Конкурс за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2015

07.11.2015 16:11
Конкурс за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2015

Издавачката куќа ТЕМПЛУМ по јубилеен десетти пат го распишува конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик.

Ракописите кои се испраќаат по електронска пошта треба да бидат напишани на кирилица во македонска кодна поддршка, со фонт 12, проред 1,5 во А4 формат. Наградата изнесува 1000 евра (бруто) и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.

Спонзор на наградата е Комерцијална банка.

Целта на наградата е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски...

Наградата ќе се додели кон крајот на месец декември 2015 година.

Услови на конкурсот: за наградата можат да конкурираат исклучиво дебитанти кои пишуваат на македонски јазик и кои претходно немаат објавено прозна книга.

Под проза пред сè ги подразбираме кусите или подолгите раскази и романи, но како проза ќе ги третираме и специфичните жанровски експериментални форми.

Важно: ракописот не смее да биде подолг од 160 страници, т.е. 300.000 компјутерски знаци, а да не биде покус од 48 страници, т.е. 90.000 компјутерски знаци.

Ракописите можете да ни ги испраќате до 6 декември 2015 година на следнава електронска адреса: konkurs.novite@gmail.com

Ракописите можат да се остават и во ГЕМ клубот (над кафеаната Менада) во Стара чаршија (улица Караорманска ББ, Скопје).

За сите дополнителни прашања можете да се обратите на истата адреса на која се испраќаат ракописите.

Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски и Михајло Свидерски.

Во продолжение, претставуваме извадок од романот „Бело и црвено“, минатогодишниот победник на конкурсот.

 

ФЕВРУАРИ 1917 – ПЕТРОГРАД

 

Во градот се насетуваше тензија. На ѕидовите од нашата куќа беше испишано долу империјализмот, а татко ми уште рано наутро ја отстрани паролата, испишана токму под мојата соба. Ноќта слушав гласови, трчање и викотници. Од соседните куќи, некој пукаше.

Речиси секој ден имаше протести по улиците, кршење на стаклата од работилниците и дуќаните, заплашување на приврзаниците и симпатизерите на царското семејство, свештенството и чиновниците. Луѓето низ градот почнаа да се движат со несигурност, а меѓу себе да се гледаат со недоверба. Беа едни против други, свртени со погледите како диви мачки, се плашат нешто да кажат, а до вчера си доверуваа многу тајни. Но, денес нема тајни, сè е откриено, останува уште да се разоткрие крајот на нашата неизвесност и несигурност.

Татко ми дома си дојде многу доцна. Скоро на полноќ. На работа имале состаноци за нивното можно ангажирање во армискиот резервен состав во градот. Војниците од редовниот состав веќе ги имаа запоседнато позициите предвидени за одбрана на градот, се празнеа магацините со оружје, храна и опрема за евентуално давање долготраен отпор во случај борбените дејства да траат подолго. Поставени беа два пункта пред поштата, веднаш спроти нашиот дом. Тоа, освен мајка ми, никого не го исплаши. Се организираа дневни и ноќни дежурства на влезовите од градот. Се распоредуваа чувари на пунктови по улиците, контролори на документи и пратки, се формира команда за споведување ред и мир, како и многу други служби за вондредни состојби.

Шетањето низ градот ни беше ограничено само во текот на денот до седумнаесет часот. Собирањата во групи и движењето без документи беа забранети.

Стравуваа возрасните, а покрај нив и ние, тогаш кога ќе се поткрадневме да ги наслушуваме нивните разговори, сериозни и загрижувачки.

Но, редовно ги извршувавме сите задачи што претстоеја, без прекини, сѐ уште живеевме нормално. Бевме деца полни живот и полет.

Денес посебно се радувам што од почетокот на учењето француски, за првпат прочитав книга во оригинал. На тоа се радуваше и monsieur Жерард, кој за овој труд беше убаво платен. Брат ми не зборуваше странски јазици, но затоа, пак, одлично свиреше пијано, надминувајќи ме во секоја нота.

Кројачот, чичко Јарослав, деновиве ни донесе одела, за мајка ми прекрасен долг фустан, за татко ми костим со црно палто, а нам бели кошули и црни панталони.

За Велигден ќе дојде и мојот вујко Николај Сергеевич Герасимов.

Во кујната мириса на штотуку приготвени јадења. Иако веќе одамна ги одминавме годините кога ни беше потребна дадилка, мајка ми ѝ дозволи на Антонина да остане да ни служи. Сега работеше и како послуга. Во детството, кога мајка ми беше отсутна, Антонина ни беше како мајка. Јас не ја сакав бидејќи навечер, кога ќе легневме и ќе побаравме да ни раскаже некоја приказна, наместо приказни, ни пееше приспивни песни. Јас со песни не можев да заспијам, напротив – ми пречеше. Многупати ја опоменував, но таа не се поправаше. Решив и јас да бидам непослушен, па кога секое утро во градината собираше свежи цвекиња што мајка ми ги обожуваше, јас ѝ се прикрадував, им ги кинев дршките и ги мешав боите. Знаеше да збесне и од лутина и да заплаче, а тоа мене ми причинуваше неизмерно задоволство. Драго ми беше кога ќе ја видев расплакана и нервозна, а тоа значеше дека сум успеал во својот потфат да ѝ напакостам.

Антонина имаше задача да ги приготвува нашите алишта кога ќе одевме на бал или на театарска претстава, или кога татко ми и мајка ми одеа на опера или на некој значаен прием. Работеше со потпевнување, што исто така ме нервираше. Имаше ужасен глас. Ако не знае да пее, подобро е човек да замолкне, наместо да им ги пара ушите на оние што се во негово опкружување, принудувајќи да слушаат нешто сосема извитоперено.

Една вечер кај нас имавме гостин, угледен професор по филозофија од Москва, Борис Тихрович. Јас штотуку ќе легнував да спијам, но се подвратив кон трпезаријата да го наслушнам нивниот разговор, привлечен од високите тонови на татко ми, кој вообичаено беше тивок човек и смирен во своите гестикулации.

– Зошто се борите сето ова време? Која е вашата цел – го запраша татко ми професорот, смирено подголтнувајќи од виното. Ладнокрвно.
– Сето ова што сега го гледате околу вас припаѓа на еден или на двајца. Утре ова ќе им припаѓа на сите. Ете, за тоа се бориме.
– Класната борба не е ововремена појава, таа постоела и претходно – продолжи татко ми.
– Да, но сега веќе појавата кулминира. Овој пекол на земјата еднаш мора да доживее рушење и распаѓање – речиси разлутено почна да одвраќа професорот.
– И феудализмот имаше свои окови, господине Тихрович. Буржоазијата ги уништи. Вие сега ја уништувате буржоазијата и носите комунизам. Така и стегите на комунизмот еднаш ќе паднат. Сѐ е круг. Сѐ се повторува, понекогаш и по неколкупати.
– Грешите! Сосема сте во заблуда! Комунизмот е трајно решение, обид за преуредување на целокупното човеково општество, ново раѓање на нашето постоење. Ова не утопија, не е занес, ниту превозвишен идеал или залудна мечта, туку реална перспектива и излез од оваа агонија. Тоа е чекор напред за кој ќе дознае целата земјина топка. Веќе нема класи, нема поголеми и помали. Сите сме едно исто.

Слики: Siobhan McClure