Невидливи љубови

07.11.2015 15:41
Невидливи љубови

Неодамна, во издание на Антолог, излезе од печат романот „Невидливи љубови“, кој е втор роман на македонскиот писател Владимир Јанковски, чија промоција ќе се одржи на 10 ноември во Галеријата при МКЦ, со почеток од 20:30 часот.

Во романот, авторот преиспитува некои од клучните аспекти на современата љубов: односот меѓу присуството и отсуството, опседнатоста со појавното и со видливото, идејата за Другиот како конструкција и како фикција. Како се однесува кон девојката што ја сака некој кој може да се преобразува во предмети? На кој начин сака човек опседнат со набљудување? Што прави оној кој, секогаш кога ќе се доближи до девојката во која е вљубен, станува невидлив? Ова се само дел од клучните прашања во романот.

Две нетипични бајки за возрасни премостени со една филмски раскажана приказна, во кои како во музичка композиција идеите варираат, се надополнуваат, си противречат или течат паралелно една покрај друга.

Промотор: Влада Урошевиќ
Водител: Иван Шопов
Читаат: Николина Андова-Шопова и Владимир Мартиновски

Во рамки на промоцијата ќе се одржи и разговор со авторот.

Подолу можете да прочитате извадок од романот.

 

ТРЕТ ДЕЛ:
НЕВИДЛИВИОТ ФИЛИП АЛЕКСОВСКИ

 

1.

Филип Алексовски имаше 35 години кога откри дека една силна привлечност може да го направи невидлив.
Се случи тоа на роденденската забава на неговата најдобра пријателка Емилија. Филип седеше на софата во форма на месести усни во дневната соба и ја набљудуваше забавата околу себе што малку по малку се претвораше во хаотична мешаница од гласна музика, пијани луѓе, случајни и намерни допири на тела, обид да се искажат зборови што никогаш нема да бидат слушнати. Пред него една девојка во кус црн фустан играше како за следниот ден да е најавен крајот на светот, а таа отсекогаш верувала дека последните часови на Земјата треба да ги помине танцувајќи. Го гледаше шантравото тегавење на нозете и размислуваше дали да остане на забавата уште 30 или 45 секунди, кога од кујната, стискајќи во десната дланка сензуално издолжена чаша со бело вино, се протна девојката за која подоцна ќе дознае дека се вика Ана. Излезе на балконот, кој, чудно и сосема нетипично за поетиката на ваквиот вид забави, беше сосема празен. Ја гледаше неколку секунди лиричната глетка на полупијаната Ана опкружена со четири велосипеди – предметите на желба на Емилија – и веднаш реши дека во тој момент му е потребен погледот од балконот на Емилија, сместен на тринаесеттиот кат во скопската населба Железара.

2.

Наскоро стана невидлив.
Беше чудно, необично, тешко за верување, ама тој, пак, отсекогаш верувал дека вистинските нешта се чудни, необични и некако не можеш да веруваш дека ти се случуваат.

3.

Значи, реалноста му удри фантастична шлаканица што никогаш не ја очекувал од неа.
Уште еднаш си ја повтори сцената во мислите, како да ја проверува. Стана од своето место на црвената „ролинг стоунс“ фотелја и меѓу шумата од тела се упати накај балконот. Додека се пробиваше беше сосема видлив, тоа го знаеше зашто јасно ги чувствуваше телата што се прилепуваа и одлепуваа од неговото, кусите остри погледи на танчарите, слабите потчукнувања со слабините или полупријатните триења од нозете и градите на девојките.
Веднаш штом стапна на балконот, застана покрај Ана и се обиде да ѝ го привлече вниманието. Таа се сврти кон него и, како да гледа воздух, нејзиниот поглед се зацврсти на седиштето од велосипедот обесен на ѕидот. Велосипед од марката „пух“ со седиште обложено со жолта кожа, таква жолта боја можеше да види само на цртаните филмови што понекогаш со својата четиригодишна внука Мила ги гледаше во есенските саботни попладниња.
Погледот на Ана поминуваше низ него како низ воздух. Се обиде да се помести, направи неколку пантомимски движења со дланките пред нејзиното лице.
Ана беше совршено рамнодушна. Можеби поради тоа, уште поубава. Како што може да биде убава девојка која на бучна забава е сама и размислува дали да скокне од балконот на тринаесеттиот кат.

4.

Во тој момент во приказната се вклучи елемент што ќе разреши дел од мистеријата, на Филип отворајќи му еден нов, дотогаш непредвиден свет. На балконот, во десната рака грациозно држејќи дебелкава чаша со сангрија, излезе неговата најдобра пријателка Емилија.
Емилија, онаа која опсесивно собираше велосипеди, а можеа да поминат месеци и месеци без да искористи какво било друго превозно средство освен велосипед. Емилија, онаа која веруваше дека секој човек, без разлика што прави и како живее, мора да има барем една налудничава идеја во животот.
– За барем малку да се почувствува жив. А ако си доволно упорен и конзистентен, колку и да е налудничава твојата идеја, животот ќе најде начин да ти изработи нешто од неа.
Налудничавата идеја на Емилија, појавена првата ноќ по разделбата со последниот љубовник, беше дека својот следен љубовник, оној со кој ќе остане најдолго, ќе го сретне при судир на нејзиниот со неговиот велосипед. Некаде на скопските улици или тротоари. Затоа, возеше лежерно и колку што е можно побрзо. Понепредвидливо и интуитивно.
– Батали љубовна приказна што се случува кога човек е претпазлив.
Емилија излезе на балконот и, пред Филип да направи движење со кое ќе ја поздрави, ја праша Ана дали случајно го видела Филип.
– Кој Филип?
– Оној кој пред пет минути седеше на софата и изгледаше како целиот свет да му е стуткан во џебот од претесните фармерки!
Ана не го беше видела... А очигледно ни Емилија не можеше да го види. Иако Филип мирно стоеше потпрен на балконот до нив и ги набљудуваше темните крошни на дрвјата во Гази Баба.

5.

Не му преостануваше ништо друго освен да си замине.

 

Владимир Јанковски е роден 1977 година во Скопје. Завршил општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Ги објавил книгите: Огледало за загатката (2003, разговори со Влада Урошевиќ), Скопје со широко отворени очи (2008, фотоесеј, заедно со фотографот Иван Блажев), Вечно сегашно време (2010, роман). Невидливи љубови е негов втор роман. На македонски јазик превел книги од Дубравка Угрешиќ, Ијан Мекјуан, Сузан Сонтаг, Џон Фанте, Маргарет Етвуд, Филип Дик, Чарлс Буковски.

ОкоБоли главаВицФото