Дори

06.11.2015 11:35
Дори

Значи вака – јас моето ќе си го напишам, а за другото ми е гајле. Мислам, не дека не ми е, ама па што фајде од гајле, негајле?! Подобро да не ти е, мислам да не ми е, јас тука не убедувам никого.

И ова не го пишувам од заебанција или досада, ами под принуда. Да, ме принудија да напишам изјава. Мора да си го покријат газот и во писмена форма, да извлечат писмен доказ дека сум луда. Тоа е нивната игра.

А можеби сепак и јас си играм? Дали како одговор на нивната игра?! Знам само дека од мала сакам да сум луда. Цел живот ми помина во обид да полудам. Ама вистински. Да се биде луд е да се биде слободен. Или: да се биде луд е да се биде со Дори. Ама не бива тоа туку така?! Велат: или си или не си.

Пробав, значи. Дадов сѐ од себе. Со години ги слушав – лудите, слободните – за џабе. Тие си останаа, да речеме, слободни, а јас закопана во овој затвор. Сега можеби, ако изјавата им се допадне, ќе ме сместат со нив за век и векови. И јас би требало да бидам среќна. Слободна? Но не сум. Да гледаш слобода околу себе, додека самиот преташ во мрежа, не е забавно... Ама ич...

Лажам. Нема ништо позабавно. Ама па не е тоа тоа. Боли, сепак, стварно. Како кога читаш книга и уживаш во авантурите на одреден карактер. Дур трае читањето ти си „тој“, „таа“, нивните мисли се твои... И после „бум“ – ја затвораш книгата и ти си ти, а тие си се тие.

Нејсе. Може ќе решат да ми ја сецнат главата, иако Дори мисли дека никој во нашата држава не троши време на тоа. Науката ни била на ниско ниво. Ама не се знае. Можеби тргуваат со други земји и извезуваат луди мозоци за дисекција.

Одамна не сум пишувала, се гледа. Ова е од што морам. Иако да бев упорна, ќе се откажеа. Ми рекоа, напиши изјава. Каква изјава, прашав. Изјава, ми рекоа. За што, прашав пак. За себе, ми рекоа. Изјава дека сум јас јас, прашав. Баш така, ми рекоа. Ете, затоа сега морам да брборам. Ама решив прописно да ги збунам. Сеедно што знам дека ни ова нешто посебно не ги засега. Ќе фрлат поглед и изјавата ќе отиде во некоја архива. Еве, ние си ја завршивме работата, ќе речат. Хммм, можеби требаше да напишам: „Ви доставувам изјава дека јас сум јас. Долу е отпечатокот од мојот палец. Поздрав.“ Оваа реченица е сосема доволна за нивните потреби. Ама не. Нема да поминат толку лесно. Зашто работите не се толку едноставни.

Баш сега се сетив на последниот пат кога пишував, односно бев принудена да пишувам. Ќелавиот доктор – Лазар, ух - ме натера да пишувам сѐ што ќе ми падне на памет. „Тоа е вистинската терапија за твоето прекрасно главче.“ Ми дробеше дека сум супер креативна и дека имам длабока имагинација. Потоа го ебеше прекрасново главче со длабоката имагинација. Целиот се тресеше кутриот. Забораваше да дише и се гушеше. И тешко се соземаше по тресењето на лепливите капки. А јас уживав во таа своја моќ врз него. Можеби навистина да се задавеше ќе доживеев невиден оргазам?! Она што памтам е дека му ја галев ќелавицата и мислев на бебиња и на нивните меки главчиња. Замислував како прстите ми пропаѓаат во бебешка мека маса. Додека тој со светкавата тврда глава доаѓаше до здив, јас се прашував кога точно им се стврднуваат главите на бебињата? Ова после ѝ го кажав на Дори, а таа ми рече дека да била на мое место би му ја стискала главата сѐ додека не пробие во меката мозочна маса. A Филип ми раскажа како кога му спомнал за нас во една од сеансите, овој полудел, викал, викал и буричкал во фиока, па извадил некаков календар со цртички и врескал дека јас и тој сме се изебале цели 54 пати, го фатил за гуша и го прашувал колку пати сме се изебале јас и Филип. Откако го однесоа, Филип рече дека со месеци му одѕвонувало тоа во глава: Колку пати? Колку пати? Кутар Филип, што ли му требало да ме спомнува. За него сексуалноста беше изедначена со водењето љубов. Ај тоа, нема врска, секој со своите афинитети, нели, туку цело време ме тераше да му зборувам за себе, ко да бараше некое патче да се шмугне во мене или тој да ме вшмука, кој ќе го знае. Добро е што никогаш не му кажав за Дори. Еднаш ја направив таа грешка, во момент на слабост, со една млада докторка. Ми се виде симпатична и откако ѝ изнараскажав еден куп прикаски, не знам дали во моментот ми снема инспирација или навистина ми беше до искрени муабети, ама битно ѝ кажав за Дори. И откако ме прелажа да се излаам, се осмели да ми каже дека Дори всушност не постои. Еј, замисли!

Како и да е, после Лазар забранија да се ебат пациенти. Не беше дозволен ни допир. Иако, не ми е јасно како досега не научија дека штом му забраниш нешто на човек, забраната ќе ти се удри од глава стократно.

Мене не ми ни беше до ебењето. Јас само сакав да ja извадам Дори од тој затвор. Да си заминеме оттаму заедно. Затоа и дојдов доброволно. Со таа цел. Многу е лесно да одглумиш дека си луд. А и да те прогласат за луд. Можам цела книга да напишам. На секое прашање одговарај со нешто трето. Изговарај неповрзани реченици. Зјапај во една точка. Седи во тишина цел ден. Ова е питомо, а сосема доволно за дијагноза. Немој никако да се дереш наоколу и да имитираш сѐ што си видел на филм. Тогаш не само што ќе те изолираат, ами и ќе ти посветат премногу внимание, ќе ти тутнат милион апчиња, па не само што ќе си ги заборавиш мислите, ами и кој си и што си и на крајот ќе почнеш да си ја удираш главата од ѕид само за да почувствуваш каква било сензација.

Во главата често ми се расцветува сликава: Дори на усните става жарко црвен кармин, онаква црвена да посакаш да ја изедеш од убаво. Јас ѝ се приближувам, сакам да ѝ ги излижам усните, да го извадам тоа црвенило од неа. Таа се врти кон мене и како да претчувствува која ми е намерата, во истиот момент додека се поткачувам на прсти да ги лизнам нејзините нацрвени усни, таа ми го пика цел кармин во уста и почнува да се кикоти: „Имаш црвени заби, имаш црвени заби!“ Хмм, сонувам со отворени очи. Нека анализираат матичниве. Младиве доктори се поажурни, имаат каков-таков интерес, љубопитност ако ништо друго. Постариве издишани балони само мафтаат со клапнатите спермоносачи.

На почетокот, ме малтретираа деноноќно со цел да ја постават нивната посрана дијагноза. Морав да зборувам со часови. Прво одбивав – морав, нели, да глумам дека сум луда – па ги терав да истиснат по некоја фраза од мене тук-таму. Потоа сфатив дека ако вистински сакам таму да останам, ќе морам баш да се потрудам. Им раскажав многу приказни за чичко ми. Им зборував со саати за подигање сукњички, триења од колена и разноразни глупости. Затоа сега можам вака на повик да блаботам до немајкаде. Отпрвин го шалтав во глава она што сум им го кажала дента, да не ме фатат во лага, ама по некое време сфатив дека, напротив, токму несовпаѓањето на приказните може да им биде добар знак за лудост. Одбивање на свеста да ја прифати реалноста. Некој вид трауматска блокада. Или некое слично учебничко срање. Знаат они да објаснат, да изиграат, да заокружат.

Да ви кажам право, во финалето ме заболе мене и за посраните психијатри. Ти ја ебат или пичката или психата. А некогаш двете. Еве, отворете го моето досие и ќе видите десетина различни дијагнози. Божем сум длабока пореметена личност.

Слушам чекори. Изгледа дека истече времето. Доаѓаат да ја соберат изјавава. Дали го кажав најважното? ВРАТЕТЕ МИ ЈА ДОРИ! Ако некој воопшто чита, ве молам, ве преколнувам: правете ми што сакате, само вратете ми ја Дориии...........

Слики: Paco Pomet

ОкоБоли главаВицФото