Прав фашизам во Крива Паланка - оштетен објект во кој се молеле Роми!

10.11.2015 03:52
Прав фашизам во Крива Паланка - запален објект во кој се молеле Роми!

Куќа во која се одвивале верски обреди, а која требало да биде еден вид замена за џамија во Крива Паланка, е руинирана во петокот попладне, во големиот протест на жителите, кои, како што изјавија, се спротивставуваат на исламизација на градот.

Во Крива Паланка нема верски објект за припадниците од муслиманска вероисповед. Населението беше повикано на протест преку социјалните мрежи.

На ова остро реагираше Платформата против верската омраза чии потписници се повеќе невладини организации - Хелсиншки комитет за човекови права, МИМ, Цивил, Метаморфозис и Пактис.

„Градоначалникот известува дека градењето на православна црква или какви било други верски објекти не претставува нарушување на правата и на чувствата на другите верски заедници, истакнувајќи дека додека е тој градоначалник, ќе се градат единствено објекти на православната вероисповед. Како реакција на оваа дебата, меѓу граѓаните почнува иницијатива за собирање потписи против изградба на џамија во Крива Паланка. Наредниот ден се објавува споменатиот плакат, кој поттикнува нетрпеливост кон граѓаните од исламска верска исповед“, пишува во реакцијата на Платформа.

Во изјава за „Мета“ градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексов, вели дека џамија нема да се гради затоа што мнозинството од населението во овој град е православно.

- Ромското население, во изнајмена канцеларија, направи импровизирана џамија и таму се молат, но официјално, во општината нема план да се изгради џамија во градот - рече Алексов.

Плакатот кој содржи верска омраза, а послужи како повик за протест во Крива Паланка

 

Муфтијата Абедин Имери, кој го обвини градоначалникот на Крива Паланка за поттикнување верска омраза, повика на разум и толеранција.

- Ние сме погодени и разочарани, затоа и во нашата реакција од органите на редот баравме да се преземат мерки. Тие што го сториле ова да излезат пред лицето на правдата и да бидат казнети, бидејќи ако продолжиме вака, нема да има соработка, толеранција и соживот - вели Имери.

Во соопштението од кумановската полиција се вели дека се преземени сите мерки за откривање на сторителите. МВР направило увид и ги документирало штетите на инвентарот, а на распит се повикани 40 жители на населбата каде се наоѓа објектот. Досега нема информации за приведени или обвинети за ова вандалско дело.

Според МВР, на протестот во петокот присуствувале околу 1.200 граѓани.

„Истиот ден, околу 18.30 часот, кога во објектот немало никој, од засега непознати сторители било извршено оштетување на истиот. Од страна на увидната екипа од ПС од ОН Крива Паланка веднаш е излезено на местото на настанот и по овластување на Јавниот обвинител извршен е увид, при што е констатирано дека е направено оштетување на осум прозорски стакла и на дел од инвентарот во куќата“, стои во соопштението.

Според Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и во правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Истовремено, во член 19 од Уставот се гарантира слободата на вероисповедта, како и слободата на практикување верски и религиски обичаи на сите верски заедници во Република Македонија.

Дали Крива Паланка е реприза на Диво Насеље?

Демократска унија за интеграција (ДУИ) смета дека тензиите во Крива Паланка се мотивирани за да предизвикуваат верска нетрпеливост во оваа средина.

„Спротивставувањето на изградбата на еден верски објект на муслиманската заедница се случува во една средина каде што верската разноликост треба да се смета за богатство, а не за хендикеп во односите меѓу луѓето со различни идентитети“, се вели во соопштението на ДУИ.

Новоформираната партија „Унитети“ потсетува дека основните права и слободи на човекот, како и верските слободи и права се гарантирани со Универзалната декларација на ОН и со Уставот на Македонија и никој не смее да ги прекршува.

„Апелираме до органите на редот што побрзо да се откријат вандалите и да се изнесат пред правдата, а Владата да не поттикнува меѓуверски и меѓуетнички инциденти за да ги покрива неуспесите на политички план“ - велат од партијата.

Со осуда излезе и Обединети за Македонија.

Стравот од исламизацијата е само изговор за спроведување на нечие сценарио за создавање тензии, нетрпеливост и немири, кое води само кон единствена цел за дестабилизација на земјава.

Обединети за Македонија ги повикува надлежните институции веднаш да реагираат и да спречат натамошни ескалации“, велат од партијата.

Извор: Слободен печат