„Машинистички капитализам, поделеност и насилство“ - предавање на Гералд Рауниг

05.11.2015 18:48
„Машинистички капитализам, поделеност и насилство“ - предавање на Гералд Рауниг

Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики, во рамки на проектот Проширено естетско образование го започнува првиот модул на програмата дизајнирана и наречена: „Лаборатории на параестетичкото – ревоспоставување на политичкото“ (www.kontrapunkt-mk.org) Со оваа своја програма, Контрапункт ја продолжува својата капитална истражувачка и практика на релациите помеѓу уметноста, политичкото и политиката, која започна уште во 2001 година и ја развива до денес преку многубројните проекти (Ширење и Слевање на Маргините, Школата за критичко мислење, Редефинирање на јавните културни простори, Расшколувано знаење...)

Првиот модул од овој обемен проект Проширено естетско образование  е наречен „Архиви на насилството“ и ќе биде предводен од културниот теоретичар и политички филозоф Гералд Рауниг, кој ќе одржи јавно предавање насловено како „Машинистички капитализам, поделеност и насилство“ на 6 ноември, со почеток во 19.30 часот во ГЕМ клубот. Низ овој резиденцијален модул (во чии рамки ќе се одвиваат повеќе предавања и семинари во периодот на 2015/2016 година) ќе се истражува и презентира процесот на архивирање на насилството во 20 и 21 век. Едно од основните прашања ќе биде како преку испитување на практиките на моќта и на насилството да ги разликуваме препознаваме и архивираме карактеристиките на политичките манифестации на заедницата и на субјектот, она што ја овозможува неговата егзистензија во услови на интелектуална, творечка и политичка репресија. Кои се перформативите на насилие во мултикултурни политички некултивирани средини. Како моќта и потчинувањето стануваат дискурзивен услов во артикулацијата на секое „ние“.

„Лаборатории на параестетичкото – ревоспоставување на политичкото“ има за цел да понуди модел на лабораторија кој ќе ги истражува парадигмите на моќта, еманципаторските разгранувања на политичкото и на естетското во патеката која комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството: обрaзовниот, социјалниот, културниот, политичкиот и медиумскиот.

Во социо-културниот контекст каде што се случува целосна девастација на политичката култура и недостиг на дијалог во културните формации и различните културни идентитети и практики, нужно e формирањето на јадро кое критички ќе ги преиспитува можностите и границите за формирање на оние формати на комуникациски алатки и вредности кои ќе бидат база за понатамошни дискурзивни, но и оперативни, активистички, социо-културни и политички артикулации на и во јавната сфера.

Во недостиг на знаења кои ќе упатат на тоа дека уметничката продукција, културниот капитал и политичките перформативи во рамки на самоорганизираните граѓански заедници и рефлекси во агората, мора да се афирмира потребата од хибридност во акциите, особено во општество каде што имаме повеќеслојни етнички и културни идентитети, каде што медиумите и просторот за граѓанско дејствување е деградиран и киднапиран од политичките елити. Неопходно е да формираме континуиран модул каде што ќе се истражуваат и изучуваат можностите на интерферирање помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба.

Со параестетичката појдовна точка политичкото се деелитизира и деконструира преку уметничката продукција. Овој концепт ги поставува следните прашања: Како одредени социјални и политички категории да се мислат во термините на културата и уметничката продукција, и како културната продукција да се мисли во термините на политичкото. Параестетиката ги исцртува филозофските, политичките и историските врамувања со кои социо-културните практики се поврзани. Крајниот резултат на ваквиот лабораториски концепт е формирање платформа за употреба на уметничките практики во критичко преиспитување на идеолошките, социјалните, политичките дискурси.

* * *

Гералд Рауниг е филозоф, теоретичар на култрата кој ги истражува врските помеѓу политиката - уметноста - културата; Работи во Zürcher Hochschule der Künste и во eipcp (Европски институт за прогресивни културни политики); член на уредувачкиот одбор на повеќејазични издавачки платформи  како transversal texts и списанието Kamion. Неговите книги се преведени на англиски, српски, шпански, словенечки, руски, италијански и турски.
Понови објавени книги на англиски јазик: Уметност и револуција. Трансверзален активизам во долгиот дваесетти век, во превод на Aileen Derieg, Њујорк/Лос Анџелес: Semiotext (e)/MIT Press 2007 година; Уметноста и современата критичка пракса. Преобмислување на институционалната критика, Лондон: mayflybooks 2009 (Ур. со Gene Ray); Илјада машини, во превод на Aileen Derieg, Њујорк / Лос Анџелес: Semiotext (e)/MIT Press 2010 година; Критика на креативноста, Лондон: mayflybooks 2011 година; (Ур., со Gene Ray и Ulf Wuggenig); Фабриките на знаење, индустрии на креативноста, во превод на Aileen Derieg, Њујорк/Лос Анџелес: Semiotext (e)/MIT Press 2013.
Претстојни книги: DIVIDUUM. Механичкиот капитализам и молекуларната револуција, Vol.1, во превод на Aileen Derieg, Њујорк/Лос Анџелес: Semiotext (e)/MIT Press, 2016.

***

„Проширено естетско образование“ е продолжение на соработката помеѓу пет истакнати организации коишто работат на полето на современата уметност, теорија и рефлексија, и општествена акција: Мултимедијални институт, МаМа (Загреб), kuda.org, (Нови Сад), Контрапункт, (Скопје), Berliner Gazette (Берлин) и Културтрегер (Загреб). Проектот „Проширено естетско образование“ е финансиран со средства на Европската комисија, во рамки на програмата Креативна Европа и Гете-институт канцеларија за врски-Скопје. Овој настан се реализира во соработка со ГEM и Агенција за Сериозни Интереси.

ОкоБоли главаВицФото