Театарски претстави, проекција на филмови и предавања на Скомрахи #27

09.11.2015 11:50
Театарски претстави, проекција на филмови и предавања на Скомрахи #27

„Група амбициозни студенти во неколку скромни бараки на Факултетот за драмски уметности во Скопје, со скромна програма, одличен концепт, организациски проблеми и гости од четири факултети, во далечната 1988 година ги иницираа средбите на Академиите за драмски уметности во тогашната држава Југославија. Новороденчето беше заведено под името СКОМРАХИ, оригинално име кое сугерира патувачки актери, комедијанти, танчари, талкачи и творци, верни на актерското битие и субверзивни во однос на сè.“

Тоа новорденче малку порасна, наполни 27 години. Роденденот реши да го прослави во Драмскиот театар, а таму присуствуваа неговите редовни пријатели од Македонија, но и гости од сите поранешни југословенски држави. По свеченото отворање следеше дипломската претстава по актерска игра „Сината соба“ на студентите при класата на проф. Златко Славенски. Актерите ни претставија десет комплексни карактери со различни приказни. Секој од нас се препозна во страдањата и копнежите на самите карактери. Темата е меѓучовечкиот однос и перцепцијата за љубовта и сексот. Телата на актерите како да лебдеа на ритамот на одлично избраната музика и се преплетуваа од една во друга ситуација, за на крајот да го затворат и заокружат кругот од десет сцени. По скромниот коктел во Драмскиот театар продолживме на добро познатата локација - бифе на ФДУ. Како контраст на барокниот шлаг или шампита (како сакате), културниот центар Кула ни подари инсталација со перформативен карактер, чија цел е да се прошета низ градот, што е можно погласно. Нејзината структура е изградена целосно од ѓубре, отпаден материјал, најчесто метал, алуминиум, тротинет и тркалца од велосипед. Изненадувањето го доживеавме веднаш штом влеговме во дворот на ФДУ. Доволен мотив за журкање е самото отварање на Скомрахи, но оваа година имавме плус мотиви. Добро познат факт е дека на ФДУ учат само генијалци, желни за знаење и усовршување, па затоа се јавува потребата од запишување на минимум два факултети паралелно. Некои од нив, заведени од актуелната политичка пропаганда „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, успеваат да ги завршат и двата. Таков генијалец е нашиот колега Горјан Арсовски кој само што дипломираше на Филошки факултет. Горјан реши да ја прослави својата дипломска токму во бифето на ФДУ. Кој вели дека трансфер-системот не функционира? Бендот „Онија“ се погрижија за одличната музика. Мотивацијата беше силна, па затоа журката заврши дури во утринските часови.

Сцена од претставата „Сината соба“ 

Поспаните актери кои заглавиле на журка беа разбудени од професорката Аида Буквиќ од Загреб, која како искусна режисерка го пренесува своето знаење на идните актери. Станува збор за работилницата „Кратки резови - емоции и тело“. Потоа следуваа кратки дијалошки форми со чија помош таа се обиде да го одвои говорењето од физичкото движење, или емоција од телото. Следни на програмата беа кратките филмови од ФДУ Тирана. „Вештерски векни“ е трагикомедија работена според приказна од О' Хенри. Со намера да му помогне на еден архитект преку симпатичен гест, кој за жал му го уништува архитектонскиот цртеж, на кој архитектот работел неколку денови. „Месо“ е вегетаријански документарец во кој приказната е раскажана од перспектива на животните во кланица. Овој филм нè провоцира да си одговориме на прашањето околу наводниот закон на природата: „Дали некој треба да се жртвува за другиот да живее добро?“ „Одметник“ е филм за голема дилема и морален предизвик. Од студентите од ФДУ Цетиње имавме прилика да ги погледнеме филмовите „Патос“ и „Umir krvi“. Кога забите, што ни се дадени од природата, немаме капацитет да загриземе во светот, тие ни стануваат туѓо тело во сопствената глава. Сето ова го гледаме во „Патос“ кој ни ја претставува приказната на еден комплексен карактер. „Umir krvi“ е филм за последиците од еден трагичен настан кој ни ја дефинира баналноста на одмаздата. Следеа кратките филмови од ФДУ Приштина. „Бесата на Константин“ е филм работен според романот на Исмаил Кадаре „Кој ја донесе Дорунтина“ - митска приказна за јунакот кој се враќа од светот на мртвите за да го одржи дадениот збор или беса, што кај албанската култура е збор над сите гласови. „Инфинит“ е филм за два лика кои, секој во својот сопствен простор и свет, успеваат да се заробат еден со друг во некаква трета натприродна димензија. „Барајќи ја зелената боја“ е филм инспириран од сликата на Муслим Мулиќи „Реализам, надреализам, судир на реалноста“. (Не)поврзаноста на ситуациите му дава надреалистичка димензија на целиот филм, сè до моментот кога го разоткриваме патувањето низ сопствената ментална болест на протагонистот. „Сукубус“ е филм за млад уметник кој вечно заглавува во сопствениот сон кој не му дозволува да се врати во реалноста.

По проекциите, во Драмски театар имавме прилика да ја погледнеме претставата „Реквием на времето“ од студентите при катедрата за пантомима и физички театар од НАТФИЗ Софија. Тие директно им се спротивставија на законите на физиката и покажаа дека кохерентната некохерентност може да функционира без никакви проблеми и тешкотии, а истовремено да биде разбирлива и кристално јасна. Потоа, повторно на ФДУ.

„Бог да го прости“ е монодрама работена според „Петријан Венац“, магистерски труд на студентка од ФДУ - Белград, што лично предизвика сомнеж дека се работи за некоја „мрачна естетика“, како што некој милува да каже. Но таа едноставно си поигра со нас и успеа да ги избалансира и суптилно ни предизика емпатично да се поврземе со една неписмена селанка интерпретирајќи ни еден бравурозен „шумарски блуз“ со помош на неколку фотографии, една маса, едно столче и шише ракија.

По претставата, повторно журка во бифе на ФДУ. Ѕидовите на бифето беа украсени со делата на младиот уметник Сали Ертунч. Концептот на изложбата „Annoying dog“ е еден обид за материјализација на неизбежното „Досадно куче“, кое нè очекува, насекаде, во сите сфери на животот. Изложените слики ја чувствуваат уличната естетика преку дизајнерското обмислување комбинации на актуелни симболи, карактеристични за неолибералниот капитализам. Вечерта за журката се погрижија Сали и Цеци и секако, повторно „извозевме“ сè до утринските часови.

За сите подетални информации околу манифестацијата посетете ја facebook страната на Студентскиот парламент на Факултетот за драмски уметности и Академска сцена.