За „Адам и Ева“, сликата на Дирер

09.11.2015 10:01
За „Адам и Ева“, сликата на Дирер

Албрехт Дирер, Адам и Ева (1507), Прадо, Мадрид

 

Додека Ева го зема јаболкото, се чини дека воедно ја проверува реакцијата на Адам без да му го наметнува донесувањето на одлуката. Адам делува несигурно, но ‒ за разлика од Ева ‒ во свесното прикривање на срамниот предел со гранче на кое веќе виси јаболко се гледа дека ќе биде подготвен да го прифати плодот. Изолираната положба на Адам пред празнината на мрачната позадина може да се смета, позитивно гледано, како независност со помош на која тој донесува одлука, наспроти божјата забрана, да го земе јаболкото. (...) Ева е, пак, толку живописно поврзана со своето опкружување, со природата, што речиси несвесно посега по јаболкото и притоа се потпира врз дрвото на познанието на доброто и злото. Само нејзиниот испитувачки поглед не се вклопува во однесувањето, кое најпрвин остава впечаток на интуитивност. Дирер, значи, чинот на Ева го претставува амбивалентно, помеѓу несвесното однесување и замислениот поглед. Адам, наспроти тоа, е препуштен сам на себе и принуден е да одлучи. Оваа „студија на однесувањето“ прикриена е со телесната присутност и убавина на првиот човечки пар ‒ чие дејство е засилено со големиот формат на сликата ‒ кое секако зрачи со еротичност.