ум граѓаните кои се согласиле да им биде направена услуга која значи прекршување на законите?

1. Од моментот кога добиле нешто со прекршување на законите тие се ставиле на милост и немилост на оние кои се на власт. Имено, над нивните глави постојано виси дамоклов меч, односно, власта во секој момент може да бара некоја противуслуга или пак послушност со закана дека ќе го примени законот и ќе ги казни. Во ваква ситуација граѓаните немаат ни елементарна правна заштита, заради тоа што се наоѓаат на другата страна на законот.

2. Со тоа што ним им е дозволено да направат мало прекршување на законите, власта вообичаено си отвора простор за многу големо кое ќе остане неказнето (па дури и сосема премолчено). На пример, на некој граѓанин ќе му простат сообраќаен прекршок од мали размери, и на тој начин ќе си обезбедат немешање на истиот тој граѓаниб во големи злоупотреби на полицијата.

Резултатот е секогаш ист. Граѓанинот добива многу малку, а власта си отора врата на големи прекршувања на законот без никаква контрола, без никаква одговорност и секако без санкција.

Заклучок:

На секоја власт ѝ се многу мили корумпирани граѓани. Тоа се уплашени, зависни, послушни граѓани кои не поставуваат прашања и кои не си го бараат она што им припаѓа.

Актуелната институционална криза е резултат на корумпирањето на администрацијата, судството, полицијата, образованието, здравството, од страна на државата.

Бидејки во никој момент не може сите граѓани да бидат корумпирани, доаѓа до многу голема поделба на општетсвото. Општетсвото станува расцепено општетсво на луѓе кои се мразат, кои шират говор на омраза, кои не веруваат едни на други.

Заслужуваме некорумпирана власт, која може да ја обезбедиме само доколку успееме ние самите да не бидеме корумпирани од неа.

Извор: gragjanite.mk
Слики: Свирачиња