28 март 2009

01.04.2010 16:18
28-03-2009-u3.jpg

Тогаш, на 28 март 2009, во најсоголена можна форма видовме дека партијата се поистоветила со државата и дека навистина сака да контролира сè: и живо и мртво и насмеано и смуртено и религија и историја и сегашност и споменици...

Помина една година од сега веќе историското тепање на граѓаните (главно студенти) што се обидоа да протестираат против изградбата на верски објекти на главниот скопски плоштад. Ако некој дотогаш сеуште имал некакви дилеми во однос на природата на власта на Груевски, дилемите тогаш се распрснаа; се покажа недвосмислено грдото тоталитарно лице на власта: не само што насилнички беше оневозможен мирен протест, туку организаторите на протестот дополнително беа судски гонети (и самиот добив судска покана, но не за присуство на протестот - иако во режимот на ВМРО и тоа е мошне сомнително - туку за текст објавен неколку дена по протестот; поради тој текст кој повикува на одбрана на Уставот и на заштита на граѓаните од повиците на линч, ме тужи за навреда новинарската Тупаница на режимот и еден од најозлогласените новинарски платеници во регионов). Тогаш, на 28 март 2009, во најсоголена можна форма видовме дека партијата се поистоветила со државата и дека навистина сака да контролира сè: и живо и мртво и насмеано и смуртено и религија и историја и сегашност и споменици и гулаби и кучиња и глутници и локално и централно и опозиција и медиуми и граѓански здруженија и судство... - буквално и тотално сè.

Дури неодамна дознавме што бил влогот и зошто реакцијата на власта беше толку ирационална и насилничка; за тајниот проект „Скопје 2014“, како што неодамна призна десната рака на премиерот, Мартин Протоѓер, пари од буџетот се одвојуваат уште од 2006 година. Во тоа интервју за „Утрински весник“ (од 13.02.2010.) Протоѓер вели дека е замислено проектот да трае од 2006 до 2014 и во тој период за него да се одвојува по половина процент од буџетот секоја година (девет години, значи, по 20 до 30 милиони евра годишно; некои владини извори подоцна зборуваа не за половина процент од буџетот туку за цел еден процент; а завршувањето на проектот го проектираа не во 2014 туку во 2018).


Ние што излеговме да се буниме против изградбата на верски објекти на плоштадот, на 28 март минатата година, поим немавме за проектот „Скопје 2014“. Како што поим немаа и сите други граѓани во земјава, освен Груевски, Протоѓер и евентуално уште некој. Не е јасно зашто е таен проектот за радикално менување на центарот на главниот град. Инаку, делумно е јасно дека тој проект е дел од исто така тајниот (кровен?) проект наречен антиквизација (никогаш консекветно изложен, ако не ги сметаме бизарните истрчувања на владината новинарска Тупаница која уште пред две години занесено ни објаснуваше што сè владата ќе преименува и изгради во антички дух, за инает на Грците). Антиквизацијата, пак, е единствената стратегија (а, велам, и таа е полутајна и никогаш јасно изложена) што власта ја применува во однос на најважното македонско политичко прашање: проблемот со Грција околу името. Знаејќи ја тезгарско-трговската политичка природа на Груевски, може да се претпостави дека антиквизацијата има и меркантилна природа: Грците нам ни даваат зелено светло за НАТО и ЕУ, а ние, т.е. бескрајно конструктивната и отворена политика на македонската власт, за возврат ќе го промениме името на градскиот стадион во Скопје, името на аеродромот, автопатот итн. Не е битно што ваков план не би поминал ни кај дете од трето одделение. Битно е што, повеќе-помалку, тоа е единствената стратегија што во однос на проблемот со името ја видовме од власта изминативе речиси четири години.


Денешните критички гледања на проектот „Скопје 2014“ се разнородни. Дел од критичарите мислат дека тоа е животниот проект на „пастирот“, особено со оглед на сосема неуспешниот четиригодишен мандат. И дека оттаму произлегуваат фанатизмот и ирационалноста со кои се брани проектот. Други коментатори велат дека проектот е мртвороденче во сите варијанти и дека е полигон за дополнително пљачкање. Трети велат дека станува збор за димна завеса, исто така во функција на понатамошното опустошување на буџетот, т.е. негова преселба во партиски и приватни џебови.

И покрај многуте отворени дилеми, се чини дека сè повеќе граѓани сфаќаат дека проектот „Скопје 2014“ е катастрофален, на речиси сите рамништа (економски, политички, законски, урбанистички, естетски, меѓунационални итн.). Тие мислења не продираат во „бункерот“, т.е. сеуште се третираат како „непријателска пропаганда“ на „соросоидите, предавниците и збирштините од геј и атеисти“. Ионака максимално нараснатите ровови меѓу граѓаните (кои Груевски неуморно ги копа од првиот ден на владеењето, и тука навистина е совршено доследен) изминатава година, значи, дополнително се проширија (антички против словенски, верници против атеисти, христијани против муслимани, педери и лезбејки против здравата заедница од маж и жена итн.).

Тешко е да се претпостави зашто Груевски толку длабоко инсистира да го подели македонскиот народ, по сите шевови и речиси до степен на граѓанска војна (оти толку грубото игнорирање на буквално сите мислења и постапки кои излегуваат од гравитационото поле на партијата, не може да се нарече поинаку освен соголено насилство). Одговорите на овие прашања, се чини, за среќа, ќе ги добиеме релативно брзо. Тоа значи дека - и покрај тоа што сме принудени да живееме во средина во којашто вистината, како во „Кралот Лир“, станала „пциште што мора да се прибере во дувлото" - токму вистинското согледување на сегашниов политички ќорсокак конечно ќе ја оконча бескрајната транзиција и ќе ја постави Македонија на пат кон излезот, кон Европа.

Погледнете и:

Спотот „ПРОТЕСТИ & КОНТРАПРОТЕСТИ Remix 2009

Како настана Плоштад слобода

11 април, нов протест

Фотографии: Марко Ковачевски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото